Разговор со проф. д-р Ангелина Станојоска: Со наука до потребните општествени потреби

Фото: Приватна архива

Ангелина Станојоска е доктор на безбедносни науки и професорка на Правниот факултет при УКЛО – Битола. Нејзиниот фокус на научен и истражувачки интерес се теориите за криминалното однесување, теориите на напнатост и феминистичките теории на животните патеки, и тоа тестирани на популации на жени сторители на кривични дела и жени осуденички.

Професорката Ангелина Станојоска ја најдовме во Мисури-Сент Луис, САД, каде што моментно престојува и каде што ја тестира теоријата на напнатоста кај студентите.

Оваа млада и успешна жена вели дека како универзитетска професорка која го истражува криминалното однесување, би сакала да може да придонесе преку својата работа со студентите кон создавање генерации кои ќе ги прифатат промените на новото време, но и кои активно ќе бидат вклучени како носители на тие промени.

Жените во Македонија најчесто вршат кривични дела како резултат на насилството кое го трпат или пак поради финансиската состојба во која се наоѓаат / Фото: Приватна архива

– Заедно треба да изградиме општество во кое ќе сфатиме дека секој човек е приказна за себе и дека потребно е работите да ги гледаме пошироко, без осуда, но и настрана од комфорноста на домот и опкружувањето. Би сакала да вложуваме повеќе во науката, затоа што сметам дека само преку науката можеме да стигнеме до потребните системски и општествени промени кои ќе носат напредок – нагласува нашата соговорничка.

Моментно се наоѓате во Мисури – Сент Луис, САД, каде што ја тестирате теоријата на напнатост кај младите луѓе, во што накусо се состои теоријата и како се одвива тестирањето, дојдовте ли веќе до некои заклучоци?

– Генералната теорија на напнатост е поврзана со начинот на кој ги доживуваме случувањата во микро средината, нашата перцепција за нив и негативните емоции кои се јавуваат како резултат. Напнатоста се јавува како резултат на неуспех да се достигнат позитивно вреднувани стимули – на пример, да се добие висока оценка на испит – кога ќе бидат изгубени позитивно вреднувани стимули – кога ќе се изгуби некој близок – и/или кога ќе постојат негативно вреднувани стимули. Напнатоста и негативните емоции кои се нејзин резултат бараат начин на справување, па понекогаш кај одредени индивидуи тоа е или употреба на супстанции, криминално однесување, самоповредување итн. Истражувањето во САД и во Македонија е во тек, а првите прелиминарни заклучоци ги очекувам во текот на есента оваа година. Целта е преку тестирање на генералната теорија на напнатост, да дојдeме до заклучок колку употребата на легални и нелегални супстанции е начин на справување со напнатоста.

Фото: Приватна архива
Oд што најчесто e предизвикана напнатоста кај нашите млади и дали таа е поприсутна кај момчињата или кај девојките?

– Покрај трите најчести извори на напнатост кои ги споменав погоре, во оваа последна година на пандемија моравме да се прилагодиме на новиот начин на живот. Тоа доведе до појава на нови извори, односно за студентите значеше онлајн-предавања и полагања, неможност за директни контакти со нивните колеги и професори, честопати полоши резултати на полагањата и слични проблеми.

Во однос на родовите разлики воопшто, тестирањата на оваа теорија укажуваат на појава на различни емоции кај мажите, односно жените. Тоа значи дека сите чувствуваме напнатост подеднакво, но дека истата е поврзана со различни извори, кои резултираат со различни емоции и избор на различни начини за справување со напнатоста.

Дали студентите од САД и нашите студенти, од Македонија, на ист начин се справуваат со напнатоста?

– Морам да напоменам дека се работи за различен социо-економски и културен контекст, различни образовни системи, различен пристап кон учењето и науката, а и многу повисоки финансиски средства кои се инвестираат во образованието.

Првичните резултати укажуваат дека ќе постојат разлики и во изворите на напнатост, но и во начинот на справување со неа. Сепак, очекувањата се дека супстанциите кои се користат најчесто се и алкохолот и марихуаната и во Мисури и во Македонија, додека почесто се среќава употреба и на стимуланси меѓу студентите во Мисури. Но, подобро би било да ги почекаме конечните резултати и заклучоци по завршувањето на истражувањето во двете земји за да дискутираме.

Фото: Приватна архива
Работевте на исклучителни истражувања од областа на криминологијата и жените, кои од овие истражувања најмногу Ве фрапираа според добиените резултати, а поврзани со Македонија? 

– Моите истражувања во последните неколку години се однесуваат на криминалното однесување на жените. Едно од тие истражувања во кое беше тестирана генералната теорија на напнатост на примерок на жени затворенички во 2019 година беше наградено од страна на УНОДЦ (UNODC) и Меѓународното здружение за криминологија со Наградата за млади криминолози.

Во однос на резултатите, истите не ме изненадија и ги следат криминалните трендови во врската меѓу родот и криминалот. Жените во Македонија најчесто вршат кривични дела кои се резултат на насилството што го трпат или пак поради финансиската состојба во која се наоѓаат – голем број жени сè уште се економски зависни. Тоа пред сè е резултат на положбата на жените и општествените околности во нашата држава во која сè уште се обидуваме да воспоставиме родова еднаквост, да го спречиме родово заснованото насилство, како и да обезбедиме поголема вработеност и видливост на жените во сите општествени сфери.

Во насока на проширување на моите истражувања во план ми е следно комбинирано тестирање на генералната теорија на напнатост на Агњу и феминистичката теорија на животните патеки на примерок на жени кои се осудени на казна затвор. Интеграцијата на овие две теории овозможува да заклучиме од кој период потекнува напнатоста и кој е изворот, сето тоа анализирано низ феминистичка призма со можност за употреба на комбинација од истражувачки методи.

Фото: Приватна архива
Млада и многу успешна, но која е Ангелина настрана од академското делување, кои се Вашите пасии, во што верувате и на што се надевате?

– Како дел од академската работа и истражувањата, минувам голем дел од слободното време читајќи романи, пред сè трилери. Исто така, го сакам и пишувањето, па се надевам дека набрзо ќе успеам да го напишам продолжението на мојот прв роман „Во сенката на кафезот“, кој во 2017 година излезе од печат во издание на „Матица“, а можеби и да објавам книга поврзана со Фулбрајт престојот. Покрај книгите, го сакам и трчањето, па добар дел од моето слободно време во Сент Луис го минувам трчајќи низ Форест паркот кој во последните неколку години го носи епитетот на најубав урбан парк во САД. Притоа, не мислам на трчањето само како физичка активност која е важна за здрав живот, туку и на начин преку кој можеме да се ослободиме од стресот и како можност да сме сами со своите мисли.

 

Видео на денот