Разговор со Субверзивен фронт: Македонија ја доби првата Национална линија за советување на ЛГБТИ+ лица

Летово Македонија ја доби првата Национална линија за советување на ЛГБТИ+ лица – Зошто постои, како функционира и кој сѐ може да се советува на линијата, ги прашавме Давид Тасевски, психолог и проектен координатор во Субверзивен фронт, како и Антонио Михајлов, извршен директор на ова македонско здружение за сексуални и родови малцинства.

СП: Летово Македонија ја доби Првата линија за советување на ЛГБТИ+ лица – Зошто постои, како функционира и кој сѐ може да се советува на линијата со повикување на телефонскиот број 075 24 11 24?

Давид Тасевски: Постоењето на сервиси од ваков тип ни е од огромно значење. Пред оваа линија, се отвори и линијата за позитивно родителство. Ова се прекрасни проекти кои можат да допрат до најразлични целни групи. Меѓутоа ако се насочам кон ЛГБТИ линијата и причината за постоење на овој сервис, за жал ќе морам да зборувам за нашата средина во која ЛГБТИ лицата го кријат својот идентитет, па оттаму според истражувањата ќе треба да зборувам за тема која се одбегнува да се зборува на нашето поднебје, а тоа е самоубиството. Притисокот од средината, затвореноста, живеењето „двоен“ живот, насилството, може да влијаат негативно врз менталното здравје, а сериозните потешкотии во менталното здравје, особено кај оние затворени лица кои немаат идеја каде да се обратат, може да заврши фатално. Линијата исто така, ни е контакт до лицата од малите средини, кои секојдневно живеат во страв и немаат начин да дојдат во контакт со лица кои ги делат истите интереси, или пак да дојдат до стручно лице кое ќе биде професионално.

На линијата може да се јави ЛГБТИ лице и да разговара за сексуалната ориентација и родовиот идентитет за кои не мора да биде сигурно, и ќе има можност на глас да ги каже мислите и да добие насока од стручно лице. Може да зборува за интимни врски, релации со семејните членови, семејно насилство, булинг, прашања поврзани со соопштување на сексуалната ориентација, проблеми во работна средина, прашања поврзани со безбеден секс, потешкотии со менталното здравје итн. Она што ни е важно, е што нашите стручни лица на линијата, се подготвени и за консултација со колегите од центрите за социјална работа, колегите од училиштата кои можеби имаат ЛГБТИ лице или ученик кој има потреба од помош, а тие немаат идеја како да му помогнат.

СП: Кој ја крева слушалката? Кои се лицата кои нудат совет и поддршка?

Давид Тасевски: На линијата работат стручни лица, психолози, социјални работници, кои имаат работно искуство во областа. Сепак, покрај работното искуство кое го имаат, и најголем дел од нив биле или се дел од некоја од школите за психотерапија, пред да ја отвориме линијата, подготвив програма за четиридневна обука, и заедно со колешката Вида Гаврилоска која е тренер во школата за семејна и системска психотерапија, одржавме обука на тимот пред да започне со работа. За тимот, имаме обезбедено и супервизиски средби на кои може да разговараат за нивните професионални предизвици со супервизор, кој исто така им помага во подобрување на нивните вештини на телефонско советување.

СП: Линијата е во функција речиси еден месец – колкав е одзивот досега, дали припадниците на ЛГБТИ+ заедницата во Македонија и нивните најблиски се охрабруваат да побараат совет, поддршка и помош?

Давид Тасевски: Не знам дали да го започнам како позитивно, меѓутоа, работејќи веќе седум години стручна работа, моето искуство вели дека на ваков сервис му е потребно време, за било која од целните групи за која е наменет, да создаде доверба и да ги користи услугите. Сепак, за мене очекувано, на нашата линија повик добивме уште на првиот работен ден, што зборува за потребата од ваков сервис за ЛГБТИ лицата. Откако Линијата започна со работа на 5 август досега евидентиравме 34 повици од 24 различни корисници, притоа имајќи предвид дека Линијата работи со смени од 4 часа дневно, 5 дена во седмицата. Да не заборавиме дека сите истражувања ни зборуваат за двојно поголем процент на булинг кон ЛГБТИ младите во училиштата, помала врсничка и семејна поддршка, насилство во домот кое го трпат, кое пак резултира со двојно пријавени психосоматски тегоби, депресивно расположение и суицидни мисли. Од таа причина, мораме да се потрудиме овој сервис непречено да продолжи со работа.

СП: Што се случува кога некој пријавува вознемирување или насилство на линијата?

Давид Тасевски: Нашите советувачи на линијата се обучени да направат соодветна проценка, и секогаш на прво место е безбедноста на корисникот кој се јавува. Доколку се работи за насилство кое лицето го трпи во моментот, се бара безбеден начин лицето да ја напушти средината, а најчесто зборуваме за насилство кое се случува во домот, и веднаш да се пријави. Соработуваме и со колегите од Сигурната куќа, која е шелтер центар за ЛГБТИ жртви на насилство или под ризик од бездомништво, и согласно со нивните протоколи за работа, за лицето може да се обезбеди сместување. Доколку зборуваме за случај на дискриминација, вознемирување, нудиме бесплатна правна помош, или повторно се тука нашите партнерски организации кои исто така нудат бесплатна правна помош. Секако, секоја одлука се носи во согласност со потребите на корисникот, и се трудиме да му обезбедиме повеќе опции од кои може да избере, секако, повторно со наша помош.

СП: Познато е дека најмаргинализираните лица во Македонија се соочуваат со потешкотии во општеството поради дискриминација, а тоа директно влијае и на основните потреби за достоинствен живот, можностите за вработување и домување. Со оглед на тоа што целиот свет се соочува со пандемија и изминатите месеци беа особено тешки, како целата состојба со новиот коронавирус се одрази на припадниците на ЛГБТИ+ заедницата?

Давид Тасевски: Како што и самите кажавте, пандемијата влијаеше кај секој од нас на различен начин. Некои успеаа да си го организираат времето, а одредени струки продолжија со работа во текот на сите месеци. ЛГБТИ лицата се присутни во секоја професија, возраст, со различни нивоа на образование, па не би можел да кажам генерално како се одразила пандемијата на сите ЛГБТИ лица. Тоа е исто како кога би го поставиле обратно прашањето, како се одрази пандемијата на стрејт луѓето? Ќе навлеземе во генерализација и пакување на една цела група во една кутија. Она што е специфично кај ЛГБТИ младите кои беа затворени тој период, ако зборуваме особено за оние кои можеби свежо ја соопштиле нивната сексуална ориентација, па останале во тие моменти затворени во домот со родителите кои често знаат да имаат бурни реакции, па дури и да бидат насилни кон своите деца кога ќе ја дознаат оваа информација. Во тој случај, неможноста на младите луѓе да се социјализираат со блиските луѓе кои ги разбираат, или како што кажавме во најнепосакуваниот случај, на лицата кои трпеле насилтво во домот, секако дека затвореноста се одразила негативно. Особено, затоа што при насилство во домот од било која друга причина, охрабрувањето за пријавување е поголемо, отколку кога се разботи за насилство поради сексуална ориентација. Во овој случај на насилство, лицето кое го трпело насилството стравува од откажување на семејството од него, отфрлување и бркање од домот, и за жал она кое ни е најголем проблем е процесот на пријавување, во кој дел од ЛГБТИ лицата не се охрабруваат да пријават поради можноста од потсмев од страна на професионалците во институциите кои не се однесуваат професионално, и стравот од протекување на информацијата и аутирање на лицето без негова согласност.

СП: Првата линија за советување на ЛГБТИ+ лица се вбројува во низата успешни проекти кои Субверзивен фронт ги реалзира изминативе години. Која е вашата следна цел?

Давид Тасевски: Секако имаме повеќе цели, меѓутоа онаа која е поврзана со линијата како сервис, е да најдеме начин како да обезбедиме психотерапевтски услуги за нашата целна група. Субверзивен фронт и досега финансиски покрива одреден број на сесии за психотерапија и советување, но бројот на лица кои ја бараат оваа услуга се зголемува, а начинот на кој досега функционираме не е одржлив. Па, мене како психолог кој работи семејна и системска психотерапија, секако фокусот ми е отворање центар за советување и психотерапија на ЛГБТИ лица. Вакви центри и советувалишта отворени преку проекти, имаме за други целни групи, но не и за ЛГБТИ лицата кои постојано повторуваме дека се под зголемен ризик од проблеми со менталното здравје токму поради притисокот од средината, говорот на омраза, дискриминацијата и насилството. Мојот личен фокус во наредниот период, и фокусот на организацијата, ќе се потрудам да биде изнаоѓање начин за отворање на ваков сервис.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот