Разговор со пијанистот Дино Имери: Тивките реки брег ронат!

Повеќе авторски композиции, што првпат ќе бидат изведени пред скопската публика, ќе бидат дел од програмата на концертот „Рефлексии“ на македонскиот врвен пијанист Дино Имери, што ќе се одржи на 26 август на платото пред Музејот на македонската борба во Скопје.

Вистински празник за публиката се концертите на пијанистот Дино Имери. Млад и талентиран, секогаш насмеан и расположен, Дино е вистински магнет за музичките сладокусци. Таков ефект веќе предизвика и со најавата за неговиот соло концерт „Рефлексии“, што ќе се одржи на 26 август на платото пред Музејот на македонската борба во Скопје. Особено што станува збор за музичка приказна во авторство и изведба на Имери, која е плод на неговите повеќегодишни животни и уметнички потраги и внатрешни конфликти.

Според насловот и фотографијата употребена за плакатот звучи како многу интимен концерт. Што точно ќе донесе програмата на „Рефлексии“?

– Се работи за програма составена од мои авторски композиции. Мал дел од нив веќе ги изведов во неколку градови, меѓу кои Рим, Софија, Добрич, а најголемиот дел ќе бидат за првпат презентирани на јавноста токму во Скопје. Сите композиции се тематски поврзани во еден концепт – Рефлексии или приказни од мојот внатрешен свет. Фотографијата за постерот, дело на младиот и уникатен уметник Кирил Зеленковски, всушност, е направена на 35-милиметарски филм со аналоген апарат. Имаше, за мене, совршена смисла техниката, но особено носталгичноста и рефлективноста на фотографијата, која длабоко ме потсеќа на моето детство и Скопје од раните 90-ти години – Скопје кое се чини засекогаш исчезна во реалноста, но остана врежано во мојата потсвест. Во право сте, ќе биде, пред сѐ, интимно доживување.

Фотографијата за постерот е дело на младиот уметник Кирил Зеленковски и направена е на 35-милиметарски филм со аналоген апарат

Концертот ќе биде бесплатен за публиката. Со чија помош и поддршка го подготви концертот?

– Уметникот во Македонија е како цвеќе кое расте низ асфалт. Јас не сум исклучок на тоа правило. Имав среќа, после многу неуспешни обиди за соработка со дел од нашите институции, односно раководители, да наидам на прекрасен однос и професионален ангажман од страна на Музејот на македонската борба и г-ѓа Даниела Николова, која ја поддржа оваа моја значајна премиера на моите дела. Концертот е финансиски поддржан од страна на Министерството за култура преку годишната програма, а тоа придонесе кон создавање на композиции кои, се надевам, ќе останат на идни генерации, како и премиерна изведба на истите.

Во карантинскиот период одржа „Концерт во изолација“ во Музејот на македонската борба. Сега ќе настапиш пред публика во отворениот простор на Музејот. Каква разлика прави присуството и отсуството на публиката за изведувачот?

– Концертот во изолација беше многу важен за мене поради повеќе нешта. Прво, бидејќи се одржа во психолошки тежок момент за сите нас за време на полициски час, а пораката беше силна – борбата продолжува, животот и музиката ќе продолжат. Беше директно проследен он-лајн од околу 3.700 луѓе, а симболично го посветив на здравствените работници и на сите инволвирани во справувањето со оваа криза. Присуството на публиката прави огромна разлика, но на ум ми тежеше да се обидам најдобро што можам и најискрено што знам да допрам со љубов до сите кои ме следеа и барем за момент да се потсетиме на нашата човечка страна.

Преку мојата работа им се обраќам на оние кои, сѐ уште, ја имаат надежта и љубовта во нивното срце – не се откажувајте од вашите соништа! (Фотографија: Татјана Ранташа)

Колку изминатиов кризен период влијаеше да се запознаеме повеќе самите себеси. Тематски концертот е музички обид за разрешување на некои твои внатрешни конфликти?

– Дефинитивно. Барем оние од нас кои имаат искрена желба да се запознаат подобро и да работат на себе. За мене беше многу важен период, а дел од одговорите на многуте прашања ги најдов во музиката која ја создавав и која ќе ја изведам на концертот „Рефлексии“.

Кризата некако се издолжува, а концертите и понатаму ќе се случуваат инцидентно. Како тоа влијае врз уметниците? Што од овие времиња би требало да научиме?

– За жал, оваа криза е само продолжение на една многу подлабока и потажна криза во културата и општо во нашето живеење. Погрешните луѓе на вистинските места со чувство на лична сопственост на институции кои се градат со децении, пријателствата и конекциите пред квалитетот и професионализмот, сето тоа тивко, но сигурно прави неповратни штети на нашите деца и младите луѓе, кои се приморани да се откажат од своите соништа. Најмногу од сѐ, преку мојата работа им се обраќам на оние кои, сѐ уште, ја имаат надежта и љубовта во нивното срце – не се откажувајте од вашите соништа! Тивките реки брег ронат!

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 45, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 22-23 август 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот