Разговор со Петар Арсовски, иднината на македонскиот бокс: Мојата мисија и да станам професионалец и да боксувам со најдобрите

Борењето и боксот се двата најтрофејни спортови во Македонија кои во минатото дадоа големи шампиони, едниот има имиња како Шабан Трстена, Шабан Сејдиу, Зоран Шоров, додека боксот даде шампиони и освојувачи на олимписки, европски медали како Аце Русевски, Реџеп Реџеповски, Азис Салиху…

Но, во денешно време и двата спорта се далеку од старата слава, иако борењето „закпренува“ со Могамедгаџи Нуров кој обезбеди олимписка норма, додека во боксот има вистински бисер кој во наредните години треба да го гради својот пат кон славата и успесите.

Станува збор за талентираниот 14-годишен Петар Арсовски, кој нешто повеќе од две години живее во Софија и тренира во Локомотив, а веќе има дури 57 меча во рингот, што е доволна провокација за „Слободен печат“ да направи разговорот со новата надеж на македонскиот бокс.

Младиот Петар со ракавиците започна да другарува пред шест години, на осумгодишна возраст и тоа највеќе по заслуга на неговиот татко, Александар Арсовски кој во тоа време беше асистент тренер на БК „Аперкат“.

– Уште во најрана возраст, мислам на четири-пет години, докторите по систематскиот преглед ни рекоа дека Петар треба да почне да спортува бидејќи може подоцна да има проблеми со грбот, поточно со „лопатките“ и ни препорачаа да тренира гимнастика или пливање. Се обидовме со тие спортови, но некако не му лежеа на Петар, исто како и фудбалот. Бидејќи бев тренер на БК „Аперкат“ во тоа време го прашав дали сака да доаѓа со мене на тренинзите, а тој како од топ кажа Да. И така започна неговиот боксерски пат – вели таткото Александар.

Младиот Петар вели дека се заљубил во боксот на прв поглед.
– Не знам дали беше тоа поради татко ми бидејќи беше боксер, но и јас отсекогаш сакав да тренирам бокс – вели Петар за „Слободен печат“.

Првиот пат влезе во рингот на 8-9 години во Тетово и оттогаш љубовта и стаста кон боксот и ракавиците не спласнуваат, напротив сè се поголеми.
– Никогаш не сум чувствувал страв во рингот. Можеби изгледа чудно, но тоа е вистината – уште кога првиот пат ги облеков боксерските ракавици, знаев дека ова е мојот спорт на кој ќе се посветам – вели Петар.

Како се зголемуваше љубовта кон боксот, така и стануваше потешко за да се пронајдат мали дечиња со кои кои Петар би ги вкрстил ракавиците во рингот.

На иницијатива на БК Аперкат, заедно со останатите клубови, во тоа време се направи една детска лига каде немаше победници, туку сите мечеви завршуваа нерешено. Мечевите се боксуваа без публика но се одржаа шест до седум кола за една година по што пропадна овој проект.

Одејќи заедно со татко си на мечевите од Бенекс лигата во која учествуваа екипи од целиот регион, Петар редовно ги вкрстуваше ракавиците со останатите дечиња од регионот, а на слична боксерска приредба се случи вистинска пресвртница во талентираниот боксер. Во Приштина, талентот на Петар Арсовски беше приметен од легендата на бугарскиот и светскиот бокс, Петар Лесов.

Според правилата на Боксерската федерација на Македонија, за да може да влезе во рингот, боксерот мора да има најмалку 12 години, додека таа граница во Бугарија е на 10 години, но со дозвола од двајцата родители.

– Пред нешто повеќе од две години заминавме во Приштина каде Петар требаше да боксува и по борбата ни пријде легендата на светскиот бокс, Петар Лесов кој бил олимписки и светски шампион и ни рече дека малиот има талент и дека сака да дојдеме кај него во Бугарија. Со помош на Живко Дуковски остваривме повторен контакт со Лесов кој ни предложи Петар да тренира во Софија. Тоа претставуваше вистински шок за нас, за мене како родител бидејќи се чувствував горд што една боксерска легенда гледа потенцијал во син ми – се потсетува таткото Александар на средбата со Петар Лесов.

По неколку месеци, Петар Арсовски се сели во Софија каде станува член на Локомотив и веќе две години со голем успех тренира и настапува во рингот.

– Веќе две години сум во Бугарија, во клубот Локомотив каде ги имам сите услови за да успеам. Целиот престој ми е органзиран за да можам потполно да се посветам на боксот. Одам на училиште, а секој работен ден имаме по два тренинзи дневно, додека во викендите по еден. Имам одлични тренери кои се задоволни од моите тренинзи и борби – вели Петар чиј напредок е очигледен.

– Оваа година за прв пат се натпреварувам во кадетска конкуреција и освоив сребрен медал во бугарскиот куп, а имам злато од државното првенство. Во претходната старосна категорија исто така имам златен медал во првенството, а победив и на неколку турнири како што се „Рударска ракавица“, “Љуба Врапчев“. Досега имам 57 борби, но не запирам тука – зборува талентираниот Петар кој се очекува да ја врати Македонија на големата боксерска сцена.

Токму такви се и неговите размислувања, сака да влезе во професионалните води.
– Нормално е дека сакам да бидам професионалец и се надевам дека ќе ми се оствари желбата. Мојата мисија е да боксувам со најдобрите, не чувствувам страв во рингот и сакам да боксувам и да напредувам.

Неизбежна тема кај секој млад и екстра талентиран спортист се идолите.
– Немам некој посебен идол, но ми се допаѓа Васил Ломаченко. Бидејќи можам да кажам дека највеќе ми лежи контрагард стилот, редовно ги гледам борбите на еден од најдобрите такви боксери, Рој Џонс јуниор – зборува Петар Арсовски.

Според постигнатите досегашни резултати, пред македонскиот бокс се далеку подобри времиња.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот