Разговор со сликарката Симонида Филиповa Китановска: Уникатен дијалог на два живописни изрази
Во КИЦ – Скопје од 22 октомври до 4 ноември е поставена изложбата „Водени предели: Импресии од патувања и култури“, која содржи акварели од Симонида Филиповa Китановска и Ари де Гоеш и открива два исклучителни уметнички светови.
Заедничката изложба на Симонида Филиповa Китановска и Ари де Гоеш е фузија на многугодишните искуства и посветеноста кон уметноста на двајца артисти, претставена во форма на уникатен дијалог помеѓу нивните рафинирани техники и емотивни изрази. Акварелната техника е средство со кое овие визуелни уметници, и неуморни патници, ја доловуваат флуидноста и постојаната трансформација на пејзажите со кои се сретнале и на влијанијата од културите што ги апсорбирале на секое едно место при своите патувања.
Симонида, позната по нејзината техничка сензитивност, користи енергични потези и живописна палета на бои за да создаде апстрактни форми кои одекнуваат како импресии од нејзината културна траекторија. Водената боја, применета со мајсторство, им овозможува на нејзините композиции да бликаат со својата длабочина и динамика, додека транспарентноста меѓу слоевите создава игра на светлина и сенка што го предизвикува гледачот да погледне под површината. Нејзиното широко искуство како визуелен уметник е очигледно во богатите детали на формите и нејзината способност да го преведе со совршена прецизност хаосот и енергијата на урбаните и природните пејзажи што ја инспирирале.
Од друга страна, Ари де Гоеш се фокусира на едноставноста на пејзажите во форма на елегантни полуапстракции, каде што рафинираната техника е фундаментална за постигнување на посакуваната леснотија и спокојство. Неговата прецизна употреба на техники засновани на вода, комбинирана со поедноставување на формите, ги облагородува пејзажите со контемплативен карактер, дозволувајќи му на гледачот да се нурне во спокојот на неговите композиции. Преку транспарентноста и суптилните контрасти, Ари ги претвора обичните сцени во длабоки визуелни рефлексии.
Технички, изложбата „Водени предели“ открива уникатна хармонија помеѓу гестуалната експресивност на Симонида и контемплативната леснотија на Ари де Гоеш. Патот до нивното заедничко претставување ни го открива Симонида Филиповa Китановска.
Како се случи со Ари де Гоеш да имате заедничка изложба, каде се запознавте и како тој се најде во Скопје?
– Минатата година Ари ме посети во Скопје. Доби идеја да направиме заедничка изложба. Идејата беше одлична и резултатот е видлив во изложбениот салон на КИЦ во Скопје. Се запознавме на акварелен фестивал во Санта Круз, Португалија, во 2018 година. Наредната година, по негова покана, бев во Бразил за првпат. Две години подоцна повторно ме покани да изложувам и да одржам работилници во неколку градови во таа голема и прекрасна земја.
Двајцата ја користите техниката акварел за реализација на изложените дела. Зошто баш таа техника?
– Ари отсекогаш бил акварелист. Јас ја работам оваа техника поинтензивно изминативе десетина години. Претходно, се изразував во други техники (масло, акрилик, колаж, видео, инсталација и перформанс). Еден ден решив да се навратам на акварелот. Оваа техника содржи особености што не се карактеристични за другите медиуми. Не дозволува поправки, креативниот чин е брз, бидејќи бојата брзо се суши, интуитивноста и експресивноста ѝ се вродени и особено изразени.
Во твоите дела се забележуваат флорални мотиви, додека кај Гоеш се застапени пејзажи. Од каде потекнуваат инспирациите?
– Тематиката е сосем случајна. Но, концептот на изложбата беше да содржи дела инспирирани или настанати на нашите многубројни патувања по светот. Нема подобар начин да се осетат боите и аромите на Индија од патувањето по таа магична земја, ќе почувствувате дека никогаш не сте виделе плажа додека не го посетите брегот на Атлантикот во Бразил… а понекогаш инспирацијата е во дворот зад куќа.
Често си присутна на колонии и фестивали за акварел. Кои се спецификите на акварелната техника?
– Носителот на бојата е пигментот. Маслената техника подразбира мешање на пигментот со масло. Акварелната техника употребува вода наместо масло. Делата насликани со маслена техника се сушат со денови, акварелот се суши за само една или неколку минути. Маслената техника дозволува нанесување слоеви боја и прецизни исправки. Кај акварелот постојат само прецизни потези и не постои можност за поправка.
На акварелните фестивали насекаде по светов ретко сретнувам уметници што не се исклучиво акварелисти. Често, јас сум единствената која работи и во други техники. Формалното академско образование на акварелистите е неретко година или дури две подолго поради фактот што успешното усвојување на оваа техника бара особена ангажираност.
На изложбата во КИЦ-Скопје има и твои дела насликани на рачно изработена хартија. За каков процес станува збор?
– Рачно изработената хартија е милениумска традиција. Од старо-египетскиот папирус и калиграфијата на древната кинеска цивилизација, до Гутенберг во Европа, начинот на изработка не е многу променет. Квалитетот е од повисок ранг во споредба со современиот механизиран процес и специфичните епитети на финалниот продукт се далеку поразновидни. Секако, ова подразбира и далеку повисока цена на финалниот продукт, но и на самите дела изработени врз овој вид хартија.
Која е твојата следна „водена“ дестинација?
– Засега прва е најголемиот светски собир и фестивал на акварелисти во Фабријано, Италија. Фабријано е еден од најстарите европски центри за изработка на хартија. Следуваат учества на фестивали, изложби и работилници во Бразил и во Перу.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 254, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3.11.2024)