Разговор со Силвија Митевска, претседателка на „Соушал рагби клуб“: Тренираат и девојчиња, воодушевени се од играта рагби!

Од „Соушал рагби клуб“ имаат одлична платформа за развој и сметаат дека во блиска иднина ќе има основа за формирање на Национална рагби федерација во С. Македонија.

Освен што е активистка и писателка, Силвија Митевска, основач на Здружението „Такт“, е и спортистка, параглајдеристка, а од неодамна и претседателка на „Соушал рагби клуб“. Смета дека преку рагби можат да се надминат родовите стереотипи и стеги на партијархалната матрица, кои се присутни на нашиот простор и да се докаже дека рагбито не треба да важи за машки спорт.

И покрај тоа што во последниве години имаме голем пораст на спортистки во таканаречените „машки спортови“, дискриминацијата во професионалниот спортски сектор е сè уште присутна. Какво е Вашето искуство?

– Моето искуство во однос на родовата еднаквост во спротот не е позитивно. Факт е дека родовата дискриминација е сè уште присутна во спортот, започнувајќи од „грасрут“ ниво, па сè до застапеноста на жените на раководни позиции во спортските субјекти. Јас лично во многу наврати се имам соочено со родово-дискриминаторски однос и нееднаков третман на натпревари, борба против родови стереотипи, како и недостаток на можност за вклученост во процеси на донесување одлуки.

Жените сè уште се недоволно застапени во сите нивоа и под итно треба да се преземат политики и иницијативи што се применуваат во сите европски земји. Потребни ни се специфични родови програми и иницијативи за охрабрување на учеството на жените во сите сегменти во спортскиот сектор. Инаку, доколку продолжиме со сегашното темпо, потребни ќе ни бидат 200 години за да го отстраниме родовиот јаз.

Неодамна пливачката репрезентативка Ева Петровска на меѓународниот натпревар во Скопје го исплива најдобриот резултат во нашата држава на 400 метри краул и со тоа стана единствена пливачка – кандидат за Олимписките игри во Токио. Од друга страна пак, ова девојче треба само да си плаќа за секој влез во базенот, за секој тренинг. Агенцијата за млади и спорт девет години им ја доделува наградата „8 Септември“ на пет личности со посебно остварување во македонскиот спорт, а досега е доделена само на две жени. Дури ни алпинистката Илина Арсова, која ги искачи 7-те највисоки врвови на секој континент, не ја доби оваа награда. Колку државата е подготвена да инвестира и да застане зад нашите успешни спортистки?

– Да се биде професионален спортист и спортистка бара долгогодишна макотрпна работа и влог. Затоа, единствена грижа и фокус на спортистите треба да бидат нивните спортски резултати. Околу нив пак треба да се креира мрежа на лица, клубови и федерации, кои ќе водат грижа за останатите административно-финансиски проблематики, за кои спортистите не треба ниту да бидат свесни дека постојат. Не е повеќе доволна декларативна поддршка, мора на дело да ја покажеме нашата поддршка. Спортистите и спортистките треба да бидат во центар на нашата заложба и сите спортски субјекти треба да бидат во нивен сервис.

Состојбата со родовата застапеност при доделување награди во спортскиот сектор е очајна и мора под итно да се коригира. Едноставно, жените тука се невидливи и нивните резултати и спортски достигнувања не се еднакво вреднувани. Овој проблем се провлекува подолго време и инсинуира дека или нема доволен број жени и девојки кои формално се предлагаат пред комисиите за доделување на државни награди, односно дека жените не се доволно окуражени и поддржани да се пријават или пак навистина нема жени чии успеси треба да бидат наградени, со што јас секако дека не се согласувам. Сметам дека критериумите и начинот на доделување награди, како и стекнување на спортски категории треба да бидат родово-сензитивни, инклузивни и транспарентни за да нема нивно различно толкување. На крај на краиштата, бидејќи долго време постои родова нееднаква застапеност, сметам дека треба да се воведат и афирмативни политики за да се надомести тоа што е досега изгубено.

Состојбата со родовата застапеност при доделување награди во спортскиот сектор е очајна и мора под итно да се коригира.

Го инициравте отворањето на „Соушал рагби клубот“ во Скопје, каде што се врши обука за деца и млади за совладување на рагби-техниките. Малку необично е рагбито за нашето поднебје, но сепак, интересот се покажа голем. Зошто рагби? И како го доближувате овој спорт до девојчињата?

– Идејата за основање и раководење на „Соушал рагби клубот“ произлезе од две причини. Првата е зашто наидов на одлична поддршка од веќе постоечкиот клуб „Диви вепри“, како и од Англиската бизнис заедница, која е активна во нашата земја и која многу вложува во развој на рагбито кај нас. Втората причина е дека сите соседни земји имаат женски рагби тимови освен ние, и ова го сфатив како предизвик на кој треба да се посвети енергија и време. Сметам дека преку рагби можеме да ги надминеме оние родови стереотипи и стеги на партијархалната матрица, кои се присутни на нашиот простор и да докажеме дека рагбито не треба да важи за машки спорт. Девојките и жените подеднакво добро можат да играат рагби. Имено, женското рагби е во поголем подем последните години и сѐ повеќе девојки го практикуваат. Женското рагби е особено развиено во Англија, Нов Зеланд, Јужна Африка, меѓутоа и многу европски земји како Италија, Франција, Ирска и други. Време е да го развиеме овој спорт и кај нас. Имаме одлична платформа за развој и сметам дека во блиска иднина ќе имаме основа за формирање на Национална рагби федерација во С. Македонија.

Какви спортски перспективи имаат жените во рагбито, во однос на можност за меѓународно натпреварување, потврдување на успесите надвор од земјава?

– Постои голем потенцијал за развој на женски рагби тим. Сè уште е многу рано за да планираме натпреварувања, зашто ние сега започнуваме со тренинзи на „грасрут“ ниво. Треба да ги дообучиме нашите тренери за да работат со повозрасни категории на млади. Засега, нашите тренери работат со деца до 13-годишна возраст. Она што ме радува е што гледам дека на тренинг доаѓаат и девојчиња и дека се воодушевени од играта рагби. Секако, на оваа возраст тие играат само бесконтактно рагби и акцентот е ставен на игра и забава.

Треба многу да се вложи во поддршка на спортистките, кои се стремат кон мајчинство и нивното повторно навраќање кон професионална спортска кариера.

Говорејќи за родова дискриминација, како Законот ги заштитува мајките спортистки, кои можат да се подложат на раскинување на договорот за неисполнување поради бременост или породилно отсуство?

– Оваа тема е актуелна на глобално ниво. Многу професионални спортистки се соочуваат со предизвици и нивните договори со спонзорите се прекинуваат поради бременост или породилно отсуство. Минатата година гигантот во спортската индустрија, „Најк“, ја промени својата политика и сега тие ги поддржуваат професионалните спортистки со кои имаат договор и тој опфаќа 18 месеци. Секако, до овој исход дојде откако многу славни спортистки јавно проговорија за дискриминацијата со која се соочувале.

Кај нас ова треба да е регулирано со Законот за спорт, каде што се вели дека на категоризираниот спортист/ка кој/а заради повреда стекната на тренинг или натпревар, породилно отсуство или болничко лекување, бил принуден/а да го прекине спортскиот тренинг или натпреварување, следува материјален надоместок најмногу од една година од денот на прекинот. Не знам какво е нашето искуство во практика. Сепак, знам дека мора многу да се вложи во поддршка на спортистките, кои се стремат кон мајчинство и нивното повторно навраќање кон професионална спортска кариера.

Жените во спортскиот менаџемент се сè уште силно малцинство. На што се должи тоа, и сметате ли дека ако се креираат курсеви за обука, бројот на жени менаџерки би се зголемил?

– Родовиот јаз во спортскиот сектор е најизразен. Имено, учество на членови на управни органи на национални олимписки спортски организации е 8.9 % жени наспорти 91.1 % мажи. Овие податоци се поразителни и затоа новите владини политики се бројот на жени во управни органи да се искачи на 30 % односно 40 % во следните години. Со цел ова да се исполни, паралелно треба да се креираат специфични родови програми, односно модел за менторство и обуки за лидерство, со цел да се зајакнат капацитетите на жените инволвирани во спортскиот сектор. Верувам дека има голем број жени што имаат потенцијал и мотивираност да реализираат амбициозни спортски иницијативи.

„Иднината е тука, но не е рамномерно распоредена“ – цитатот на В. Гибсон важи и за нашата средина, но секоја девојка и жена заслужува еднакви можности, пристап и третман во спортот. Промената може да се води од врвот, но таа започнува од „грасрут“ ниво со секој/а од нас.

Фотографии: Драган Митрески

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот