Разговор со Леон Ристов: Што значи да се биде маж и да се биде родител?

Филмот „Ќе му се јавам на татко ти“ е второ краткометражно остварување на Леон Ристов, студент на завршната четврта година на Универзитетот „Веслијан“ во Конектикат, САД, каде што студира режија со целосно покриена стипендија.

Неговата богата кариера, која ја гради од 11-годишна возраст, бележи учество на многу аматерски филмски фестивали и како автор, со освоени повеќе награди, но и како член на младински жирија. Фестивалскиот живот на неговиот најнов филм започна со домашната премиера во Охрид, на Бич филм фестивал, додека светската премиера се случи во август на 26. Сараевски филмски фестивал каде што беше селектиран во програмата „Тин Арена“.

За месец октомври е закажана американската премиера на на филмот на 14. National Film Festival for Talented Youth (NFFTY), светски реномиран фестивал посветен на промоција на младите режисери. „’Ќе му се јавам на татко ти’ е мојот прв ‘патувачки’ филм. Пристапот до светска публика за мене како млад автор е големо достигнување. Со или без награда, многу сум благодарен за досегашното внимание“, вели Ристов.

ФИЛМ+: Твојот нов филм зборува за врсничкото насилство, за кој велиш дека идејата ти била да поставиш прашања за насилството во нашето општество? Можеш ли да го појасниш ова?

Леон Ристов: Иако филмот почнува со случка на врсничко насилство, многу брзо тој проблем ги надминува врсниците. Имено, во ситуацијата се вмешуваат родителите на главниот лик, нападнатиот Дамјан. Оттука, филмот ги испитува многуте форми на насилство во нашето општество: врсничко и меѓугенерациско, вербално и физичко, „јавно“ и семејно насилство. Некои од овие се директно прикажани, додека другите се ставени под знак прашалник. Целта ми беше да ги потенцирам овие многу чести, иако табу-теми во Македонија и генерално на Балканот, како и начинот на кој истите се поврзани со родовите улоги во нашата култура. Една од моите омилени професорки на Универзитетот многу убаво ја сумираше темата на филмот, кога ми рече дека истиот поставува две клучни прашања: „Што значи да се биде маж?“ и „Што значи да се биде родител?“

„Ќе му се јавам на татко ти“ е финансиран со грант од Универзитетот „Веслијан“, каде што си при крај на твоите студии. Дали знаеше за ваквите предности што ги нуди Универзитетот, кој се наоѓа на листата на шест најдобри факултети за филм во САД? И од што се водеше при изборот на факултетот?

-Во мојата потрага по факултети имав два критериуми: добра филмска настава и соодветна финансиска поддршка. Покрај тоа што има високорангирана филмска катедра, „Веслијан“ беше вториот факултет кој ми понуди целосна стипендија. Се одлучив за него поради неговиот „либерал артс“ модел на настава. А тоа значи дека паралелно со часовите од областа на филмот, имам можност да изучувам и предмети од други области, како на пример, филозофија, социологија, антропологија… Сметам дека мојот напредок како режисер, е поеднакво зависен од стручно усовршување, колку што е зависен и од критичко размислување во областа на општествените науки. Од денешна перспектива, можам со сигурност да кажам дека го направив правиот избор.
За грантот со кој успеав да го финансирам „Ќе му се јавам на татко ти“, дознав откако пристигнав на факултетот, во првата година на моите студии. Тоа беше грант со цел воншколски развој на студентите и е еден од многуте иницијативи со кои „Веслијан“ им пружа поддршка на студентите надвор од наставната програма. Станува збор за престижен приватен факултет кој располага со огромен годишен буџет, благодарение на високата школарина и донациите од истакнати алумни. Морам да кажам дека сè уште ме изненадуваат цената и приходите на американскиот образовен систем.

Беше учесник на Талент кампусот на Сараевскиот филмски фестивал во 2018 година. Колку ваквите „работилници“ нудат можност за еден млад човек и имаше ли слични искуства на патот кон твоето образование и усовршување на филмската школа во САД?

-Во 2018 бев одбран да бидам дел од актерскиот Талент кампус во Сараево, па така, покрај можноста да присуствувам на фестивалот од таков калибар, мојот омилен дел беа пријателствата што ги остварив со младите колеги од регионот. Сè уште сум во контакт со голем дел од нив и постојано си нудиме фидбек/поддршка за нашите нови проекти. Од останатите програми на кои имам учествувано, би ги издвоил курсевите по филмска режија и глума на академијата „Џолев и уметностите“, под менторство на Дејан Џолев и Теа Беговска. Како средношколец, тука ја добив првата настава во областа на филмот. Дејан е продуцент на „Ќе му се јавам на татко ти“, како и на мојот прв краткометражен филм, „Виктор сонува да изгуби“.

Покрај режија, сакаш и да глумиш! Тука е твојата улога во ликот на Милан во играниот филм „Кога денот немаше име“. Дали би си дозволил, односно дали би прифатил одредени улоги и во иднина, напоредно градејќи и актерска кариера?

-Режијата ми е главна определба, но, исто така, многу го сакам и актерството. Кога сум дома, во период од три месеци, одам на сите кастинзи што ќе се појават. Уште отсега сакам паралелно да ги работам и да ги балансирам овие две работи: режијата и глумата. Искрено, се надевам дека во иднина ќе добијам повеќе прилики.

Твојот следен проект е сценарио за долгометражен игран филм, кој ќе биде твоја дипломска работа? На што се фокусираш, која е темата за овој филм?

-Ситуацијата со коронавирусот ги измести моите планови да го снимам краткиот филм кој беше планиран. Затоа решив да напишам сценарио за долгометражен игран филм, што наедно ќе биде и мојата дипломска работа. Сега брзо почнав да ја поставувам структурата. Се работи за долгогодишна судска постапка околу оспорен тестамент. Повторно ја обработувам темата на родителството, како главна водечка идеја, но во филмот ќе стане збор и за нашето судство и за алчноста на луѓето.

Студент си на последна година! Што понатаму? Кои се твоите планови?

-Како дипломиран студент на еден од факултетите во САД, имам прво да останам една година, која ќе ја искористам во работа. Би сакал да се обидам во Њујорк, да поработам на некој сет, кој е на два часа оддалеченост, а таму се и многу мои студенти – колеги од факултетот, што би се рекло, таму имам мрежа на пријатели. Потоа размислувам за дипломски студии, кои би ги запишал, исто така, на некој од факултетите во САД.

 

Разговара: Гордана Блажевска/Филм+

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот