Разговор со Јордан Костов: Хармониката остана мој прв инструмент

Повеќе музички проекти се поврзани со името на Јордан Костов, а меѓу најновите се објавата на албумот „Кам бек“ во издание на „ПМГ Џез“ и неговата концертна промоција во МКЦ.

Композиторот, хармоникаш и инвентивен музичар Јордан Костов неодамна концертно го промовираше своето најново албумско остварување „Кам бек“ (Come Back). Излегувањето на албумот и концертот се случија во рамки на активностите на дискографската куќа „ПМГ Џез“. Претходно Костов објави уште три албуми за истата етикета, а настапи и на првото издание на фестивалот „Крај Вардарот џез“ минатата година.

Колку соработката со „ПМГ Џез“ даде поголема видливост на вашата работа?

– Концертот во „Фросина“, во организација на „ПМГ Џез“ и МКЦ, помина со ограничен број посетители поради ситуацијата во која сме затекнати, меѓутоа владееше слушачки амбиент, како и реалистичен со аплаузите. Публиката во Македонија знае да слуша. Не е така секаде. Тоа е привилегија пред која мора да се има одговорност за да се почувствува тој позитивен притисок. Со „ПМГ Џез“ соработката се случи во моментот кога сум подолго време во Македонијa. За релативно краток период се наредија четири изданија, еден соло проект насловен „Чинпровизејшн“, две изданија со квинтетот „Plush pig“ и актуелниот „Кам бек“ и едно бесно фри-издание со поезијата од Ана Мишелс – Граудеау и нејзиниот глас. Секако, соработката со „ПМГ Џез“ преку изданијата и фестивалот „Крај Вардарот џез“ го доближија моето музичко делување во сферата на импровизираната музика и, воопшто, во оваа култура. Оттука и мојата соработката со „ПМГ Џез“ е од особено значење за мене, како музичар кој повторно суптилно ќе навлезе на македонската музичка сцена, на мое големо задоволство, и се надевам на нови музички и непредвидливи авантури во иднина дома, но и во други места.

На последниот концерт настапивте во квинтет-формација, претходно сте настапувале и со квартет. Од што зависи формацијата на составот и музичките соработници во групата за одреден проект?

– Формацијата се наметнува во зависност од дирекцијата на музиката. Дали е квартет или квинтет често нема јасни правила – одредуваат нијанси, барем во мојот случај. Формацијата во повеќето од случаите доаѓа спонтано, или откако ќе се напише музиката или има конкретна звучна и замислена слика. Во секој случај, изборот на формација е флексибилен. Но, во зависност од формацијата моето музицирање се менува во однос на бендот. На пример, ако е дуо или трио, тогаш може да се поднесе ангажирано свирење итн. Со поголемите ансамбли и оркестри тоа е поинаков баланс. Но, сепак, ова е тимска работа, а композиторите без музичарите не постојат.

Албумот „Кам бек“ е заводлива музика што делува сериозно, на моменти и мистично

Одреден период живеевте и работевте на Далечниот Исток, а извесно време сте тука. Треба ли да бараме симболика во насловот на албумот „Кам бек“ (Враќање)?

– Далечниот Исток еднаш беше базата, меѓутоа често го посетував Балканот и други места во Европа, како и различни делови од светот, а тоа интензивно патување ми овозможи да го следам и споредувам музичкиот живот во различните опкружувања. Во целиот тој период често беше присутен изразот „кам бек“. Драго ми е за насловот, кој излезе од ракав, иако имаше уште една идеја, а тоа е „mi amore“ и некако овие два наслови кројат друга слика, па првиот некако појасно ја отсликува реалноста. Албумот „Кам бек“ е заводлива музика, која делува сериозно, на моменти и мистично, се откриваат некакви темнини, се кажува вистината, во исто време испловува плутата. Непредвидливо испреплетување на музичката материја кое на моменти делува како хумористичен хорор. Сѐ е тоа дело на имагинарноста (многу често само во некои моменти). Насловот „Кам бек“ може да се користи и како „welcome back“.

Свирите на хармоника, инструмент што во нашето поднебје ретко се поврзува со џез-музика. Од кога и како се појави личниот интерес за истражување и свирење на овој инструмент?

– Првиот контакт со кутија што произведува звук беше од најраното детство. Нашето поднебје го препознава овој инструмент по фолк-музиката, а во последно време, можеби, е повеќе застапен во класичната музика, која е хармонски темел на џез-музика. И јас започнав со изучување на инструментот со овие два жанра за по извесен период да истражувам околу музиката од светот. Фолк или народна музика – музиката на народот. Балканот е карактеристичен по својот орнаментски израз, а хармониката е погоден инструмент за брзи пасажи и орнаменти. Овде е карактеристичен неправилниот ритам, а тој ритам го има и во музиката на многу народи од Африканскиот континент, Индија и други места. И џезот е фолк, бидејќи е настанат од народот. Но, џезот во глобалниот свет се наметна и се издвои со своите мутации, со својата независност и шарм на посебна комуникација. Овој инструмент комплетно се вклопува во приказната и е инспиративен за истражување. Веројатно тоа е причината поради која е долго присутен во мојата музичка мисија. Да спомнам дека хармониката е многу присутна во светот на музиката. Имам пробано различни инструменти, но по сплет на некакви околности хармониката остана мој прв инструмент.

Хармониката е инструмент што може да се наметне во која било музичка форма и израз

На кој модел хармоника свирите и како го направивте изборот?

– Во моментов свирам на хармоника „Титано данди“, произведена во Америка во 1978 година од италијанска компанија, и „Далапе супермаестро“ од 1976 година произведена во Италија. Ова се стандард хармоники и двете ги имаат најдобрите и најквалитетни гласови изработени од шведски челик, како ретки примери од најдобрите години на овие инструменти што се рачно изработени. Секоја со различен музикален сензибилитет. Хармоники со кои најмногу сум настапувал се „Сопранели“, „Сопрани“, „Хохнер“, две хармоники со конвертер, наречени бајан: „Армандо Бугари“ и „Боршини“ и други.

Хармониката е хармонски инструмент, многу флексибилен во однос на одреден музички правец. Не е претставник на некој музички жанр, но може да го претставува класицизмот и фолкот, а може да се изведува во сите варијации на џезот, современата и импровизираната музика. Затоа многу композитори пишуваат за овој инструмент. Релативно нов инструмент е во западниот свет, иако потекнува од древниот кинески традиционален инструмент шенг. Со двата дисканта и регистрите, во зависност како се третира во конкретна ситуација, може да претставува придружен организам во некој оркестар и, секако, водечки, ѓаволест инструмент, како што го има претставено и Гери Ларсон во неколку од неговите дела. Многу често конфронтирачки делува со другите хармонски инструменти. Како и да е, тоа е инструмент со кој понекогаш мора да се има џентлменски однос кон другите членови од оркестарот, затоа што е инструмент што може да се наметне во која било музичка форма и израз.

Имате ли следни проекти што се во план за реализација?

– Претпоставувам дека ова се тешки денови за музичарите и за уметниците, воопшто, но сметам дека тој стрес некогаш е продуктивен, па во таа смисла во изминатиов период на музички план ми изроди многу додворувачка и елегантна музика. Следен проект ќе биде бавен живот дома и неколку проекти, како „Радио комбо оркестар“ и тој проект ќе биде со музичари од овде и некои гости од странство. Проекти што се во тек: „Approach to homeland“, трио кое ќе се издаде во Кина, а во меѓувреме ќе се појави дуото со Томе Илиев на кларинет. Едно ново издание ќе излезе за Скопје џез-фестивал. Во однос на концертни настапи и фестивали, за 2021 година веќе се закажани неколку соло и оркестарски концерти, меѓутоа неизвесноста за нивната реализација сѐ уште трае.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 73, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 20-21 март 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот