Разговор со најдобриот стрелец во лигата, Мирчевски: Желбите на Академија Пандев се да биде шампион

мирчевски академија пандев
Мартин Мирчевски, најдобриот стрелец на Академија Пандев и во најсилното фудбалско првенство во Македонија/Фото: facebook.com/fkakademijapandev

Нормално, задоволен сум од настапите. Треба да продолжам во таков ритам до крај. Не само во терен, туку и надвор од него треба да се сите сплотени, а ние сме такви и затоа има добри резултати – вели играчот на Академија Пандев, Мирчевски.

Фудбалскиот клуб Академија Пандев изминатиот викенд во 15 коло од Првата македонска лига забележа уште една победа, на гостувањето кај Ренова со резултат 1:2. Стрелци на головите во тој триумф за „пандевци“ беа интернационалецот од Гамбија, Маронг Оусман во 42-та и Мартин Мирчевски, во 77-та минута од средбата во Тетово.

Тоа е деветта победа, трета по ред, за играчите на тренерот Александар Васоски и се второпласирани на табелата со 31 бод, четири помалку зад водечкиот Шкупи.

Мирчевски (24) покажува досега одлични перформанси сезонава во 1МФЛ и моментно прв стрелец со 16 голови од 15 настапи. Скоро на секој меч ги тресе противничките мрежи, само на четири дуели не успеа да запише погодок. Тој е поранешен член на Вардар, Беласица, Трепча 89 од Косово, Победа Прилеп и Пелистер.

Најпрвин честитки за новата победа на Академија Пандев, остварена против Ренова. Вие бевте стрелец на еден од головите, како го видовте овој меч?

– Натпреварот беше отворен и двете екипи пред стартот ја сакаа победата. Прво ние поведовме што ни овозможни да играме полесно во остатокот од натпреварот, и да, кога стрелав во противничката мрежа, тука веќе беше крајот, три бода зедовме од Тетово.

Колку сте вие задоволни до сега од настапите оваа сезона, моментно сте вие прв стрелец во Првата македонска лига со 16 голови?

– Нормално, задоволен сум. Треба да продолжам во таков ритам до крај, затоа што убаво е чувството да си на врвот во листата на стрелците во шампионатот.

Прва македонска фудбалска лига (1МФЛ) – листа на стрелци после 15 одиграни кола:

– Мартин Мирчевски (Академија Пандев) 16 голови
– Ремзи Селмани (Ренова) 11
– Марјан Алтипармаковски (Брегалница Штип) 8
– Ермедин Адем (Македонија ЃП) 7
– Сандеј Адетунџи (Шкупи)

Фудбалот е колективна игра, што ја краси екипата на Академија Пандев за ваквите добри игри и резултати?

– Да, да, фудбалот е колективна игра. Кога екипата игра добро, тогаш се издвојуваат и поединци. Не само во терен, туку и надвор од него треба да се сите сплотени, а ние сме такви и затоа има добри резултати.

Сигурно ги следите и настапите на македонската А репрезентација која за првпат е во баражот за Светско првенство..

– Секако дека е голем успех, порано не можеше да се замисли репрезентацијата да дојде до бараж. А сега тоа се случи, факт е дека Македонија има добри играчи и дека и понатаму може да прави големи успеси.

Елиф Елмас блесна со два гола во второто полувреме против Исланд/фото: Слободен печат – Драган Митрески

Какви се желбите за оваа натпреварувачка сезона со клубот, желбите за во 2022 година?

– Желбите на клубот се да биде шампион, кон тоа целиме, па ќе видиме што ќе се случи на крајот.

Што би им порачале на помладите кои сакаат да спортуваат и што е неопходно за да се надеваат и веруваат во добар резултат?

– На младите би им препорачал само да работат на себе, да веруваат во себе и никогаш да не се откажуваат.

Видео на денот