Разговор со музичарката и поетеса Ива Дамјановски: Ме воодушевува поетичноста на свирењето на инструментот теремин

Младата Ива Дамјановски истовремено е успешна во областа на музиката, како пијанистка, и во областа на поезијата, како најмлада добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП, а паралелно учи да свири и на несекојдневниот инструмент теремин.

Пијанистката Ива Дамјановски имаше исклучителна можност да биде дел од изведувачите на ремек-делото „Музика за 18 музичари“ од современиот американски композитор Стив Рајх. Концертот се одржа под диригентската палка на францускиот диригент Паскал Галоа во Македонската филхармонија пред десетина дена.

Во моментот кога ја добила поканата да биде дел од музичарите што ќе го изведат делото, Ива била во Хрватска, каде што имала концерт и ја промовирала својата стихозбирка „Двоумење“, а потоа требало да замине за Италија, но без двоумење ја прифатила поканата и со првиот авион се вратила во Македонија.

Пијанистката Ива Дамјановски беше дел од изведувачите на делото „Музика за 18 музичари“ од Стив Рајх / Фотографија: Маја Аргакијева

Што за музичарите значи да се биде дел од изведбата на комплексни дела од современи композитори, како Стив Рајх?

– Најчесто современите композитори бараат од музичарите да размислуваат на многу конкретен и специфичен начин при изведбата. Ова подразбира и многу специфичен емоционален ангажман. Современата музика бара многу повеќе од само музичко мислење и потребна е совршената комбинација на прецизност и импровизација за да се долови современата музичка мисла. Во секој случај, за мене, како изведувач, овој процес е, пред сѐ, многу забавен и возбудлив, а потоа и многу интересен во научна смисла при откривање на композиторските иновации. Уште за време на додипломските студии ме интересираше современиот репертоар, пред сѐ, бидејќи е навистина креативна работа за изведувачот, тој станува соучесник во авторството, но и бидејќи претставува интересна игра со контролата, треба истовремено да ја имате над музиката, но и да ѝ ја препуштите.

Современата музика бара многу повеќе од само музичко мислење и потребна е совршената комбинација на прецизност и импровизација / Фотографија: Маја Аргакијева

Твојот основен инструмент е пијаното, но неодамна имаше солистички концерт на теремин, необичен инструмент на кој не ми е познато дали некој друг свири во Македонија. Од каде се појави предизвикот да свириш на теремин?

– Да, всушност, се работеше за солистички пијано рецитал, со праизведбата на првото дело за пијано и теремин од македонски автор – Маја Јовановска, според кое и беше насловен концертот, како изненадување на самиот крај. Јас го свирев тереминот, а Ема Ананиевска ме придружуваше на пијано. Одамна сакав да се обидам да свирам, дури имав и обиди (неуспешни, ха-ха) да си направам еден. Ме воодушевуваше поетичноста на свирење на овој инструмент. Прекрасен спој има во тереминот, иако е првиот електронски инструмент, неговата боја најмногу наликува на човечки вокал (кој, пак, е првиот инструмент, воопшто) и може да звучи подеднакво топло и трогателно. Во исто време уникатниот начин на свирење, без допир, го прави свирењето да наликува на правење магии или балетска точка.

Прв пат имав прилика да свирам на теремин кога со композиторката Маријана Јаневска го почнавме авторскиот проект „V616“, со кој настапивме на првото издание на фестивалот „Синестетика“. Таа го имаше тереминот позајмено од Тина Иванова и јас го купив по концертот, бидејќи навистина сакав да научам и сакавме да продолжиме да правиме музика со Маријана. Во меѓувреме, носејќи го овој теремин на поправки, се запознав со Иво Наумовски, кој самиот имаше конструирано еден и ми го даде. Благодарение на него снимивме цел албум со „Алембик“ со овој инструмент, а јас продолжив да учам за изведувачката техника.

Уникатниот начин на свирење, без допир, го прави свирењето на теремин да наликува на правење магии или балетска точка / Фотографија: Маја Аргакијева

Каква техника на изведба е потребно да се знае за да се свири на тереминот?

– Јас сум самоука на овој инструмент, но она што можам да го кажам дека е потребно е многу активно слушање и стабилна рака. Има основен систем на движења со кои најлесно се изведуваат извесни интервалски скокови, но убавината е во тоа што секој изведувач си има свој стил и начин на изведување.

Познато е дека минатата година стана најмладата добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата. На кој начин музиката и поезијата се поврзани кај тебе?

– Свесно, речиси никако, но мислам дека во двете ги барам истите нешта, само на различни начини. Единствен обид на спој на овие две работи ми беше во „Алембик“. Јас верувам во синкретизам и мислам дека поезијата станува посилна кога во себе има музика и обратно. За мене мислам дека тоа се само два јазика на кои се обидувам да кажам нешто, понекогаш ми е полесно да искажам некои нешта преку музика, понекогаш преку стих.

Кои се твоите следни планови и во двете уметнички области?

– Во моментот работам на моите магистерски студии на катедрата за музикологија во Италија на Универзитетот во Тренто, каде што сум моментално, и паралелно на магистерски студии на катедрата за музичка интерпретација и композиција – пијано, во класата на проф. Марија Ѓошевска на ФМУ при УКИМ во Скопје. Во меѓувреме работам паралелно на неколку поголеми проекти (музички, како и книжевни), кои се надевам дека ќе ги остварам во текот на идната година.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 102, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24 октомври 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот