Разговор со Петар Китановски, тапетар: Во последните години интересни се ретро-дизајните, а најзастапени бои се сивата и крем

Фото: Приватна - архива

Темелите на она што сега го знаеме како тапацирање мебел во модерната ера биле поставени кон крајот на 16 век, кога грубите форми на полнети столчиња станале почесто употребувани како замена за дрвени столици од тоа време.

Петар Китановски, по занимање е тапетар, или мајстор за тапацирање мебел. Љубовта кон овој занает ја наследил од својот татко, а од свои 17 години веќе и активно почнал да работи во семејната работилница.

Масовното производство на мебел од друга страна значи и масовно зголемување на отпадот. Со реупотребата на стариот мебел се грижиме и за нашата иднина. Старата фотелја, кауч или неколку столови чиј век може да се продолжи се причина плус да им дадете „нов живот“, отколку да завршат неславно на некоја депонија.

Фото: Приватна – архива

– Постарите велат, „како што имаше порано да се купи сега нема!“. Емоционалната поврзаност со едно парче мебел е многу значајна за едно семејство. Квалитетните стари парчиња мебел може да траат уште многу генерации доколку дозволите професионалци да се погрижат за нив. Дајте им шанса, а тие ќе ви возвратат со удобност – вели Петар.

Фото: Приватна – архива

По професија сте тапетар. Колку време се занимавате со овој занает?

– Со овој занает се занимавам 22 години, поточно од 17 години додека сè уште учев. Мојот татко започна со занаетот во 1967 година и сè до неговото пензионирање се занимаваше со тапацирање мебел, многу успешно. Веднаш по завршеното средно образование некако беше логично да ја продолжам семејната традиција, но не ми беше наметнато.

Фото: Приватна – архива

Што подразбира враќање во живот на старо парче мебел „од корен“?

– Луѓето што не се во оваа бранша, обично мислат дека е многу едноставно, поточно дека станува збор само менување на материјалот. Целиот процес зависи од идејата и од потребата на клиентот. Прво се отстранува стариот материјал, се зема мера или кројка за да се изработи идентично како што некогаш било, се кројат сите парчиња, па се преминува на шиење и на крај тапацирање. Ова е постојана процедура што е основа на едно тапацирање. Во зависност од желбата, но и состојбата на мебелот, се менува сунѓер, полнење, каде што е потребно се шие рачно, се додаваат украсни детали, посебно кај стилскиот мебел итн.

Фото: Приватна – архива

Колку трендот на тапацирање мебел е актуелен денес и која возрасна група почесто се одлучува да го обнови стариот мебел, помладите или повозрасните?

– Од моето искуство претапацирањето е секогаш актуелно, но недостасуваат мајстори што навистина се занимаваат со ова. Нема одредена возраст на луѓе што тапацираат мебел, тапацираат оние што знаат што значи да се изработи нешто рачно и трајно на подолги патеки.

Фото: Приватна – архива

Кои материјали ги препорачувате да бидат прв избор на Вашите клиенти, со цел полесно одржување и долготрајност? Кои трендови преовладуваат?

– Во последно време најмногу се користат материјали што се во класата на микрофибер, кои се лесни за одржување, а притоа се со модерен дизајн. Она што не го препорачувам е екокожа бидејќи е со краток век на траење и изгледа многу изветвено по некоја година.

Софа стара над 150 – години / Фото: Приватна – архива

Во последните години покрај модернистичкиот стил, интересни се и ретро-дизајните, ретро-штофови, а боите што се најзастапени се сивата и крем, но сепак тоа е прашање на вкус. Во секој случај се посмирени бои, за разлика од пред неколку години кога преовладуваа силните бои.

Фотелја стара над 150 години / Фото: Приватна – архива

Кое парче мебел со специфичен дизајн што сте го тапацирале, ќе Ви остане во сеќавање?

– Би издвоил една многу стара софа (повеќе од 150 години) која пристигна од Холандија само како конструкција. Ќе бидам нескромен кога ќе кажам дека со вакви парчиња по толку размислување го оформив до краен продукт заслужен за воодушевување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот