Разговор со психологот Иван Христов: Зошто е важно да има сексуално образование во училиштата и да се зборува за менструацијата

Дестигматизирање на менструацијата и совети и препораки како да им го пренесете знаењето на вашите деца, Фото: Приватна архива/Profimedia

Дестигматизирање на менструацијата и совети и препораки како да им го пренесете знаењето на вашите деца

Иван Христов е училиштен психолог и гешталт психотерапевт под супервизија. Има долгогодишно искуство во работа со деца од училишна и предучилишна возраст. Има работено на домашни и странски проекти од областа на образованието и раниот детски развој. Исто така, тој е и обучувач од областа на психологијата и психолошката поддршка. Христов верува дека преку свесност, одговорност и поддршка можеме да го менуваме нашето однесување и да имаме поисполнето секојдневие.

Сексуалното образование и темите што ги обработува често се сметаат за табу. Историскиот отпор кај нас за интегрирање на сексуалното образование во формалното образование е цврсто всаден во колективното размислување. Кога зборуваме за сексуално образование, негативниот товар што го носи веднаш предизвикува идеи за сексуална активност, несакана бременост, социјален срам и негативна слика за телото кај децата, а особено кај девојчињата. Оваа социјална слика создава толку многу неудобност што клучните прашања за физичкиот интегритет и здравјето на нашите деца ги оставивме настрана.

Вообичаено, девојчињата се едуцирани за менструацијата од своите мајки, тетки, сестри или некоја блиска женска фигура и тоа откога таа ќе се случи. Најчесто овие лица се исто така подучени од повозрасните женски фигури во нивниот живот. Многу често се случува овие лица да се погрешно информирани, да се потпираат само на сопственото искуство, да имаат некакви очекувања и ставови и да зборуваат од позиција на страв и срам. Ова ја зајакнува потребата разговорите за менструацијата да станат прашање за кое се зборува во училиште.

Ставот и гледањето на децата кон менструацијата

– Пред менструацијата, децата се учат дека крвта и болката означуваат повреда или дека нешто не е во ред. Незнаењето зошто има крв на нивната долна облека, може да го направи искуството навистина застрашувачко и тие може да мислат дека нешто не е во ред со нив. Наместо тоа, ако рано ги учиме за менструацијата, тоа би им станало нормално и би можеле да бидат поштедени од тој страв.

Девојчињата најчесто не го разбираат својот менструален циклус и повеќето би сакале да дознаат повеќе за тоа што е нормално и кога треба да се посети лекар и како на менструацијата може да влијаат фактори какви што се стресот и исхраната. За сите жени, недостатокот на образование и разбирање значи дека тие не знаат како да направат приспособувања врз основа на нивниот менструален циклус доколку сакаат да го направат тоа – бидејќи менструалниот циклус може да влијае врз многу аспекти од животот.

Како да ги вклучиме и момчињата во разбирањето и уривањето на предрасудите кон менструацијата?

– Додека девојчињата се подучени барем од некого за менструацијата, момчињата во овој период од растењето се сосема изолирани од какви било теми поврзани со женскиот циклус. Поради ова голем број од момчињата и потоа возрасни мажи не знаат речиси ништо за менструацијата.

Незнаењето ја засилува стигмата околу менструацијата и идејата дека менструалните периоди треба да се чуваат во тајност од мажите. Ова доведува до тоа девојчињата и жените да се чувствуваат засрамено, да се плашат од протекување и да се плашат да не бидат видени како користат влошки, тампони или други производи за менструација. Срамот влијае врз односите на жените со нивните тела, нивната самодоверба и многу се повлекуваат од училиште и од часовите по физичко образование кога ќе им започне менструацијата.

Мажите и момчињата кои добивале некаква информација за менструацијата, најчесто од своите врсници, исто така, доведува до заблуди, како што е мислењето дека менструацијата е нешто непристојно, дека жените можат да го контролираат крвавењето, па дури и основни неразбирања за тоа што е менструацијата. Самите овие заблуди им отежнуваат на жените отворено да разговараат за менструацијата, особено во професионални услови. Понатаму, мажите имаат поголема веројатност да имаат негативни ставови во однос на менструацијата, како што се периодите што се исцрпувачки и дека жените користат ПМС за да избегнат да прават работи што не сакаат да ги прават. Покрај тоа што придонесува за стигмата и спречување отворени разговори, исто така им става огромен товар на жените кои имаат машки партнери за да ги едуцираат за реалноста на менструацијата.

Која е улогата на родителите и на училиштето во поддршката на девојчињата?

– Сексуалното образование и зборување во училиштен амбиент за менструацијата е неопходно. Идејата за менструацијата е културно изградена од стигмата околу неа и поврзана е со некоја болест. Се смета за табу-тема со која треба да се работи зад затскриени врати и да се дискутира само кога се бара медицинска помош за време на некоја компликација.

Овој негативен социјален товар ги попречува напорите за менструално образование, кое би го намалило отсуството од училиште, ефективно би информирало како функционира менструацијата и ќе открие симптоми на проблеми со матката или јајниците од предменструални нарушувања. Соодветното образование создава свест за телата со менструација без предрасуди и ја замислува достоинствената менструација како основно човеково право. Отсуството на сексуално образование оневозможува да ги научи сите ученици за менструацијата, што може да ги остави девојчињата засрамени и исплашени и ја продолжува стигматизацијата на менструацијата.

Фото: Profimedia

Како да се започне разговор со девојче на тема менструација?

– Основните училишта почнуваат да им даваат на децата информации за пубертетот и менструацијата соодветни на возраста на 11, 12 години, сепак тоа е малку доцна и треба родителите да отпочнат разговор околу менструацијата порано. Девојчето треба да знае што ќе се случи во нејзиното тело пред да ја доживее првата менструација.

Точки за кои треба да разговарате со девојчињата се:

– Што е менструален период и колку често се случува
– Колку крв е нормално да има и колку денови ќе трае крвавењето
– Дали менструациите болат и што да се прави околу тоа
– Како да се користат и фрлаат влошки и тампони
– Што да прави ако добие менструација надвор од дома – на пример, на училиште или во камп
– Дали смее да плива кога има менструација
– Дали е подобро да се користат тампони или влошки

Сличен разговор треба да се води и со момчињата, да се запознаени со менструацијата од почеток. Да се демистифицира и да се намали стигмата и срамот околу тоа.

Разговор со психологот Иван Христов: Како да препознаете дали вашето дете е жртва на врсничко насилство?

Видео на денот