Разговор со Корнелија Конеска: Брендот „Остен“ се надградува со голем ентузијазам и силна љубов

Корнелија Конеска и Ангела Костова во галерија „Остен“ / Фотографија: Мерт Расим

Извршната директорка на „Остен“ Корнелија Конеска и координаторката на „Остен“ – Биенале на цртеж Скопје 2022, Ангела Костова, на 15 март ги објавија добитниците на главните награди на „Остен“ и ја отворија првата изложба од годинашната програма.

Добитник на Гран при за животно остварување на „Остен“ во 2022 година е Џозеф Кошут, САД, американски уметник и теоретичар, основач и водечка фигура на концептуалната уметност. Наградата Светско културно наследство се доделува на Харменсон фон Рајн Рембрант, Холандија, еден од најголемите визуелни уметници во светската историја на уметноста и најважниот во холандската историја на уметност.

Имињата на добитниците на наградите ги објави Корнелија Конеска, извршна директорка на „Остен“, со која остваривме средба по тој повод.

Традицијата на „Остен“ е долга 77 години. Колку време трае изборот на наградите Гран при и Светско културно наследство, и која е мисијата на доделувањето на овие награди?

– Еден долгорочен бренд, како „Остен“, природно е да се надградува, трансформира, унапредува… токму таму лежат предизвиците за одржувањето на неговото реноме. Идејата за создавањето на Остен – Биеналето на цртеж потекнува од карикатуристите од Светската галерија на карикатури. Карикатурите се цртежи, па се доделувала награда за сатиричен цртеж, а потоа за цртеж… и така се кристализирала идејата да се организира посебна манифестација за цртеж – и природно, после преминувањето на „Остен“ под раководство на Мице Јанкуловски, кога се создале услови за надградба на брендот „Остен“ (особено со формирањето на „Остен арт“ – приватна институција од културата за музејска и галериска дејност), врз истите организациски постулати на Светската галерија на карикатури се формира Светска галерија на цртеж, која веднаш потоа премина во Остен – Биенале на цртеж (и комплементарната манифестација Остен – Биенале на наградени автори).

Од самиот почеток концептот бил Гран при за животно остварување и наградата Светско културно наследство да бидат носечките награди. На самиот почеток, за уметниците што ќе ги добијат главните наградите се користелe совети и контакти од блиските соработници на „Остен“ – карикатуристи и уметници. За одржливост на квалитетот и комуникацијата донесена е одлука наградените уметници со Гран при на Остен – Биеналето на цртеж по правило да бидат Амбасадори на „Остен“ и да се формира советодавно тело токму за донесување одлука за овие награди – Совет на амбасадори на „Остен“.

Според статутот на „Остен“ со кој се дефинира улогата на Советот на амбасадори на „Остен“: Гран при за животно остварување – се доделува на автор што го достигнал врвот на својот професионален живот и чие творештво претставува највисоко достигнување во светската современа уметност (досега наградени се Илја и Емилија Кабаков, Пјер Сулаж, Тони Крег, Марина Абрамовиќ, Кристо, Владимир Величковиќ…). Сите тие се (или биле додека биле живи) во Советот на амбасадори на „Остен“ и ние сме ги консултирале за следните добитници на Гран при за животно остварување. Сите тие го препознаваат ентузијазмот и љубовта со кои работиме и со задоволство и конструктивно соработуваат со нас.

Наградата Светско културно наследство се однесува на творештвото на починат автор, чие творештвото има силно влијание во светската историја на уметност (досега наградени се Вазарели, Пикасо, Пандилов, Миро, Дали, Мур, Кокошка…). Наградите се доделуваат или на колекционери што значителен дел од колекцијата на наградениот автор оставиле во колекцијата на „Остен“ – Музејот на цртеж (како на Тибор Чепеи, Будимпешта, за творештвото на Вазарели, и Петар Дракул за творештвото на Пандилов), или се земаат во предвид творештвата на уметници од колекцијата на „Остен“ – Музејот на цртеж.

Две дела на Рембрант се дел од колекцијата на „Остен“ – Музејот на цртеж

На кој начин се станува член на Амбасадорскиот совет на „Остен“?

– Советот на амбасадори на „Остен“ е советодавно тело составено од уметници (по правило добитниците на Гран при за животно остварување стануваат и амбасадори на „Остен“), професионалци во уметноста (дел од членовите на меѓународното жири на „Остен“ – Биеналето на цртеж), како и други поддржувачи на „Остен“ и љубители на уметноста. Добитниците на Гран при, кои стануваа амбасадори и членови на Советот на амбасадори на „Остен“ со самото добивање на наградата, а со текот на времето и дел од членовите на интернационалното жири, кои активно беа консултирани за добитниците на главните награди на Биеналето, стануваа амбасадори, а со тоа и членови на Советот на амбасадори на „Остен“. Дел од нив се Ларс Керулф Молер од Данска, Жолт Петрани од Унгарија, проф. Манос Стефанидис од Грција, д-р Мелани Зеферино од Италија, Павле Пејовиќ од Црна Гора, Александр Боровски и др.

Џозеф Кошут / Фотографија: Петер Линдберг, 2018

Какви се плановите со врачувањето на наградата Гран при на Јозеф Кошут?

– Официјалната награда Гран при (скулптурата „Златен Остен“ од Петар Хаџи Бошков) ќе му биде доделена на Џозеф Кошут во Венеција во периодот од 20 до 24 април 2022 во Фондацијата „Кверини Стампалиа“, Венеција, една од најстарите фондации во Италија. Во комуникација сме со директорката на неговото студио во Венеција (Палацо Фонтана, Канереџо), Фиона Бигиеро, за договарање на деталите, но секако доделувањето на Гран при за животно остварување на Џозеф Кошут ќе се случи во Венеција.

Марија Павловска и Корнелија Конеска

Графичката мапа на Марија Павловска влезе во библиотеката на „Остен“

Мултимедијалниот проект „Г-ѓа и г-ца Х“ на македонската и интернационална уметница Марија Павловска со кураторство на Корнелија Конеска е првата изложба што го најавува „Остен“ – Биенале на цртеж Скопје 2022. Изложбата беше отворена на 17 март во галерија „Остен“.

Циклусот од 32 дигитални дела и видео наречен „Г-ѓа и г-ца Х“ на Марија Павловска е ехо на исклучително силната женска енергија на Павловска, која ја претставува повеќеслојната комплексна природа на женскиот елемент – од жената како Мајката Земја до жената г-ѓа и г-ца Х – како рамноправен субјект на современото општество со комплетно задржани атрибути на женственост.

Три елементи доминираат во оваа серија – жицата, кругот и ѕидот. Жицата – како симбол на нескршливост, која добива форма на безброј кругови, правилни и неправилни (симбол на безброј одлуки во животот на жената), но секогаш совршени (како кругот), како и нивните рефлексии (сенки) врз белата површина од ѕидот – континуираните препреки и предизвици во животот на секоја жена.

Видеото (кое е дел од изложбата) со звукот и подвижните слики – само визуелно го надополнува моментот на повеќедимензионалнот и комплексност на жената и нејзината трансформација. Моментот на трансформација во овој проект има универзално значење зашто еднакво важи за трансформацијата на жената во текот на нејзиниот живо во оваа, земна димензија, како и за трансформацијата на жената во текот на целата историја на човештвото.

Истовремено, „Остен“ изготви графичка мапа од 12 избрани дела од проектот „Г-ѓа и г-ца Х“ во едиција од пет копии и со нивното потпишување Павловска стана дел од групата интернационални уметници чии графички мапи ја сочинуваат единствената Библиотека на графички мапи „Светско културно наследство“ во издание на „Остен“ – Скопје.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 121, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 19-20 март 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот