Разговор со Никола Наумоски: Уникатен проект на Град Скопје реализиран во вонредни услови

Град Скопје во соработка со градските културни установи МКЦ, КИЦ и Универзална сала од 15 април до 10 мај го реализираше проектот „Култура во време на корона“ како една од кризните мерки за поддршка на локалната независна културна сцена.

Концертот на групата „Суперхикс“ на 10 мај беше дел од завршницата на проектот „Култура во време на корона“. Бројките на 50+ концерти, 200+ учесници и 500к+ гледачи преку интернет го потврдува успехот на проектот.

Покрај групите „Суперхикс“, „Љубојна“, „Фанк шуи“, „Планктонс“, „Рингтонс“ и други, имаше настапи и на диџеите Оги, Роботек, Зоки Бејбе, раперите „Допе куќата“, неколку изложби и видеоарт инсталации и театарски перформанси беа дел од уникатната програма што беше реализирана во осум општини на Град Скопје.

Со проектот Град Скопје се издвои во однос на светските метрополи во организација на културни настани во време на пандемија. Во периодот кога граѓаните беа во карантин наметнат со полициски час, со цел заштита на здравјето од коронавирусот, можеа од своите прозорци или тераси, но и преку стриминг во живо на интернет да проследат повеќе од 50 маалски концерти. Целта на мерката беше поддршка на независната културна сцена, но и разбивање на карантинската монотонија на жителите на градот со културни настани.

Маалски концерт на „Суперхикс“

За ефектот што беше постигнат со проектот, разговаравме со Никола Наумоски, шеф на Кабинетот на градоначалникот на Град Скопје.

Колку градски институции беа вклучени во реализацијата на проектот и колку други културни настани, покрај музичките, се одржаа?

– Носители на проектот беа МКЦ, КИЦ и Универзална сала и секоја од овие институции работеше на посебен настан. Онлајн апликациите беа администрирани преку веб-формуларот на МКЦ, а одлуките ги носеше мешовита комисија во однос на расположливите термини и простори (се инсистираше на што пошаренолико претставување на Скопје преку соседства во осум различни општини). Затоа и голем дел од апликациите не беа прифатени, иако ги имаше речиси 300 и многу од нив беа квалитетни, па затоа директорите на институциите добија задача да ги разгледаат повторно и да се обидат да реализираат некои од останатите во претстојниот летен период.

Покрај концертите, имаше и три театарски изведби, неколку онлајн изложби и по еден видеоарт и настан со светлечка уметност.

Овој уникатен проект ќе биде адут на Град Скопје во својата кандидатура за Европска престолнина на културата 2028, имајќи предвид дека многу повеќе направи за својата локална културна сцена како кандидат отколку актуелните носители на титулата.

Никола Наумоски – Град Скопје е единствениот град во регионот што минатиот месец лансираше пакет од осум мерки за културата во време на вонредни услови

Во текот на проектот беа промовирани нови локации (покриви, паркинзи, игралишта) за изведување на концертите. Можно ли е тие локации да се користат и по завршувањето на пандемијата на коронавирусот?

– Локациите беа посебна приказна во овој проект. Покрај шареноликоста во географската локација, предизвик беше да се оттргнат објективите од кичот на СК2014 и да се насочат кон вистинското архитектонско и урбанистичко наследство. Затоа и беа избирани препознатливи покриви и тремови од модернистичкото наследство на Скопје, но и соседства што се познати по своите урбанистички целости (функционални скверови, игралишта и паркови меѓу згради).

На многу места соседите знаеја да ни укажат дека единствените настани што се одржуваат на овие локации се партиските и изборните собири и дека се многу посреќни кога имаат можност да уживаат во настап на некој пијанист или некоја група. Нивниот потенцијал е неспорен и мислам дека ќе станат атрактивни и за други организатори. Затоа мислам дека на сечие задоволство, овие простори повторно ќе се користат за културни содржини многу наскоро.

Ситуацијата сѐ уште е неизвесна со траењето на пандемијата, а летните месеци се мошне активни на културен план во Скопје. Се прави ли стратегија за одржување, или можеби и откажување, на летните фестивали?

– Како кандидат за Европска престолнина на културата 2028, Град Скопје е единствениот град во регионот што минатиот месец лансираше пакет од осум мерки за културата во време на вонредни услови. Тие предвидуваа задржување на истиот буџет за култура во 2020, но пренаменување на средствата во содржини што се соодветни за приликите. Меѓународните проекти и големите собири што нема да можат да се одржат од објективни причини (затворени граници, забрани за јавни собири и сл.), ќе добијат пренамена на средствата за културни програми што ќе можат да се реализираат. Но, за да се размислува за адаптации е прерано, бидејќи одлуките за јавните собири ќе се носат имајќи го јавното здравје како приоритет и процесот на релаксација на мерките не може да се предвиди колку ќе трае.

Многу од помалите настани што се планирани за во затворен простор, како изложбите и книжевните промоции, ќе мора да се пренасочат кон отворени јавни простори. И тука очекувам вистински предизвик и за градските и за националните институции.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 31, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 16-17 мај 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот