Разговор со рок-фотографот Немања Ѓорѓевиќ: Трагам по веродостоен приказ на уметникот на сцената

Фотографија: Небојша Мицковиќ

Изложба на фотографии со Ник Кејв на српскиот рок-фотограф Немања Ѓорѓевиќ ќе биде вовед во филмската програма на 8. издание на фестивалот на музички документарци „Скопје синема сити“, што ќе се одржи од 29 јуни до 5 јули.

Фестивалот на музички документарни филмови „Скопје синема сити“ својот фокус годинава го става на славниот музичар, пејач, поет, актер и изведувач Ник Кеjв. Затоа фестивалот на 29 јуни ќе биде отворен со изложба на рок-фотографот Немања Ѓорѓевиќ, а на 30 јуни во Кинотеката ќе биде прикажан филмот „Ник Кејв: 20.000 денови на земјата“ во режија на Јан Форсајт и Џејн Полард.

Фотографот Немања Ѓорѓевиќ истовремено е и уредник на музичкиот веб-портал „Балкан рок“. Досега има поставено 30-ина фотоизложби во Србија и во регионот, а чест посетител е на најзначајните музички фестивали на Балканот.

Изложбата со која Ѓорѓевиќ ќе се претстави во Скопје веќе го поминала тестот на критиката во Србија, а историчарката на уметност Марија С. Ѓорѓевиќ, меѓу другото, го забележала фокусот во неговите фотографии. „Концертната публика добро ги познава наративите на Ник Кејв, видливо се препознава и идентификува со ликовите од неговите приказни, длабоко ги вплетува личните сеќавања во ткивото на песните и ја чувствува потребата себеси да се внесе во песните во моментите кога ликовите од фикцијата преминуваат во димензии на реалноста. Слоевите на трагање во фотографиите на Немања Ѓорѓевиќ се видливи во моментите кога главен мотив се испружените раце. Рака што бара и рака што се дава. Кејв ја пружа раката кон публиката затоа што со гестикулацијата го засилува и го канализира интензитетот на своите емоции, публиката ги пружа рацете, бидејќи благодарение на неговото присуство, се чувствува повикана на реагира и да возврати“. Акцентот на изложбата е ставен токму на допирот на рацете меѓу изведувачот и публиката.

Изложба на Ваши фотографии на кои во фокусот се концерти на Ник Кејв ќе го отвори 8. издание на фестивалот на музички документарци „Скопје синема сити“. Со каква цел го направивте циклусот фотографии?

– Многу е убаво што Ник Кејв е во фокусот на годинашното издание на „Скопје синема сити“. Мислам дека тој навистина заслужи еден балкански омаж со фотографии и филмови. Исто така, би сакал да упатам благодарност до Ненад Георгиевски, директорот на фестивалот, за поканата да се претставам со изложба на мои фотографии. Чест ми е да учествувам на културна манифестација од овој вид, а уште поголема чест ми е што се претставувам со фотографии со Ник Кејв. Скопје се бори во својата битка за квалитетна културна содржина, која, за жал, ја има сѐ помалку, и тоа не се однесува само на Македонија, туку и на ситуацијата кај нас во Србија. Според мене, ова е една добиена мала војна во корист на културата.

Немања Ѓорѓевиќ сака да прави фотографии со музички личности што се блиски на неговиот сензибилитет

Станува збор за фотографии од еден или од повеќе концерти на Ник Кејв? Каков избор на фотографии припремивте и колку фотографии ќе бидат презентирани?

– Во рамките на изложбата на фотографии со Ник Кејв, со наслов „They long for the light of your touch“ (Тие копнеат по светлината на вашиот допир), подготвив дваесетина фотографии од четири различни концерти на Ник Кејв. Станува збор за два концерта во Нови Сад, како и од концерти во Белград и во Загреб. Издвоив неколку портрети на самиот уметник, но вистинскиот акцент на изложбата е во неговиот допир со публиката, во интензивната потрага по другиот, по смислата, по разбирањето.

Каков е Вашиот фотографски пристап, како го избирате најдобриот агол, во правењето фотографии со познати личности од рок-сцената?

– Сакам да правам фотографии со музички личности што се блиски на мојот сензибилитет и на мојот музички избор. Не постои некој шаблон или некое правило. Како рок-фотограф трагам по што е можно подобар и поверодостоен приказ на уметникот на сцената. Некогаш тоа ми успева, а некогаш не. Со текот на времето за некои уметници едноставно се создава доволно добар материјал кој посакувам да го претворам во целина како поставка што ќе може да ја видат што повеќе луѓе и се надевам дека ќе уживаат во неа.

Што најчесто го ставате во фокусот на фотографијата – музичарот, бендот, публиката, комуникацијата?

– Нема правила, иако мојот фокус главно е посветен на музичарите на сцената и на нивниот сценски настап. Рака на срце, ми се случува и да ја игнорирам публиката, бидејќи често и самиот сакам да бидам публика и фан на бендот. Тогаш престанувам да бидам обичен професионалец и занесен со магијата што се создава на сцената се фокусирам само на бендот и на бината. Ако има и комуникација со публиката, секако, се обидувам да ја забележам.

Акцентот на изложбата е ставен на допирот на рацете меѓу Ник Кејв и публиката

Колку често се случува покрај визуелниот контакт преку фотоапаратот да остварите и личен контакт со личностите/бендовите што ги фотографирате?

– Сакам моите фотографии да комуницираат со публиката и со музичарите, а тоа фактички и се случува. Сакам да ги запознавам бендовите преку нивната музика, а не преку нивните приватни животи. Често се случува и да остварам контакт со музичарите, а тоа се случува од причини што и тие ги препознале моите фотографии. На пример, од настапот во Загреб, Ник Кејв ме контактираше за една моја фотографија, која сакаше да ја сподели на социјалните мрежи, и секако, му одобрив да го направи тоа. И таа фотографија ќе биде претставена на изложбата во КИЦ во Скопје.

Што најмногу Ве мотивира да го прифатите предизвикот да работите и да живеете како рок-фотограф?

– Само еден збор. „Музика. Таа прекрасна воздушеста течност“ (СТ, „Горибор“).

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 134, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26 јуни 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот