Разговор со основачките на ПИНА: Филмовите треба да се катализатор за размислување и дебати

 Медиумскиот фестивал е значаен настан за медиумската писменост во земјата, бидејќи го следат луѓе од најразлични профили и професии и секако многу млади луѓе.

Четвртиот Истражувачки филмски фестивал Скопје започнува денес, а може да се следи онлајн на платформата на ИФФС. За Фестивалот и активностите на Платформата за истражувачко новинарство ПИНА, разговараме со три новинарки: Кристина Озимец – основач и претседател на ПИНА и координатор на фестивалот, Златица Петковска – програмски координатор на фестивалот и основач и член на ПИНА и Марина Лазаревска – селектор на фестивалот и основач и член на ПИНА.

Што ќе видиме на Фестивалот?

З.П: Поаѓајќи од промените што пандемијата ги предизвика во светот, не заобиколувајќи ја ниту медиумската сфера, решивме ова издание да го посветиме на нишките што нè обединуваат, на суштината која останува непроменета и човечноста што се обидуваме да ја зачуваме. Оттаму произлегува и годинешната тема „Солидарност“ чие значење од различни аспекти се забележува во изборот на флмови, соговорници и теми за дискусии.

Лично сум многу задоволна од она што нè очекува и полека влегувам во улога на гледач, па со нетрпение го чекам почетокот на фестивалот. Годинава со дури шест фестивалски дена, ИФФС е целосно преселен онлајн, што беше единствена разумна одлука со оглед на моменталната ситуација. Иако ќе ни недостасува атмосферата од минатите изданија, сепак се надеваме дека барем вака фестивалот ќе може да го проследат многу повеќе луѓе, кои инаку не би можеле да ни се придружат во Скопје.

Кога зборуваме за горливи теми, за жал неминовно е да се вклучи проблемот со нападите врз новинар(к)и, па за тоа ќе разговараме со Метју Каруана Галиција, син на убиената малтешка новинарка Дафне.

Почнувајќи со првата дискусија каде за клучните предизвици во новинарството ќе зборуваат директорката на Европската федерација на новинари, Ренате Шродер и основачката на Коалицијата за жени во новинарството, Киран Назиш, па сè до последниот фестивалски ден каде за одговорно известување на теми од здравството ќе зборува извонредната Миа Малан, на фестивалот се разгледуваат актуелни теми, на начин кој е сепак поинаков од она што периодов нè презаситува. Кога зборуваме за горливи теми, за жал неминовно е да се вклучи проблемот со нападите врз новинар(к)и, па за тоа ќе разговараме со Метју Каруана Галиција, син на убиената малтешка новинарка Дафне. На второто издание на ИФФС беше прикажан документарецот „Дафне: Егзекуцијата“, а ова е тема која не смееме да дозволиме да биде премолчена, па и годинава даваме скромен удел во борбата за слобода на медиумите која реално, ја засега слободната мисла и секој граѓанин кој верува во правда.

М.Л: И годинава во филмската програма избравме визуелно различни интригантни наслови со елементи на истрага за тековните глобални проблеми и феномени низ кои се провлекува „солидарна“ нишка. Фестивалот го отвораме со „Коронација“ (Coronation) на кинескиот уметник Ај Вејвеј, кој е „снимен на дистанца“ со користење материјали на жители на Вухан. Во него Вејвеј нè враќа назад во Вухан сè до почетоците на кризата, строгостите на таа прва блокада и во време кога таквиот концепт сè уште беше непознаница за остатокот од светот. На фестивалот имаме и светска премиера на филмот „Човекот што знаеше премногу“ (The Man Who Knew Too Much) на Британецот Мајкл Освалд. Многу ни е драга оваа соработка оти Мајкл ни беше гостин на првото издание на фестивалот, кога го прикажавме неговиот филм „Пајаковата мрежа“ што коинцидентно се совпадна со објавувањето на „Рајските документи“. Во рамките на фестивалот годинава Мајкл ќе одржи и предавање на тема „Како да се направи филм речиси без буџет“ на 25 октомври. Во филмската програма имаме и филм со наслов „Солидарност“ (Solidarity) за работничките права и неправди, како и документарната истрага „Криминал од солидарност“ (Crime of Solidarity).

Ќе го прикажеме и номинираниот за „Оскар“ документарен филм „Пештерата“ на Ферас Фејад („Последниот човек во Алепо“, филм кој портретира храброст, отпорност и женска солидарност. Програмата опфаќа и документарци за светот на цензурата и цензорите – „Запознајте ги цензорите“ (Meet the Censors), за вработените во една самопослуга и нивните размислувања, стравови и соништа – „Моја драга самопослуго“ (My Darling Supermarket), за подигање на јавната свест за еколошките проблеми и конзумеризмот – „Амазонија: Будењето на Флорестанија“ (Amazonia: The Awakening of Florestania).

Фестивалот го затвораме со популарниот „Социјалната дилема“, кој предупредува на опасностите од социјалните медиуми, како платформите ни го сервираат тоа што сакаме да го гледаме и како комуницираме со другите, оти сега, повеќе од било живееме на Интернет. Филмот ќе го прикажеме ексклузивно во еден термин од 20 часот со македонски превод преку платформата за гледање филмови онлајн.

Четири жени, новинарки, сте координаторки и основачки на Платформата за истражувачко новинарство, ПИНА, кои се најголемите предизвици кај нас на жените во истражувачкото новинарство во споредба со оние на машките колеги?

K.O: Има предизвици кои се слични или исти, но има и такви кои не се. Како и во другите сфери на општеството, жените се уште се соочуваат со низа на борби за еднаквост како и предизвици да остварат исти можности за напредок и развој на кариерата. Новинарите не живеат надвор од нашата средина, во која жените се уште се соочуваат со значаен процент на неплатена работа, домашна неплатена работа, предизвици да остварат свои основни права како на пример да не бидат дискриминирани во развој на кариерите ако останат бремени на пример, се соочуваат со сексизам, хомофобија итн. Новинарките се соочуваат и со онлајн вознемирувања, секзизам, навреди и закани кои често се адресирани кон нив како жени и потоа како новинарки. Особено онлајн вознемирувањата се за жал многу нормализирани и воопшто не се сфаќаат сериозно кај нас. Сите тие нормализирани негативни пракси, треба да го добијат вистинското име и најпрвин да сфатиме дека тие не мора да бидат воопшто трпени од нечија страна, за потоа да може и да се бориме за поправање на ситуацијата.

Новинарките се соочуваат и со онлајн вознемирувања, секзизам, навреди и закани кои често се адресирани кон нив како жени и потоа како новинарки. Особено онлајн вознемирувањата се за жал многу нормализирани и воопшто не се сфаќаат сериозно кај нас.

Што ве поттикна да стартувате платформа и фестивал од овој тип? Каква е фактичката состојба на терен имаме ли доволно новинарки што се занимаваат со истражувачко новинарство?

K.O: Ние во новинарството имаме доста жени и значен број на истражувачки новинарки кои придонесуваат многу за развојот на слободната мисла, дискусија и демократија во земјата. Низ годините, новинарките често беа во првите редови на борбата за подобро општество. Мислам дека поголем проблем се еднаквите можности на патот кон лидерските позиции, менаџерските или уредничките во мејнстрим медиумите, каде се уште на многу места доминираат одлуките носени од мажите. Во ПИНА меѓудругите проекти кои ни се посветени и на други области како развој на мобилното новинарство на пример, развој на медиумска писменост, работење на новинарски стории, развој на нашиот фестивал, ние исто значајно време посветуваме и на кревање на свеста за подобрување на состојбата на новинарките во земјата.

За да ја формираме ПИНА најмногу се инспириравме бидејќи сакавме да создадеме простор за себе и нашите колеги кој е различен од она што се нуди во мејнстрим медиумите. Нашата визија е создавање на современа платформа и заедница која освен што ќе создава добро новинарство, ќе понуди и простор за дебата, различни идеи, иновации и развој на новинарството и медиумите. Ние формиравме Програма за мобилно новинарство во 2019 година која нуди обуки и менторски процеси за работа на мобилно новинарство, како и Програма за новинарки која исто така нуди развој на серија на вештини. ПИНА се формираше поради желба да се донесе свежина во медиумскиот простор на нашата медиумска сцена, и тука не мислам само на медиумската, туку и на граѓанскиот сектор. Фестивалот потоа се роди како еден од нашите најзначајни проекти, кој целосно ги дополнува нашите активности и пулсира заедно со идеите кои се дискутираат или развиваат во ПИНА. Преку него, секогаш се трудиме тие идеи да не останат само во мали затворени кругови, туку да ги изнесеме кон пошироката медиумска заедница но и кон јавноста. Освен што медиумскиот фестивал е настан за новинари, тој е и значаен настан за медиумската писменост во земјата, бидејќи го следат луѓе од најразлични профили и професии и секако многу млади луѓе.

На Фестивалот прикажувате истражувачки новинарски филмови, во нашава држава имаме ли можност и капацитети да продуцираме таков вид на филмови какви што вие прикажувате на Фестивалот?

М.Л: На фестивалот прикажуваме филмови што се внимателно истражени, кои или поставуваат прецизни прашања или нудат одговори засновани врз факти. Дел и не се истражувачки документарци, но важно ни е да го прикажеме авторскиот пристап, темата што филмот ја обработува и слично. Филмовите треба да се катализатор за размислување и дебати, а фестивалот е токму таков простор. Има интерес, луѓето сакаат истражувачки теми, кои отвораат простор за дијалог, а таков дијалог е потребен за здраво општество.

Нашето мислење за домашната сцена за овој вид филмови го кажавме токму преку основањето на фестивалот во 2017, со цел да воведеме простор за да им го обезбедиме заслуженото место на истражувачките документарци како и можност на публиката да ги гледа истите.

Луѓето сакаат истражувачки теми, кои отвораат простор за дијалог, а таков дијалог е потребен за здраво општество.

Имаме капацитети, но многу малку можности. Не дека воопшто не се продуцираат таков вид на филмови, но најчесто тоа се кратки форми оти пак долгите форми чинат повеќе пари. Изминативе години прикажавме неколку домашни истражувачки филмови и од регионот. Се надеваме дека наскоро во овој дел ќе придонесеме уште повеќе.

Се обидуваме секоја година на фестивалот преку работилници и обуки да им приближиме на младите новинари и документаристи како се снимаат и се продуцираат истражувачки документарци со ограничени буџети и да ги охрабриме да снимаат. Така, имавме работилници за crowdfunding финансирање за истражувачки филмови, за изработка на документарен филм со паметен телефон итн. Годинава режисерот и продуцент Мајкл Освалд од Велика Британија ќе одржи онлајн презентација „Како да снимите филм речиси без буџет“.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот