Разговор со Марјан Неќак: Преферирам тотален театар во кој има магичност

Комуникациската современа музичка драма „Само глас“, поставена на сцената на МНТ по текст на младата авторка Нина Плавањац, а во режија на Марјан Неќак, веќе го живее својот сценски и фестивалски живот.

Претставата „Само глас“, во која главната улога ја игра актерката Звездана Ангеловска придружена со гласот на актерот Никола Ристановски, по премиерната изведба веќе гостуваше на „Скопско лето“, а во август ќе биде изведена и на фестивалот „Охридско лето“.

Со тоа за режисерот Марјан Неќак, кој воедно е автор на музиката, сценограф и дизајнер на светлото, практично заврши еден тригодишен процес на обмислување, дизајнирање и поставување на претставата на сцената на Македонскиот народен театар. Овој тип претстава бара сосема поинаква пожртвуваност и повеќе време во подготовките, бидејќи првиот импулс и начинот на игра го дава музиката, а самата музика веќе е режирање на претставата. Токму затоа режисерот Неќак повеќе е познат како композитор на филмска и театарска музика, а од 2013 година работи и како режисер и сценограф. Неговиот комплетен авторски пристап веќе е препознаен не само кај нас, туку и во регионални рамки.

Претставата „Само глас“ ја имаше својата премиера на сцената на МНТ, а минатава седмица беше дел и од програмата на „Скопско лето“. Дали со тоа навистина заврши Вашиот повеќемесечен авторски ангажман околу таа претстава?

– Точно е дека завршува еден долг период на креативна бура со самата премиера, но токму после премиерата започнува еден друг вид креативност, бидејќи музичкиот театар е како духовен џез-концерт во кој актерот секогаш има можност да ја надградува ролјата инспириран од вечниот демнач – гледачот. По неколку одиграни изведби, ја користам секоја можност со актерите повторно да се вратиме на сцената и да отвориме нови можности на изведба.

По неколку одиграни изведби, ја користам секоја можност со актерите повторно да се вратиме на сцената и да отвориме нови можности на изведбата

Вие сте режисер, композитор, сценограф и дизајнер на светлото во претставата. Што значи во креативна и физичка смисла таквиот целосен ангажман во реализацијата на една идеја – од изборот на текстот и актерите до финална претстава?

– Мојот начин на работа е многу поразличен од вообичаената пракса во театарот, барем на балканските сцени. За да создадете еден ваков проект потребна е сериозна подготовка, можеби и една година, пред да се сретнете со актерите на првата проба… работа на текстот, истражување, компонирање на музичкиот материјал, истражување и креирање на сценските елементи и видео материјалот. Сите сегменти се подготвени на првата проба, нешто како на филмски сет, бидејќи тоа мене како уметник ми дава можност заедно со актерите да навлезам подлабоко во суштината.

Таков авторски пристап имате и во работата на многубројни претстави поставени на сцената на повеќе театри во регионот. На кој начин ги селектирате претставите на кои работите?

– Тематски во последниве неколку проекти се занимавам со осаменоста како основа на која се гради приказната, поточно микро светот на душата, кој дава можност да допрете длабоко во протагонистот, да ги детектирате сите негови проблеми и фрустрации, да ги проживеете за момент сите негови подеми и падови и како круна на оваа уметничка опсервација да поставите што повеќе прашања на кои гледачот ќе се обиде да си даде одговор. Преферирам тотален театар во кој има магичност и кога ќе се згаснат светлата во театарската сала да почувствувате дека сте некаде каде не сте биле… но, за жал, магијата сѐ помалку ја има, се губи… и непристојно се наметнува театарот на политичкиот активизам, театарот на општото и бесцелното.

Во последниве неколку проекти се занимавам со осаменоста како основа на која се гради приказната

На регионалната сцена неодамна ја добивте наградата „Златен лав“ за музиката во претставата „Девојката со жиците“, во продукција на Словенечкиот национален театар од Љубљана и со копродукција на „Moving Music Theatre“ од Битола, на фестивал во Умаг. За каква награда станува збор?

– Меѓународниот фестивал „Златен лав“ во Умаг е еден од фестивалите кои имаат своја посебност. Тоа е фестивал на камерни форми на кој веќе 22 години учествуваат претстави од целиот свет, а гостувале големи режисерски и актерски имиња. Наградата „Златен лав“ е една од трите највисоки награди на фестивалот, која ја додели меѓународно жири и посебно ми е драга, бидејќи е награда не само за мојот авторски труд, туку и за актерскиот потенцијал и израз во претставата, за кој се заслужни актерите Барбара Церар и Урош Фурст.

Се занимавате со режија и со сценографија, но доминантната уметничка професија, сепак, Ви е компонирањето музика. Која е појдовната точка за професионалните активности на театарската сцена?

– Драмскиот текст и музиката се појдовна точка од каде што поаѓам кон моето патување. Режијата е веќе длабоко втисната во музичката партитура. Театарот, во суштина, е музика што ја дополнуваат чувствата – емоциите од животот.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 88, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 10-11 јули 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот