РАЗГОВОР со Корнелиос Граменос, грчки скулптор од светски глас: Грчката влада планира да им даде по 800 евра на самостојните уметници

Атина е празна, насекаде е пусто. Грчките уметници работат во изолација, но поради состојбата со коронавирусот грчката влада има намера да им даде по 800 евра за да преживеат.

Наш соговорник е грчкиот скулптор од светски глас, Корнелиос Граменос, кој живее и работи во Атина, а чии уметнички станици ги вклучуваат и Рим, Њујорк и Сан Франциско.

Неговото творештво се состои од бројни изложби со дела кои се соочуваат со уметноста на разновидноста во еден географски опсег кој се протега од Германија до Грција, Италија, Турција и САД. Имал и бројни презентации на скулптури на пронајдоци на различни места, од Палацо Корваја, Таормина, до атинскиот плоштад Дексаменис и пристаништето во Патра, а зад себе има бројни самостојни изложби во повеќе светски метрополи.

Како си Корнелиос, што работиш во овој период на изолација?

Доволно сум добро во споредба со ситуацијата во која се наоѓаме веќе повеќе дена.

Што се случува во Атина во овие денови на коронавирус? Има ли сè уште по некој турист во познатиот кварт Монастираки?

-Атина е празна, насекаде е пусто, веројатно повеќе отколку што е секогаш на 15 август (шпицот на летните празници, н.з). Многу малку странци на улиците, навистина премалку, што не знам точно дали се туристи или живеат веќе во Атина.

Во овој тежок период различни држави имаат различен став за поддршка на уметниците, особено за самостојните уметници. Каков пристап има твојата земја?

– Владата соопшти дека има намера да им даде 800 евра на сите самостојни уметници кои имаат даночен код и кои ја практикуваат својата професија, да видиме, да се надеваме.

Како стеснетоста на просторот и движењето влијаат на твојата креативност?

– Негативно, и покрај фактот дека во последните 20 месеци работев многу во сопствена изолација на еден сликарски проект. Сега се чувствувам апсолутно несконцентриран и прилично нервозен во текот на денот, па не одам често во ателјето. Кога одам, не можам да останам повеќе од еден час, можеби два. Сè ми изгледа многу чудно, зарем не е?

Колку грчките уметници се активни „онлајн“, што од културата сега е најактуелно на Интернет?

– Не можам да ти кажам со сигурност, од она што го гледам, а кое е направено во Грција, се филмови, театарски претстави, музика и помалку визуелна уметност. Но, како што реков, не сум вистинската личност за точно да одговорам на ова прашање.

Какви ти се професионалните планови после овој период на коронавирус?

– Да продолжам да живеам спокојно во мојата рутина, рутината што ја избрав, мислам дека ова важи за целото човештво, нели?

Кога ќе дојдеш во Северна Македонија? Што најмногу ти недостига од оваа земја која за првпат ја посети полани?

-Сè уште не можам да кажам, но ако сè оди добро со нашите животи и ако можем да го остварам големиот проект што ќе се случува овде во Атина во 2021 година, веројатно потоа ќе дојдам кај вас. Ми недостигаат луѓето, затоа што луѓето ја создаваат атмосферата на градот, и на земјата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот