Разговор со психологот Иван Христов: Како да препознаете дали вашето дете е жртва на врсничко насилство?

Фото: Приватна архива / Unsplash / Keren Fedida

Совети и препораки за да се справите со сомнежот и ситуацијата ако вашето се соочува со булинг

Иван Христов е училишен психолог и гешталт психотерапевт под супервизија. Има долгогодишно искуство во работа со деца од училишна и предучилишна возраст. Има работено на домашни и странски проекти од областа на образованието и раниот детски развој. Исто така, тој е и обучувач од областа на психологијата и психолошката поддршка. Верува дека преку свесност, одговорност и поддршка можеме да го менуваме нашето однесување и да имаме поисполнето секојдневие.

Врсничкото насилство или булингот е намерно, агресивно и долготрајно однесување кое се случува помеѓу врсници и кое вклучува некаква нерамнотежа на моќ или сила.

Булингот може да се појави во неколку форми:

– Физичко (удирање, тупаници, тепање)
– Вербално (задевање, именување со погрдни зборови, закани)
– Емоционално (заплашување со помош на гестови, социјално исклучување, закани)
– Сексуално
– Сајбер-малтретирање (онлајн вознемирување, пораки на омраза, закани, лажно претставување и друга дигитална злоупотреба)

Како да препознаете дали вашето дете е жртва на булинг?

Постојат неколку знаци кои се показатели дека вашето дете е жртва на булинг доколку тоа не сака да ви каже, на пример:

– Вашето дете доаѓа дома со искинати, оштетени или исчезнати парчиња облека, книги или други предмети.
– Има необјаснети исеченици, модринки и гребнатини.
– Има малку или воопшто нема пријатели со кои поминува време.
– Се чини дека се плаши од одење на училиште, патување до и од училиште, возење во автобус или учество во организирани активности со врсниците.
– Наоѓа или измислува изговори зошто не може да оди на училиште.
– Го губи интересот за училишната работа или одеднаш почнува да постигнува лоши резултати на училиште.
– Изгледа тажно, нерасположено, плаче или изгледа немотивирано кога ќе дојде дома.
– Често се жали на главоболки, стомачни или други физички болки.
– Има проблеми со спиењето или има чести лоши соништа.
– Има губење на апетитот.
– Изгледа вознемирено и има ниска самодоверба.

Децата со попреченост може да се изложени на поголем ризик да бидат малтретирани од другите деца и треба да се обрне особено внимание на ова.

Што да направите ако се сомневате дека вашето дете е жртва на булинг?

Горенаведените знаци се знаци на малтретирање, но исто така се знаци и на друга злоупотреба. Ако вашето дете покаже некој од овие знаци разговарајте со него и разговарајте со училишниот кадар и стручната служба за да дознаете повеќе за тоа што се случува.
Кога разговарате со вашето дете, не пристапувајте само со прашањето дали е малтретирано.

Подобар начин на пристап е да се каже:

– „Денес читав за булинг на интернет. Дали тоа се случува во вашето училиште?“
– „Загрижени сме за тебе. Дали има деца на училиште кои можеби те удираат или те малтретираат?“
– „Дали има деца на училиште кои те задеваат на било каков начин?“
– „Дали има деца на училиште кои те отфрлуваат или намерно те исклучуваат од игрите?“

Можете да поставите и некои посуптилни прашања:

„Дали имаш некои посебни пријатели на училиште за кои би рекол дека ти се добри другари? Кои се тие? Со кого се дружиш?“, „Со кого седиш на ручек?“, „Дали има деца на училиште кои навистина не ти се допаѓаат? Зошто не ти се допаѓаат? Дали некогаш те викаат да си играш со нив или те оставаат сам/а?“.

Ако вашите деца или тинејџери се малтретирани, не реагирајте прегрубо. Уверете ги дека ги сакате, дека тоа не е нивна вина и дека ќе им помогнете. Кажете им дека можат да разговараат со вас за било што. Бидете тука за вашето дете, бидете им поддршка. Обидете се да ги разберете без да барате вина во нивното однесување. Бидете приземни и покажете љубов и разбирање.

Разговарајте со училиштето на вашето дете/тинејџер. Јавете се или закажете состанок за да разговарате со нивниот наставник или класен раководител. Наставниците веројатно се во најдобра позиција да ги разберат односите помеѓу вашето дете и другите врсници во нивното училиште.

Можете да поставите прашања и на наставникот како што се:

– „Како моето дете се согласува со другите ученици во неговото одделение?“
– „Со кого тој или таа го поминува слободното време?“
– „Дали забележавте или некогаш сте се посомневале дека моето дете е малтретирано од други ученици?“

Понудете неколку примери за некои начини на кои децата и тинејџерите се малтретирани, за наставникот целосно да разбере дека не сте фокусирани на една форма на малтретирање.
Побарајте од наставникот да разговара со другите наставници и со стручната служба кои комуницираат со вашето дете на училиште за да видите дали тие забележале дали вашето дете е малтретирано од врсниците.

Ако не ви е удобно да разговарате со наставникот на вашето дете или не сте задоволни од разговорот, закажете состанок за да се сретнете со психологот/педагогот или директорот на училиштето за да разговарате за овие проблеми.

Ако мислите дека вашето дете е малтретирано, преземете акција бидејќи малтретирањето може да има сериозни ефекти врз однесувањето и развојот децата и тинејџерите.

Откако ќе разговарате со вашето дете и училиштето и не чувствувате дека вашето дете е малтретирано, бидете свесни дека можеби постојат други сериозни проблеми кои можат да предизвикаат депресија, социјална изолација и губење на интерес за училиште кај вашето дете и споделете ги вашите грижи со наставниот или со училишниот психолог.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот