Разговор со Кристина Димитријевска: Љубомората е болест против која нема лек

Воглавно луѓето судат според изгледот. Во мојот случај, мислат дека сум вообразена, нарцисоидна, лоша личност. И сè тоа бидејќи не сакаат да пофалат туѓ успех и да кажат браво, вели македонската убавица и фитнес-инструктор Кристина Димитријевска.

Со Кристина Димитријевска отворено зборуваме за патот до успехот, пречките на него и што значи да се биде успешна жена во модниот свет. Освен што е, актуелно, најпопуларна наша манекенка, Кристина е и успешна фитнес – инструкторка, а на добар пат е и нејзината музичка кариера.

Како и кога се случи да влезеш во светот на модата?

– Во мојот двор имаме патека, и кога бев мала, секогаш одев по неа. И така, нога пред нога, на мојата баба ѝ кажував дека кога ќе пораснам ќе станам модел, ќе бидам како тие од светските модни писти и ќе бидам мисица, ќе носам круна еден ден. Имам и видеа, заборавени во стариот лаптоп на мојот брат, каде што зборувам дека ќе станам позната. На 15-годишна возраст се запишав на курсот во најдоброто модно студио „Црнокрак“, и уште пред да земам диплома, почнав со ангажмани. Оттука почнаа остварувањата на моите соништа.

Минатата година беше избрана за Мис Балкан во силна конкуренција на убави девојки. Што се промени во твојот живот оттогаш до денес?

– Минатата година беше навистина успешна за мене. Донесов убави и вредни титули и ја претставив мојата држава во најдобро светло. Кога ме прогласија за Мис Балкан, бев горда и на себе и на мојата земја. Од тој ден, не се промени ништо. Само се случи тој плус во мојата кариера, поради кој добив мотивација да сум поуспешна и да не се откажувам од моите цели и соништа.

Дали некогаш си се соочила со предрасуди поради сопствената убавина?

– Воглавно луѓето судат според изгледот. Во мојот случај, мислат дека сум вообразена, нарцисоидна, лоша личност. И сè тоа бидејќи не сакаат да пофалат туѓ успех и да кажат браво. И полесно им е да шират омраза, отколку љубов. Има разни предрасуди, често мажите жените ги доживуваат како кукли без чувства. Но, најважно е, пред да запознаеш некого, да немаш предрасуди. А секој што за мене има лошо мислење откако ќе ме запознае, останува мој пријател, а тоа кажува сè.

Давид е главен мотиватор што сум упорна и полна со елан на работен план.

Каков е патот на успехот во модниот свет во странство, какви се твоите искуства и што треба една девојка, осовен убавината, да поседува за да успее?

– Надвор од границите работам многу често. За мене, патот до успехот има само една насока, а тоа е напорна работа, посветенст кон работата и чесност. Сметам дека тоа е вистинскиот пат во секоја професија. И во модниот свет, освен убавината, се подразбира, треба да се има и здрав ум и ведар дух.

Може ли да се живее од манекенство во Македонија доколку само со тоа се занимаваш?

– Како и во секоја работа, така и во оваа, ако го дадеш максимумот од себе, се исплатува.

Што би им препорачала на младите девојки кои размислуваат да влезат во модниот свет?

– Следете ги своите соништа и ако мислите дека можете, претворете ги во јаве. Често знам да им кажам на моите фитнес-клиенти – тогаш кога е најтешко, дајте сè од себе! Модниот свет е магичен, треба да имаш голема желба и љубов за да можеш да ја почувствуваш таа магија. Но ако имате желба – пробајте, ако успее, супер. Ако не успее, барем сте се обиделе.

Има разни предрасуди, често мажите жените ги доживуваат како кукли без чувства.

Кои се твоите најголеми „жртви“ и откажувања за да се постигне убав изглед?

-Телото го жртвуваме кога внесуваме неконторлирано храна, нездрава храна, не спортуваме, не пиеме доволно вода. Една од позитивните страни на оваа професија е тоа што мораш секогаш да си фит и воедно мораш да внимаваш на себе. Тоа е убаво, зар не? Имам и некои слаби страни кога се во прашање слатки работи, но наоѓам здрава замена.

Што би им одговорила на оние кои велат дека убавината и интелигенцијата не се среќен пар?

-Убавината е минлива, со интелигенција се раѓаш. Но љубомората е болест против која нема лек.

За која Македонка сметаш дека ги има трите адути – умност, успешност и убавина?

– Во мојот живот постои една хероина со сите овие адути, а ги поседува и повеќе. Тоа е мојата мајка.

Приватно, кои ти се моментно мотивациите и окупциите?

– Приватно, мојата мотивација и окупација е мојот живот – Давид. Тој е главен мотиватор што сум упорна и полна со елан на работен план. После работните обврски, не постои поголема среќа од времето поминато со мојот син. Исто така обожавам да пишувам, имам испишано многу страници со мои мисли и мои животни инспирации, па можеби кога ќе бидам баба, ќе издадам книга. Тоа е исто така мој сон. На амбициите им нема крај. Но кога сте исполнети, можете сè.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот