Разговор со Иванка Апостолова Баскар: Човек се развива само со континуирана креативна работа

По повод Светскиот ден на театарот, што во театрите низ светот се одбележува на 27 март, од Македонскиот центар ИТИ/Продукција и оваа година испратија светска и македонска порака, а по тој повод разговаравме со раководителката на Центарот, д-р Иванка Апостолова Баскар.

Иванка Апостолова дипломира на историја на уметност на Филозофскиот факултет при УКИМ и докторира по Историска антропологија на ликовното со модули по драматургија и сценографија/костимографија во Словенија. Македонскиот центар на ИТИ има широко поле на дејствување, што се движи од култура, изведувачки и визуелни уметности, културен туризам, до креативни индустрии и образование, а Апостолова ни објасни како тоа функционира, организациски и уредувачки.

– Денес уметниците и културните работници живееме интердисциплинарен живот, мора да знаеме многу работи – од менаџирање до уредување, преведување, промовирање, административни обврски и документирање, архивирање и, пред сѐ, дизајнирање, креирање и осмислување добри домашни и меѓународни програми и проекти – вели Апостолова.

Центарот е дел од најстарата мрежа за театар, Интернационален театарски институт (ИТИ), формирана од УНЕСКО во 1948 година, иницирана од театарските уметници низ светот. Македонскиот центар на ИТИ е реформиран во 2013 година. Најпрво бил асоцијативен партнер на Институтот „Евро Балкан“, со локација во нивните простории, а во 2016 ги здружуваат Центарот со Здружението на уметници „Продукција“, што е активно од 2011 година.

– Нашиот Центар спроведува годишна програма во која ги одбележуваме Светскиот ден на театарот – 27 март, Меѓународниот ден на танцот – 29 април и Меѓународниот ден на операта – 25 октомври, развиваме електронско издаваштво и објавуваме современи драмски текстови на домашни автори, преводи на меѓународни драмски автори, продуцираме видео театарски проекти, кои освојуваат многу меѓународни награди на филмски фестивали отворени за експерименти кои доаѓаат од светот на дигиталниот театар; организираме едукативни проекти – работилници, предавања, конференции и континуирана размена на комуникација и информации за меѓународно промовирање на современиот домашен театар, танц и опера. Тимот на нашиот Центар сѐ уште нема свој официјален работен простор, работиме од дома и изнајмуваме работни простори или користиме други простори за реализација на нашите краткорочни проекти и активности по потреба – вели Апостолова.

Нејзина посебна гордост се мноштвото проекти што ги има зад себе. Од 2004 наваму, соработува на разни театарски претстави во повеќе словенечки театри како сценограф и костимограф, креира видео театарски проекти, пишува есеи и интервјуа за многу странски медиуми, а соработува и со повеќе мрежи за театар. Зад себе има долгогодишно искуство во визуелно-ликовните уметности, креативните индустрии, учество на многу фестивали дома и низ светот за театар, стрип и визуелни уметности. Предава историја на уметност и дизајн на ФАД/ЕУРМ, има многубројни соло и групни изложби на стрип – дома и низ Европа, илустрации и сценографии, бројни објавени ликовни и театарски есеи и колажни стрипови во повеќе домашни и меѓународни списанија. Таа додава дека досегашната работа ја мотивира и ја упатува кон нови предизвици и планови за следни проекти.

– Во 2022 г. пред нас е реализација на проектот „Драмски инверзии“, многу онлајн меѓународни фестивали на видео театарскиот проект „The PCR Song“, предавања за видео театарски проекти на конференции и работилници за театар во Словачка, Италија, Словенија, превод на неколку книги и драми од словенечки јазик. Само со континуирана креативна работа (и покрај сите подеми и падови) човек се развива и пробива, навлегува во нови фази и етапи на уметничко и програмско создавање (дома и меѓународно), и ја развива и трасира сопствената кариера како да ги има најдобрите услови за работа на овој свет; сѐ е до индивидуалниот менталитет, свест и одговорност – заклучува Апостолова.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 122, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 26-27 март 2022)

Видео на денот