Разговор со поетот Славе Ѓорѓо Димоски: Јадрото на мојот препев се песните од боемско-хулиганската фаза на Есенин

Неодамна „ПНВ Публикации“ ја објави стихозбирката „Песни“ од Сергеј Есенин, каде препејувач на песните и автор на есејот „Есенин: живот, восхит, легенда на суровоста“ е македонскиот поет Славе Ѓорѓо Димоски.

Трагите што со својата поезија ги оставил големиот руски поет Сергеј Есенин (1895-1925) се предизвик за ново откривање и читање, речиси, еден век од неговата смрт. Новиот издавачки потфат на „ПНВ Публикации“ пред читателите принесува сосема нов избор на песни од творештвото на Есенин, а со нивното препејување, но и со есеистичко толкување на моменти од животот и смртта на познатиот руски поет се зафатил македонскиот поет Славе Ѓорѓо Димоски.

Каков предизвик беше да се преведуваат песни од рускиот класик Есенин?

– Животниот и творечки пат Есенин го изодел пред еден век. Во светот на литературата се поима неговата антинормативна лирика и слободниот личен израз кој се прифаќа како критериум на висока поетска автентичност; тој останува ненадминат мајстор на лирскиот пејзаж и на лирските перцепции на душевните мистерии. Како би изгледал Есенин после еден век препеан на јазик на мал број говорители? И дали ќе се најдат некои провокативни нотации во неговите стихови кои ќе го заинтересираат современиот читател, кој е соочен со сериозни проблеми на новото време? Овие беа предизвиците да се зафатам со Есенин и да ги исполнам миговите светлина во тунелот во кој нè струпа оваа светска несреќа.

Каков е Вашиот личен пристап кон преведувањето, односно, до каде е превод, а до каде е препев на песните?

– Преведувањето/ препејувањето поезија, иако според Јакобсон „поезијата по дефиниција е непреводлива“, е возбудлива работа и тој чин претставува посебен предизвик за преведувачот/ препејувачот. Посебно кога станува збор за класична поезија, со оглед на нејзините формални (ритамот, римата) и содржински аспекти, препејувачот е изложен на посебна духовна авантура, бидејќи го презема ризикот од еден јазик на друг да пресоздаде уметничко дело блиско до оригиналот. Да пресоздаде, значи да препее (не преведе), а при тоа да остане верен на гласот на поетот што го препејува. Читателот да го препознае препеаниот поет, а не препејувачот. Во такви случаи препејувачот е принуден да прави отстапки и во формата и во смислата на препеаниот текст, но мора да внимава на природноста на оригиналниот текст, колку е возможно поточно да се пренесе сликовитоста, ритамот и звучноста на текстот, да се добие беспрекорен поетски израз кој ќе се доближува до оригиналот. Треба да се биде многу внимателен и прониклив во значењето на песната и во постапката на нејзиното (пре)обликување и „пресадување“ во друг јазик. Есенин е милозвучен кога се чита или слуша, но ѓаволски е тежок за препејување – проблематична е структурата на неговата поезија, а посебно нестандардната лексика, особено во песните од „Кафеанска Москва“.

Фотографија од личната архива на Славе Ѓорѓо Димоски пред куќата музеј на Есенин во Константиново, Русија

Делата на Есенин се дел од светската поетска ризница, но што лично за Вас значат и зрачат неговите песни?

– На македонски јазик досега Есенин го преведувале Србо Ивановски (1957), Гане Тодоровски (1995) и Драган Јаневски. Во преводите на првите двајца имав увид, но до преводот на Драган Јаневски не можев да дојдам и немам увид што има преведено. Кај Србо и Гане повеќе песни се од раната фаза на Есенин и повеќето се повторуваат. Јадрото на мојот препев се песните од боемско-хулиганската фаза на Есенин, кои подоцна во литературата ќе го воведат терминот „есенинштина“. За првпат на македонски јазик е препеана кусата поема „На мој начин“ и циклусите „Кафеанска Москва“ и „Персиски мотиви“. Тоа се надалеку познатите стихови за пропаста, за кафеаните како прибежишта на разочаран човек, за она што одминува, за осамениот поет во новите општествени околности на СССР во кои се чувствува како туѓинец, потоа оттргнувањето од мрачната московска атмосфера и барањето мир и тишина во егзотичниот Исток, за на крај во поемата „Црниот човек“, едно од најпотресните дела на 20 век, да постави многу егзистенцијалистички прашања на кои не може да се дадат едноставни одговори. Сето ова беше моето љубопитство да се зафатам со оваа, не толку лесна задача.

Одлики на поезијата на Есенин се: едноставност, застрашувачка искреност, звучна поетичност, но и жестоко боемство, слободољубие и „опојна неодговорност“

На кој начин беше направена селекцијата на објавените песни од обемното творештво на поетот?

– Со Сергеј Есенин повеќе се занимавав во 1995 година, на стогодишнината од неговото раѓање, а тогаш бев предизвикан од новите архивски откритија во кои самоубиството на поетот, всушност, е инсценирано убиство. Материјали добивав од Гане Тодоровски (тогашен амбасадор на РМ во Москва) и некои мои московски пријатели, пред сè, од Сергеј Главјук и за „Нова Македонија“ направив фељтон во 10 продолженија, кој за оваа пригода го преработив во есеј и е приложен како вовед во книгата. Всушност, тие нови сознанија за убиството на поетот сугерираа да го направам овој избор од неговата поезија. Во овие песни, на некој начин, се откриваат мистериозните состојби кои ќе резултираат со неговиот фатален крај. Изборот е направен од собраните песни објавени во еден том под наслов „Руска болка“, објавен 1995 година, по повод стогодишнината од неговото раѓање, а јас го добив од Гане Тодоровски.

Есенин живеел во друг век и општествено уредување. Можно ли е страста во неговата поезија автентично да се доживее во нашето време?

– Поезијата на Сергеј Есенин е врзана со една значајна етапа од развојот на современата македонска поезија. Имено, на почетокот на педесетите години во поезијата на македонските поети се чувствува присуството на неговата лирика со што е навестено радикално свртување од дотогашната ангажирана поезија кон интимистичката исповедност потпирајќи се врз мелодиката и сликовитоста на неговата поезија. Внимателно правејќи го овој избор внимавав на она што може да се врзе и да се доживее во нашево време. Основните одлики на неговата поезија се: едноставност, застрашувачка искреност, звучна поетичност, но и жестоко боемство, слободољубие и „опојна неодговорност“ (Ѓурчинов). Внимателниот читател во овие песни ќе открие една универзална вистина, во прв ред – трансформациите на човечката душа и постојаноста на политичките системи.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 75, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 3-4 април 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот