Разговор со новиот тренер на тимот Автокоманда, Иван Марковски: Металург е мојот најголем предизвик

иван марковски
Интересен предизвик во тренерската кариера на Иван Марковски/фото: РК Металург

Екипата со големо име е во резултатска криза, а новиот тренер Иван Марковски е пред голем предизвик да направи пресврт и да ги оствари амбициите на Управата, трето место во првенството и излез во Европа.

Поранешниот македонски ракометен репрезентативец Иван Марковски е новиот тренер на Металург. Тој има тешка задача пред себе, да го извлече поранешниот учесник во ЛШ од резултатската криза во која се наоѓа. „Металурзите“ амбициите ги имаат свртено кон домашното првенство каде на стартот на плејофот од Суперлигата во првите две кола забележаа еден пораз, против Пролет (26-29) и едно реми против Струга (28-28). Амбициите на Металург се пласман на третото место и обезбедено учество во Лигата на Европа така што простор за нови киксови нема.
Марковски е млад тренер кој многу придонесе во создавањето и во издигнувањето на битолски Еурофарм Работник. Потоа се пресели во Франција каде три години успешно работеше со женскиот тим Самбр Авеноа. Откако се раздели со Французите се врати во Македонија. Ова му е прв ангажман по враќањето.

фото: РК Металург

– Како млад амбицизен тренер ми е многу мило што добив шанса да работам во еден од најголемите клубови во Македонија. Тоа е чест и огромна обврска и благодарен сум за довербата. Со мојот ентузијазам и амбициозност ќе донесам некои новини и поведри моменти во Металург за разлика од моментната ситуација – вели Марковски, кој го истакнува големиот предизвик.
– Комплицирана е ситуацијата, екипата промени неколку тренери, а секој тренер си носи свој стил на работа. Но, предизвикот за мене е голем. Првенството е изедначено, најизедачено во последните години. Еурофарм Работник и Вардар се фаворити во однос на буџетот и на многу други фактори. Но Металург, се додека има шанса, ќе се бори за едно од највисоките места. Екипата мора да биде подготвена за борба затоа што и останатите, Бутел, Пролет…, се сериозно ангажирани – вели Марковски кој истакнува дека Металург сепак е нешто посебно.

фото: РК Металург

Металург е клуб кој секогаш атакува за врвот. Прва наша амбиција е да го добиеме натпреварот со Еурофарам Пелистер 2 и да го фатиме приклучокот во горниот дел од табелата – го најавува Иван претстојниот меч од третото коло в сабота. Амбицијата на клубот е на крајот да биде третопласиран.
– Амбиција е третото место, што не е неостварливо и борба за излез во Европа. Изгубивме неколку бода во првите два меча, но мораме да го вратиме победникиот менталитет. Екипата е селектрирана за атак на првите три места, иако заминаа неколку играчи. Има неколку играчи кои играат на врвно ниво и знаат како се освојуваат титули. Од првиот тренинг ми е јасно дека тимот има поголем потенцијал од моментниот пласман. Јас имам своја визија, но најбитно во моментов е со победа да ја почнеме оваа работа – вели младиот стручњак за кого ова е најголем предизвик во кариерата.

– Јас сум млад во овој занает и мислам дека ова е мојот најголем предизвик како тренер, иако работев во Франција што е врвна ракометна средина. Ако таму работев успешно, во Металург, како мој најголем предизвик досега, можам да одговорам на барањата. Верувам во својата работа и во екипата која ја наследив – вели Марковски, кој има две ипол години договор со Металург. Тој како играч настапувал во Пелистер, Вардар, Металург, Метковиќ, Загреб…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот