Разговор со театарската продуцентка Тања Дешко: Нашата цел е и секогаш ќе биде добар театар!

Тања Дешко од „АртАктУм“

Втората проекција во рамките на проектот „Театар на платно“ на „АртАктУм“ ќе се одржи на 31 мај (среда), со почеток во 19 часот, во Кинотеката, каде ќе биде прикажана театарската претстава „Донка – Писмо до Чехов“ во режија на Даниеле Финци Паска.

Проекција на театарска претстава која можете да ја видите на театарска сцена, веројатно, нема да биде голем предизвик за театарската публика. Но, доколку станува збор за проекција на театарско ремек-дело што никако не можете да го видите во живо, тогаш ќе ја сфатите идејата за проектот „Театар на платно“ на новооснованата компанија „АртАктУм“.

За импресиите од првата и во најава на следната проекција во рамките на проектот разговаравме со театарската продуцентка Тања Дешко.

Минатиот месец се одржа првата активност на проектот „Театар на платно“ во продукција на компанијата „АртАктУм“ со проекција на танцов перформанс на Пина Бауш. Со каков концепт е замислен целиот проект за прикажување театарски претстави на платно?

– Ние сме многу млада компанија, ама имаме многу амбициозни цели. Првата и наjважна цел на проектот „Театар на платно“ е да споделиме со публиката значајни и импресивни претстави, кои во некоја смисла го смениле патот на перформативното искуство. Некои од тие претстави уште живеат и гостуваат, и ние многу би сакале некогаш и да ги донесеме во Македонија. А покрај ова има и уште една многу важна работа – по секоја претстава правиме дискусија – разговор заедно со публиката и со експерти „провокатори“ за да се обидеме да ги откриеме тајните, метафорите и повеќезначноста на тие претстави.

Првата таква средба по „Кафе Милер“ (Café Müller) ни покажа дека македонската публика има голем интерес и потреба за тоа и по разговорот сум сигурна дека сите си заминаа со некои нови чувства и размислувања. Многу би ни значело ако создадеме традиција на вакви настани.

Атмосфера од дебатата по првата проекција во рамките на проектот „Театар на платно“

Имајќи ја предвид посетеноста на првиот настан и љубопитноста на публиката, какви се вашите импресии по првата проекција во рамките на проектот?

– Ми се чини дека луѓето се многу гладни за ваков театар, за вакви претстави за кои веројатно слушнале, ама немале можност да ги видат, а дополнителен плус е и тоа што можат да ги споделат своите импресии и да се почувствуваат себе си како дел од друштво со исти интереси. Како што веќе кажав, бев фасцинирана од големиот интерес на публиката. Ама и погледнете ги сликите, каква интересна, интелигентна, отворена и продуховена публика имавме на првиот настан, со многу интересни мисли и прашања што извираа од муабетот. Чувството дека на луѓето многу им недостасува тоа што го направивме ни беше точно. И очекувам со секоја наредна претстава и разговор интересот да се зголемува.

Наjважна цел на проектот е да споделиме со публиката значајни и импресивни театарски претстави

Следната проекција во Кинотеката ќе се одржи на 31 мај, кога ќе биде прикажана претставата „Донка – Писмо до Чехов“. Кои се главните карактеристики на претставата?

– „Донка“ е генијална претстава на Даниеле Финци Паска, режисерот на отворањата на Олимписките игри во Торино и во Сочи, како и на две претстави на „Циркусот на сонцето“ (Cirque du Soleil). Оваа претстава е направена во 2010 година во Русија во копродукција со фестивалот „Чехов“, по повод 150-годишниот јубилеј од раѓањето на Чехов. Од една страна, претставата е сосема нечеховска, каде на сцена ќе видиме циркус, кловнови, акробати, проекции, современа музика… Но, на крајот сфаќаш дека во неа го има најважното од Чехов – тежина во некој свој свет, суптилни односи меѓу ликовите и неговата (Чеховска) филозофија. Финци Паска се втурна во животот на писателот преку неговите дела и дневници, дешифрирајќи ги неговите белешки и давајќи боја и форма на сето она што самиот Чехов мистериозно го премолчувал.

Донка е риболовен стап за риба што живее на дното со ѕвонче кое ѕвони кога рибата се фаќа. Режисерот беше фасциниран од оваа слика и, според мене, тој влегува доста длабоко во филозофијата на Чехов, барајќи ги неговите поенти и го зафрла својот риболовен стап во езерото на циркуската фантазија, раѓајќи визуелна поезија од предмети и тела кои висат во вселената. И тука Финци Паска ни раскажува за Чехов – доктор, Чехов – писател, Чехов – обичен човек со своите слабости, Чехов – господар на поттексти. И како гледач, најчесто не знаеш дали треба да се смееш или да плачеш, а на крајот го правиш сè тоа заедно.

Сцена од претставата „Донка – Писмо до Чехов“

Во претставата нема многу текст, но тоа е филозофијата на работа на Финци Паска – повеќе значење им придава на подтекстот, сликите, симболите, музиката, со кои ја создава целата атмосфера на претставата. А преку таа атмосфера, всушност, ни раскажува за Чехов, без многу зборови. За разлика од многу руски истражувачи на животот на Чехов, можеби тука Финци Паска почувствително и подлабоко го разбрал и го осетил. Во претставата има акцент на една реченица на Чехов: треба да се прикаже животот не како што е и не како што треба да биде, туку како што го замислуваме во соништата.

Според кои критериуми ја правите селекцијата на претставите и колку проекции се предвидени во проектот?

– Критериумот е еден, претставата треба да биде интересна, возбудлива, за да имаме за што да разговараме и да откриваме во неа по проекцијата. Пробуваме да не бидеме пристрасни и да не ги одбираме само тие продукции што нас ни се допаѓаат, туку тие претстави и режисери без кои не може да биде испишана театарската историја. Проектот ќе трае сè додека има интерес, кој се надеваме ќе расне и нема да згасне.

Со каква цел е основана компанијата „АртАктУм“, кои се основачите и соработниците на продукцијата?

– Сега засега сме многу малку, само тројца, ама какви тројца! На најважните позиции се луѓе на кои би ни завидувале сите македонски компании: уметнички директор на „АртАктУм“ e режисерот Иван Поповски, а технички раководител – продуцент Павле Игновски. И мислам дека во друштвово имаме многу здрава, инспиративна, весела, работна, другарска атмосфера, и се надевам дека на овие чувства нема да им има крај. Секако, имаме и многу другари, кои му помагаат на „АртАктУм“ кој како што знае и умее: имаме инспиратори, промотори, теоретичари, новинари, уметници, дизајнери…

Тука е и Кинотеката, олицетворена во Владимир Љ. Ангелов, кој исто беше многу заинтересиран за проектот и чија поддршка многу ни значи. Нашата цел е и секогаш ќе биде добар театар! Добриот театар е најважниот критериум, кој апсолутно го следиме во селекцијата за „Театар на платно“, во селекцијата на претстави за гостувања во Македонија, а и во создавањето на нашите идни продукции, за кои интензивно размислуваме. Ама сега засега, нема да ги откријам сите тајни!

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 180, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.5.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот