Разговор со пијанистката Даница Стојанова: Музиката е жива материја

Пијанистката Даница Стојанова минатата седмица настапи во камерната сала на Универзитетот за музика во Тирана, Албанија, а тука пренесуваме дел од нејзините искуства со концертните настапи во време на пандемијата на ковид-19.

Пијанистката и професорка по пијано Даница Стојанова досега има настапувано на многубројни фестивали и манифестации кај нас и во светот, во држави како САД, Германија, Франција, Италија, Бугарија, Турција, Малезија, Албанија, Косово, Србија.

Нејзината успешна јавна изведба на дела од македонски композитори во текот на една година, за 2019 година, ѝ ја донесе наградата „Георги Божиков“ на Сојузот на композитори на Македонија – СОКОМ, која ѝ беше врачена на 43. Денови на македонска музика. Неодамна Стојанова настапи во Тирана и со нас ги сподели искуствата за концерт реализиран во ковид-услови.

На 18 ноември одржавте солистички концерт во Тирана. Каде и по кој повод се случи концертот?

– Концертот првично беше закажан за Њујорк, потоа Париз и крајно се пренасочи за Тирана. На моја голема среќа го фатив последниот воз, народски кажано, затоа што во Тирана веќе беа преземени нови протоколи за заштита од коронавирусот, односно затворање на сите институции. Концертот се одржа во камерната сала на Универзитетот за музика во Тирана и таа промена ми беше кажана во последен момент, бидејќи едноставно им беше забрането да се користи големата концертна сала „Задеја“.

Тоа беше вистински ковид-концерт, да речам, од такси во соба за пресоблекување, потоа во сала – свирење, кратко поздравување со колегите и назад во такси, кон граница и пристигнување во Охрид. Среќата и задоволството постојат, но ќе треба да го почекаме периодот кога ќе може да настапиме во полни сали или ќе се пренасочиме на стриминг на онлајн настапи, а за тоа е потребна голема техничка поддршка, па оттука ќе има лимитирање на настапи на уметниците. Навистина е една неубава состојба, која ќе мора да ја прифатиме или да излеземе од неа како победници. Ќе видиме, времето ќе покаже. Настапот во Тирана беше реализиран со поддршка од Град Скопје и Министерството за култура.

Неизлегувањето на сцена (немање концерти) е смрт за уметникот, посебно за оние што живеат од тоа

Солистички концерти сте имале во повеќе држави низ светот. Колку ковид-кризата го промени начинот на живеење и концертирање на музичките уметници?

– Иако многу од нас не сакаме да признаеме (во множина кажувам, зашто секојдневно сум во контакт со колеги од цел свет), но генерално се наоѓаме во една голема криза. Во овој период ќе добијат приоритети најголемите светски имиња и истите тие ќе прифатат концерти под услови за кои претходно би одбиле настап, и тоа се случува така. Зборувам за врвот и за големите светски сцени, кои секојдневно ги менуваат протоколите, а повеќето од нив долго и се затворени. Има фестивали кои поканија врвни имиња, а недела дена пред настап се откажаа концертите. Јас бев спремна да одам да ја слушам Марта Арѓериќ на БЕМУС во Белград, меѓутоа фестивалот е откажан. Навистина е многу лош период. Неизлегувањето на сцена (немање концерти) е смрт за уметникот, посебно за оние што живеат од тоа. Променет е животот и дали ќе се врати на она што беше – не знам, јас немам одговор. Понекогаш сум оптимист, а сега веќе и песимист по тоа прашање.

Но, истовремено се покажа една голема вистина, дека многу од нас уметниците, кои живееме за уметноста, направивме потези за почит и крајниот исход или другата страна на медалот е дека ако си еднаш уметник – тогаш цел живот си уметник. Мене лично многу ми фалат настапите надвор, средбите со пријатели-колеги, заедничката соработка, но ете ќе почекаме подобри времиња. За среќа наша, техниката е толку далеку отидена со големи постигнувања, па оттука таа нѐ одржува и нас уметниците и ни помага на секаков начин.

Концерт на пијанистката Даница Стојанова во камерната сала на Универзитетот за музика во Тирана

Како селекторка на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ бевте во ситуација да планирате концерт како организатор, но неизвесноста дали ќе се одржи да трае до последниот момент. Какво е тоа чувство?

– Е, тука можам да кажам дека имав голема среќа, иако поради големите обврски со работно време 24/7, немав многу време да размислувам за тоа. Но, неизвесност не почувствував ниту во еден момент. Сите уметници дојдоа, замислете во најголемиот жар на пандемијата на ковид-19, и сите си отидоа здрави и живи со спомен за век и веков, и со голема благодарност за учеството. Фестивалот „Охридско лето 2020“ ќе биде запаметен како бисер на културната сцена во пандемиска година. Само, треба да се знае и тоа, фестивалот „Охридско лето“ се одржува во месеците на летен период, што е олеснителен фактор за спроведување на протоколите и заштитните мерки кон сите.

Покрај успешната реализација на „Охридско лето“, во есенскиот период во Скопје се одржуваат повеќе музички манифестации, како Денови на македонска музика и Есенски музички свечености. Концерти и публика има, но какво е вашето мислење за одгласот во медиумите за одржаните концерти?

– Тука упатувам посебно големо браво на организаторите, бидејќи во зимски услови протоколите се построги и публиката потешко излегува од дома, а тие успеаја да ги реализираат сите концерти. Браво на учесниците, браво на институциите кои си потпомогнаа со заедничката соработка, браво на „Културен печат“ и неговите објави за културата во Македонија и пошироко, браво за техничкиот персонал, браво за авторите, композиторите и, секако, на публиката, иако малубројна, но голем двигател на уметникот. Одглас во медиуми!? Тоа е заборавена работа. За жал, на тоа ќе мора да се поработи многу. Нашите медиумски поддржувачи очигледно се влезени во длабок зимски сон со години и од кој никако да се разбудат. Сѐ додека на гледачот му се пласира едностраност и евтиност во секој поглед на телевизиските екрани, како најгледан медиум, ќе биде така.

Од друга страна, пак, малкумината имаат среќа да блеснат и да станат бренд, а можеби така и треба. Ете, „Културен печат“ се покажа таков. Јас лично посакувам во блиска иднина да се појават искрени промотори и нови професионални лица кои навистина ќе ја заштитат и распространат уметноста по медиумите на еден нов начин, која ќе биде барана, консумирана и сакана од широката публика.

Работите како професорка по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Како кризата се рефлектира во педагошката дејност? Онлајн часови по пијано се можни, но колку се ефективни?

– Платформата е одлична и тука Министерството за образование реагираше брзо, но за онлајн пијано-часовите тоа не важи. Да бидеме реални и да не се залажуваме, музиката е жива материја, наука над науките. Но, се надевам брзо ќе заврши пандемијата и ќе се врати наставата со физичка присутност, а до тогаш се молам сите да останеме здрави и да, ќе работиме онлајн зашто здравјето е поважно од сѐ.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 58, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 28-29 ноември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот