Разговор со Љубомир Савевски: Мора да направиме спој на младост и искуство во репрезентацијата

Љубомир Савевски/ фото: РФМ

Проблемот е во тоа што дел од репрезентативките не размислуваат да играат професионално понатака, некои сакаат да се откажат, некои ги тера да играат поради ЕП, некои не се подготвени да дојдат на подготовки бидејќи и работат во странство. Треба да одбереме што е подобро и прашањето е дали бидеме похрабри и да ги собереме најквалитетните ракометарки Сара Ристовска, Георгиевска, Штериева, Моника Јаневска, Гичевска и другите и да ги надополниме со таленти и да добиеме репрезентација што ќе трае десетина години, вели Савевски.

Македонскиот ракомет минатата година стана побогат за добро познато име и презиме, Љубомир Савевски.

Популарниот „Цевак“ во 2011 година по заминувањето од машкиот тим на Вардар, го напушти ракометот и точно една деценија беше надвор од сите случувања. Сепак, минатото лето, Савевски му се врати на ракометот и тоа како координатор на сите женски репрезентации, потоа беше назначен и за селектор на женската сениорската репрезентација и на крај се седна на клупата и на на најновиот ракометен проект во Македонија, тимот на РК Алкалоид.

Најголем виновник за мојот камбек во ракометот е директорот на репрезентацијата Левче Китевски кој кога го назначија на функцијата неколку пати ме контактираше. Во тоа време само се консултираше за ракометни теми, а потоа Кире стана селектор и го заживеа прокетот околу Б репрезентација и селектирање на 40-50 ракометари, што отсекогаш бил во мојата глава и сум сакал јас да го спроведам тоа. Како течеа разговорите, јас реков дека секогаш стојам на располагање за совет. При еден таков разговор Китевски ми рече, ајде да одиме кај претседателот на РФМ, Живко Мукаетов бидејќи и тој сака да разговара со тебе – вели популарниот Цевак.

фото: РФМ

Токму разговорот со првиот човек на Федерацијата беше клучниот момент за Савевски по точно десетгодишна пауза, да му се врати на спортот во кој е од најмала возраст.

– Полека, со разговори се доведов во позиција да посакам да се вратам. Разговорот му беше важен на Мукаетов поради визијата како треба да изгледа целиот проект, а потоа ми рече дај да си подадеме рака. Јас одговорив дека не можам да земам таква обврска, дека не знам дали ќе можам да издржам и побарав да работам три месеци по што ќе видиме дали ќе продолжиме. И така почнав, прво со јуниорките, па со кадетките и потоа дојде понуда за двегодишен договор по што целосно му се вратив на ракометот – вели Савевски кој вели дека сегашната состојба во македонскиот ракомет под водство на претседателот на РФМ, Живко Мукаетов е перфектна и е тотална спротивност од пред десет години кога „си замина“ од ракометот.

Се откажав од ракометот поради фактот што кога отидов да си го проверам стажот видов дека имам само седум години и 4 месеци работен стаж. Сите ми даваа редовно плати, но ретко кој плаќаше и придонеси. Луѓе кои си стоеја на зборот беа Мицевски во Пелистер, Михајловски во Вардар. Тоа сознание дека луѓето не ми ги плаќале и придонесите ме револтира и повеќе не сакав да имам ништо со ракометот – вели Савевски.

Еден од условите Љубомир Савевски повторно да се врати во ракометот беше да се почитува договореното и засега тоа го добива е Федерацијата во репрезентацијата како и од Мукаетов во РК Алкалоид.

– Сите се чудеа како опстанав бидејќи на Мукаетов му рекле пази се „тој има жолта минута“ и брзо се откажува. Но, јас му објаснив дека се откажувам кога ќе видам дека не се почитува тоа што сме се договориле. Не сакам да одам против себе и против ракометот бидејќи ако не се постават работите како што треба попусто правиме муабет. Не за бадијала се откажував претходно, и со Кометал ЃП кога беше циркусот со Вале Радуловиќ. Јас ја избркав од тренинг, а Трифун ми вика: Ај извини и се ти на неа, и Вале ќе ти се извини на тебе. Како можам јас да и се извинам кога таа згрешила поради што сум ја отсранил од тренинг. Таа требаше да се извини и јас потоа веднаш ќе ја вратев назад. Така беше и со Борко. Има ситуации кога човек се нафаќа да работи и не издржува до крај. Некои ќе издржат поради финансиите, но јас никогаш не сум имал проблем со финансиите, имав приходи надвор од ракометот и не бев зависен финансиски. Но, секогаш сум ги оправдувал тие што се финансиски зависни.

Децениското отсуство му овозможи на Савевски идеално да процени и да ги увиди промените со македонскиот ракомет. Како селектор на женските репрезентации го доби тоа што отсекогаш го барал во минатото, да има добри услови за работа.

Можам да зборувам само за условите во репрезентацијата. Тие се можеби 100 отсто подобри од порано, се вложува во сè: опрема, суплементи, услови, помошници за тренинзи и за исхрана – буквално за сè – зборува Савевски додава дека идентичми услови има и во најновиот ракометен проект во Македонија, РК Алкалоид кој од идната сезона најверојатно ќе игра во Суперлигата бидејќи и убедливо прв во Првата лига.

Со неговото доаѓање во РК Алкалоид, Цевак стана и мета на напади од „дежурните критичари“.

– Ракометот не зависи од репрезентацијата бидејќи тогаш имате 10-20 дена за подготовки и настапи. Кога станува збор за клупскиот ракомет, во РК Алкалоид го доживеав тоа што не сум го доживеал во ниту еден клуб. Уште од самиот почеток клубот е толку добро организиран, се функционира перфектно и затоа сега сум цел на напади. Но, тие напади не се од сите, туку од дежурните критичари што постојано се против некого. Не сум се нафатил на оваа работа за пари туку клубот функционира така за да ги собира најталентираните македонски ракометари и да им се овозможат идеални услови какви што има само во најголемите клубови. Јас такво нешто не сум доживеал во кариерата, се да функционира на еден академски начин, на толку високо ниво што ве обврзува да се трудите секогаш да ги пружате најдобрите игри – вели Савевски кој смета дека квалитетот на ракометот во Македонија е на повисоко ниво од пред десетина години.

Мислам дека машкиот ракомет напредува, посебно кога станува збор за клубовите од внатрешноста. Имаме повеќе клубови во внатрешноста и со тоа ни се враќа базата. Клубовите имаат добри спонзори, носат странски ракометари и имаат квалитет.  Од друга страна, се јавува проблем за младите играчи. Квалитетните екипи носат искусни странци кои имаат предност пред младите ракометари. Како екипите да немаат време да ги чекаат младите да се развијат. Секоја чест на екипите што им даваат шанса за младите.

Фото: РК Алкалоид

Неизбежна тема во разговор со еден од најголемите „мозоци“ на ракометната игра во регионот е и македонската сениорска репрезентација и барањето на одговорот што ќе биде со националниот тим со повлекувањето на „амбасадорите“ како Кирил Лазаров, Филип Миркуловски, Стојанче Стоилов… Според „Цевак“ решението е во системот кој функционираше во поранешна СФР Југославија кога најголемите таленти играа во втората лига.

– За тоа колку е успешна репрезентацијата зависи од тоа колку од репрезентативците играат во светски клубови и имаат голема минутажа, а не само да бидат дел од такви екипи и да не играат како што беше случај со Талески, Кузмановски. Многу подобро за нив ќе беше прво да отидоа во помали клубови и да играа по 60 минути на натпревар. Според мене тука е проблемот, освен талентот и работата, потребна е и минутажа. Некој пат играчите кои не играат во своите клубови индиректно и одмагаат на репрезентацијата. Во мое време, најдобрите младинци играа во Втората југословенска лига и тоа по 60 минути, а не одеа во најголемите клубоби како Борац, Црвена звезда, Партизан кои имаа светски играчи. Формулата за успех е работа со талентите и давање шанса да играат.

Главниот предизвик за Савевски годинава освен пласманот во Суперлигата со Алкалоид ќе биде и настапот со репрезентацијата на женското европско првенство.

Мора да направиме спој на искусни ракометарки што играат во странство и талентираните ракометарки кои настапуваат во Македонија. Мора да ни поклопат коцките, ја чекаме Штериева да се врати која многу ни значи, ја чекаме и Георгиевска која почна да тренира. Проблемот е во тоа што дел од репрезентативките не размислуваат да играат професионално понатака, некои сакаат да се откажат, некои ги тера да играат поради ЕП, некои не се подготвени да дојдат на подготовки бидејќи и работат во странство. Треба да одбереме што е подобро и прашањето е дали бидеме похрабри и да ги собереме најквалитетните ракометарки Сара Ристовска, Ѓорѓијевска, Штериева, Моника Јаневска, Гичевска и другите и да ги надополниме со таленти и да добиеме репрезентација што ќе трае десетина години – размислува Савевски.

Бидејќи Македонија има обезбедено директен пласман на Европското првенство што кон крајот на годината ќе се игра токму во нашата земја, Црна Гора и Словенија, ракометарките играат во ЕХФ Еврокупот. Досега одиграа четири натпревари на кои загубија од Црна Гора и Словенија, но селекторот гледа доста позитивни работи во играта иако се забележливи и големи падови во играта.

– Дел за падовите во играта е од психолошка причина, но од друга страна претставува и голем товар и за нас како стручен штаб и за ракометарките. Сакаш да пробаш нешто ново, добро да одиграш, но и резултатот да биде добар и тогаш се случува да дадете шанса на некого и кога треба да поведеме ние правиме грешки по кои противникот не казнува. Во Словенија, товарот падна на 5-6 ракометарки кои беа тотално исцрпени и на натпреварот во Скопје се чувствуваше дека не можат да го дадат тоа што се бара од нив.

Играа и во одбрана и во напад, да спомнам дека товарот падна на Сара Ристовска, Саздовска, Мони Јаневска, Стојковска и Гичевска и можеби поради тоа игравме послабо во Скопје. Но, сепак сум задоволен бидејќи во Црна Гора отидовме со млад состав без главните играчи и таму можевме да извлечеме реми. Во Словенија имавме игра  каква што мислам дека одамна не играла македонска репрезентација, посебно на гости. Имавме нерешен резултат во раце, но загубивме поради несреќен пенал. Одлично оидигравме во контри, на брз напад, брз центар и на крајот Словенките беа среќни што не победија иако само две ракометарки им се нови во однос на тие што играа на СП. Во нашата решрезентација немаме ракометарки со такво големо искуство. Но, целта на ЕП ни е што подобро да се претставиме во Скопје и да не бидеме топовско месо. Во главата имам една репрезентација, но потребно е време да се воигра. Проблемот е што немаме играчи во овој момент што играат одбрана и напад, тоа ќе го добиеме во иднина со Штериева и Георгиевска – размислува Савевски.

Фото: РФМ

Тој во три наврати седеше на клупата на машката репрезентација, и сега смета дека најдобриот македонски ракометар на сите времиња и актуелен предводник на националниот тим,  Кирил Лазаров мора да биде оставен на раат за да може во целост да ги спроведе своите идеи.

– Во светот, секогаш најплатени се идеите. Мислам дека и машката и женската репрезентација се на пат да направат успех ако имаат поддрша од сите. Гледам дека и за Кире кој го задолжи македонскиот ракомет има различни коментари. Би бил среќен кога ќе ја заврши кариерата и се врати во Макеоднија. Јас би му дал едно шест години да го реализира тоа што го наумил со репрезентацијата и притоа да не се гледат резултатите. Мора да му се дадат одврзани раце барем еден олимиски циклус и ќе направи повеќе од другите, ние не се бориме да бидеме светски шампион, но се бориме да станеме дел од елитата, нешто како Полска која дури стана и светски вицешампион.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот