Разговор со писателот Владимир Илиевски: Историјата како моќна подлога за книжевно дело

Животните патишта на хрватскиот инженер и пронаоѓач Едуард Пенкала и македонскиот чорбаџиски син Андон Цветков се сечат во временски, просторни и судбински точки раскажани во романот „Суво мастило“ на Владимир Илиевски.

Авторот Владимир Илиевски вешто ја користи историјата како моќна, објективна и вистинита книжевна подлога за нарацијата во романот „Суво мастило“. Еден од трите главни ликови во романот е хрватскиот пронаоѓач Едуард Пенкала, кој патентирал околу 80 пронајдоци, меѓу кои и хемискиот молив, наречен по него – пенкало. Владимир Илиевски (Скопје, 1970) е поет, прозаист и книжевен теоретичар. Неговиот прв роман „Суво мастило“, издание на „Македоника литера“, е одлично прифатен и од читателите и од книжевната критика.

Романот „Суво мастило“ влезе во најтесниот круг за наградата „Роман на годината“. Што лично ви значи овој факт, имајќи го предвид реномето на жирито?

– Со своето повеќе од дведецениско опстојување наградата „Роман на годината“ со право може да го понесе епитетот „престижна“ во македонската книжевна средина. Ако не се лажам, таа е и единствена награда која се однесува на романот како книжевен жанр, каде што авторот не е лимитиран со припадност на одредена книжевна асоцијација. Со самиот факт што оваа година конкуренцијата беше навистина голема и беа пријавени повеќе од четириесет романи, се потврдува фактот дека романот како книжевна форма и израз е во центарот на интересот на многу книжевни творци. Исто така, оваа година и конкуренцијата беше впечатливо силна и морам да признаам дека бев задоволен и среќен што „Суво мастило“ влезе во последниот финален круг од пет романи. Целата таа неизвесност, која траеше повеќе од еден месец, реализирана преку неколку изборни кругови, придонесе нашата читателска публика да добие конкретна информација за романите и за нивните автори. Се разбира, за ова најмногу придонесоа медиумите кои ја следеа со интерес оваа книжевна „трка“. Сепак, имам мала забелешка за организаторот, кој на пресот при прогласувањето на победникот, со сценариото и декорот како да ја „уби“ таа неизвесност.

Романот „Суво мастило“ беше меѓу петте финалисти за наградата „Роман на годината“

По повеќе книги со поезија и раскази, „Суво мастило“ е вашиот прв роман. Како зрееше идејата за поголемо прозно дело?

– Првичната идеја беше да напишам расказ, подолг расказ. Но, како навлегував во приказната и во истражувањето за Едуард Пенкала, наративната мрежа се рашири така што таа првична идеја едноставно се стопи и вгради во новата раскажувачка конструкција, која доби поголем наративен волумен. Добив идеја да напишам роман за хрватскиот конструктор Пенкала и за неговиот најпознат патент пенкалото, но сакав таа приказна да биде поврзана со нашето поднебје, со Македонија. Тука го пронајдов својот главен творечки предизвик креирајќи ја животната конекција помеѓу Едуард Пенкала и битолчанецот Андон Цветков. Жирито за наградата „Роман на годината“ го увиде мојот творечки труд и го избра „Суво мастило“ за финалист. Се надевам дека и идните читатели ќе доживеат богато книжевно задоволство следејќи ги животните траектории на Пенкала и Цветков низ страниците на романот.

Од личен аспект, не би ги поделил делата на „поголеми“ и „помали“. Нормално е, со времето, во создавање да се менуваат пристапите кон одредени книжевни интереси и теми. Честопати и во моите песни и раскази ѝ пристапував на историјата и од неа црпев привлечни теми или проблематизирав одредени настани. Така и овој пат, само што сега за тоа го избрав романот како простор за мое лично соочување со историјата. Но тука би додал, секое соочување со историјата не те оддалечува од сегашноста, туку напротив, те вкопува во неа.

Дејството во „Суво мастило“ се одвива на крајот на 19 и почетокот на 20 век. Од каде ги црпевте историските факти, вклучително и оние за Едуард Пенкала?

– Прочитав голем историски материјал поврзан со Загреб, Дрезден, Битола и Софија. На интернет пронаоѓав стари карти и мапи за точно да ги лоцирам местата, градбите, улиците, па дури и кафеаните. Гледав стари фотографии и ги користев за прецизен опис на историскиот амбиент. Прелистував кулинарска литература за да пронајдам традиционални хрватски и германски јадења. Читав риболовни прирачници за да откријам кои видови риби ги има во Сава во близина на Загреб. Во таа моја потрага пронајдов и фотографија од првото фудбалско игралиште на кое бил одигран првиот официјален натпревар во Загреб. Конкретно, за Едуард Пенкала на интернет има релативно малку податоци. Тука најмногу ми помогна хрватскиот историчар на авијацијата, Борис Пухловски, кој во своите книги честопати го споменува Едуард Пенкала како еден од пионерите на хрватското воздухопловство.

Како писател, каков е вашиот пристап кон одредена исторска тематика и колкав простор оставате за уметничка интерпретација на приказната?

– Историјата, односно минатото доаѓа до нас како приказна составена од низа на факти. Но таа приказна е крута, груба, егзактна, насочена кон колективното восприемање, а не кон индивидуалното доживување. Историјата најчесто своите точки на интерес ги наоѓа во одредените личности, настани и датуми обидувајќи се преку нив да даде одредено толкување на времето кое поминало и секогаш при тоа го занемарува човекот, без разлика дали тој човек е владетел, револуционер, пронаоѓач или музичар. Историјата остава празен, отворен простор помеѓу своите интересни точки. Токму тој меѓупростор е привлечен за секој автор, кој ја гледа историјата како моќна подлога за своето книжевно дело. Но сепак, треба внимателно да се навлезе во тој простор и вешто да се пронајде творечкиот баланс помеѓу историската фактографија и личното толкување на историските факти. Тоа е уметничка, субјективна пресметка на авторовото „како можело да биде“ со историското „како било“.

Кои тематики би можеле да бидат интересни за некои следни ваши дела?

– Важен поттик за секое ново дело е тоа дело да биде подобро од претходното. Но постојано се наметнува прашањето – што е тоа што едно дело, еден роман го прави добар? Дали за тоа влијае привлечната тематика, интересната постапка или, пак, кокетирањето со вкусот на читателите или критиката, каква-таква? Како автор, јас не го знам одговорот. Да бидам искрен, не го ни барам. Го посакувам и го барам она чувство на полнотија и задоволство кога ќе го прочитам конечниот текст и кога ќе си прошепотам – е, ова е тоа. Можеби следниот мој роман ќе биде за еден наш човек, учесник во Шпанската граѓанска војна или, пак, за еден трагичен настан во повоено Скопје. И се надевам наскоро ќе си прошепотам – е ова е тоа.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 77, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 17-18 април 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот