Разговор со Сервете Фида, професорка, добитничка на наградата „13 ноември“: Ги советувам младите професори повеќе да ја ценат емотивната страна на учениците

Кога би се вратила наназад во времето, повторно би ја избрала оваа благородна професија, која ја работев со многу, многу љубов, вели Сервете Фида.

Професорката во пензија Сервете Фида е добитничка на годинешната награда „13 ноември“ за долгогодишна успешна работа во воспитно-образовната дејност. Вели дека е  многу горда и среќна за оваа значајна награда што ѝ ја доверил нејзиниот преубав град Скопје и смета дека наградата е круна на нејзиното долгогодишно и несебично работење и посветеност на децата, кои, за неа, биле главниот мотив сите овие години.

– Како професор и педагог среќна сум што 46 години го пренесувам моето знаење на многу, многу генерации млади луѓе, луѓе кои денес се, речиси сите, успешни и докажани во своите професии. Работам од моите 20 години, што значи веднаш после завршувањето на Педагошката академија, а малку подоцна и на Филолошкиот факултет – група Албански јазик и литература. Секако, во изминативе години не постоеше Интернетот и сите можности што денес ги нуди, па ние професорите бевме комплетно вклучени во образовниот процес, давајќи го несебично и знаењето и секако воспитувањето на младите генерации – нѝ рече Фида.

Што значи денес да се биде одговорен, успешен професор?

– Успешен професор е пред сè оној што со љубов ја работи својата професија, отворено и широкоградо го пренесува целото свое знаење на младиот човек.

Што според вас им недостига на денешните учебници?

– За содржините на денешните учебници не би сакала многу да зборувам, бидејќи ценам дека сите се направени според насоките на МОН. Има содржини што не се соодветни за некои возрасти, но тоа оставам да го коригираат службите што се директно вклучени во образовниот систем, кој, се надевам, чекори напред.

Што ѝ недостига на денешната настава?  

– Се радувам што образованието оди по нагорна линија, Интернетот нуди неограничени знаења, но интеракцијата професор-ученик како да се изгуби. Таа блискост меѓу наставникот и ученикот како да е изоставена, енергијата која обострано си ја даваме не е веќе присутна. Ги советувам младите професори повеќе да ја ценат емотивната страна на учениците, да влезат малку во чистата детска психа, да го отворат умот и да ги насочуваат децата кон убави и позитивни нешта.

Каков е интересот на Македонците за изучување на албански јазик?

– Секој јазик е еден отворен и богат спектрум од илјадници бои. Секој научен јазик е едно големо богатство за секој човек. Колку јазици знаеш – толку си и богат, би рекла. Секако интересот за албанскиот јазик е многу голем. Многу жители од мојот град Скопје, со љубов и задоволство го откриваат и учат албанскиот јазик.

Кои се најголеми предизвици при учење на албански јазик, колку време е потребно да се совлада јазикот?

– Албанскиот јазик е еден од потешките јазици за изговор, но и граматичките структури се доста сложени. Но кој има желба да го научи и да го совлада, секако дека нема да му биде тешко да го совлада комплетно.

Младиот дух се задржува со интерес, со учење, како вие го негувате вашиот дух?

Никогаш не ми недостасувало време и мотив за мојата сеопфатна надоградба и прифаќање на нови предизвици и знаења. Мојот дух ќе остане секогаш млад, затоа што целиот мој работен век го поминав со најмладите, и денес, кога веќе сум пензионерка, го негувам мојот дух со некој убав бестселер, со убава претстава во театар, со прекрасен концерт кој ги отвора сите мои сетила. Порачувам да го сакате животот и да го живеете со полни гради.

 

Видео на денот