Разговор со писателката Александра Нашевска – Ен Игма: Зборот за мене значи живот

„Ходник кон амнезија“ е вториот роман на Александра Нашевска – Ен Игма

Под псевдонимот Ен Игма писателката Александра Нашевска ги објави романите „Вокабуларис“ и „Ходник кон амнезија“, двата во издание на „Темплум“, а нејзините патишта на креацијата ја водат и кон трета книга.

Првата читателска средба со Ен Игма се случи со романот „Вокабуларис“, каде што таа креираше уникатен свет на зборовите. Дејството во нејзиниот втор роман „Ходник кон амнезија“ се случува во ментална установа и читателот често ја поминува границата помеѓу реалноста и фикцијата, обидувајќи се да ја спознае вистинската судбина на главниот лик Слободан. И двете дела се вистински предизвик за средба со авторката Александра Нашевска – Ен Игма.

Издавачката куќа „Темплум“ го објави Вашиот втор роман „Ходник кон амнезија“. Како течеше процесот на создавањето и на објавувањето на делото?

– Неверојатен е патот на креација на каква било суштина што извира од белината на ништото на празните страници на една ненапишана книга. Токму белата боја на празниот екран пред да ја напишам „Ходник кон амнезија“, белата што ги содржи сите бои во мене разбуди виножито на емоции што ги претворив во зборовни искуства за читателот. Секако, многу истражување беше потребно за да се заврши еден ваков потфат, но јас уживам во секој момент од моето пребарување на интернет, иако животот на писателот е таков – доколку некој ја анализира нашата историја на интернет пребарување истиот би можел да остане вчудовиден од досетливоста, но и да нѐ приведе на испрашување заради бизарноста на информациите што ни се потребни за да навлеземе во карактерот на некои од ликовите во нашите книги. Се шегувам, секако. Уживав во секој момент, од првата напишана буква сѐ до прашањата кои ми ги поставуваат читателите, имено – кога ќе биде готова третата книга. Со „Темплум“ имаме одлична соработка. Тие се одговорни за издавањето на книгата и нејзината дистрибуција, а книгата може да се најде и во книжарниците „Или-Или“ и „Буква“.

Дејството во романот „Ходник кон амнезија“ се случува во ментална установа / Илустрација: Ване Костуранов

Главното дејство во романот се случува во ментална установа. Од каде се појави поривот да пишувате за менталните состојби на една личност?

– Едноставно – секој од нас има своја, сопствена ментална состојба. Тоа е материја што се менува. (Некогаш ни цветаат рози, а некогаш мислиме дека е крајот на светот.) Сметам дека еден писател ја има одговорноста да ни ја приближи реалноста која што не ја гледаме, исто како што еден новинар ја има одговорноста да ни ги приближи вестите кои не сме ги слушнале, исто како што секој има одговорност да биде најдобрата верзија од себе.

Добив порив да пишувам за маргината на општеството – менталната установа – која ултимативно ја одзема секоја веродостојност што ја бара истото тоа општество од своите членови. Одбрав да пишувам за машинерија на општество кое дозволува маргинализација на своите членови, на своите „запчаници“ без да ги заштити (а со тоа да се заштити и самото себе) од корозија.

Приказната е базирана на вистинска случка или е оформена со фиктивни размисли за можни случувања во имагинарен свет?

– Приказната е заснована на вистинска случка. Јас и отидов да ја посетам психијатриската болница „Скопје“ во Бардовци за да можам да создадам реална слика која ќе ми даде основа за дејството. Секако, во процесот на пишување се додадени фиктивни елементи, главно на крајот на приказната, кој нема да го откријам, но ќе кажам дека буди чувства на надеж дека некогаш утрото е попаметно и од „најцрната ноќ“ на нашата психа, па може да се разбудиме во реалност која ни изгледа далечна.

Во романот „Вокабуларис“ е креиран уникатен свет на зборовите

Во претходниот роман „Вокабуларис“ создадовте свој свет на зборовите. Какво чувство во Вас предизвикува секој изговорен или напишан збор поединечно?

– Да, „Вокабуларис“ е, всушност, светот на зборовите во кој тие, како и ние луѓето, живеат и не така паралелни животи од нашите. Секој од нив е своја индивидуа со морални и етички убедувања далеку посовршени од овие што ние ги практикуваме тука на Земјата.

Зборот за мене значи живот. Почнувајќи од пишувањето, па сѐ до дневната комуникација со луѓе секој збор го доживувам како свој сојузник во целите што сакам да ги остварам. И секогаш се потсетувам да бидам благодарна за оваа човечка моќ, која сѐ уште ја имаме, а може така лесно да ја загубиме доколку сме ликот од „Ходник кон амнезија“, на кој стигмата му го одзема кредибилитетот. Сметам дека „Вокабуларис“ – или целиот фонд на зборови – е свет кој е испреплетен со нашиот и може многу да научиме од нивниот сет на едноставни правила на кои основата им се моралот и етиката за тоа како можеме преку зборот да влијаеме на заедницата. Сметам дека нашите деца ќе имаат најголема корист од љубовта кон правилно одбраните зборови, кои ќе влијаат врз нивниот раст и развој, а со тоа и растот и развојот на општеството кое еден ден тие ќе го водат.

Како се одвива интимниот процес на создавањето на вашите дела и имате ли своја креативна точка во која најлесно течат мислите?

– Секоја моја „пишанка“ настанала на различен начин. Верувам дека јас како личност растам и се развивам, а пишувањето е мојата слободна зона каде што можам да експериментирам со различните стилови што ми се интересни во одреден период од мојот живот. Единствено внимавам на моето уверување дека уметничката креација, како и секоја друга, треба да познава граници во однос на тоа дека не треба по секоја цена да ги крши нормите, поради фактот што некои норми, всушност, имаат смисла. Во таа насока би рекла дека верувам во онаа нашата „златна средина“, која ми е интригантна заради можноста за проткаен хумор што уживам да го вметнувам во моите книги. Креативната точка ми е празниот лист – едноставно сакам на белата да ѝ ја додадам единствената боја од спектарот што ѝ недостига – црната – па така нижам букви. „Цело е кога има сѐ“, нели?

Читателите Ве препознаваат по псевдонимот Ен Игма, а делата прво ги пишувате на англиски јазик, а потоа самата ги преведувате на македонски јазик. Со каква цел?

– Целта е едноставна, но и комплицирана. Едноставно – размислувам на англиски јазик кога сум пред празен лист – нешто што ми останало како професионална деформација од факултетските денови. Целта е покомплицирана… сѐ со надеж дека книгите полесно ќе се пласираат на пошироки простори, како што е случајот со „Вокабуларис“.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 164, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28-29 јануари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот