Разговор со Ивана Балабанова: Битка да се пробијат стереотипите за уличните танци

Проектот ВАДА – Виртуелна американска танцова академија во Скопје е истакнат како една од најуспешните програми на глобално ниво што се поддржани од американскиот Стејт департмент за изминатата година.

Виртуелната американска танцова академија (ВАДА) е проект на „Битрикс Културно-уметнички центар“ поддржан од Амбасадата на САД во Скопје и од американскиот Стејт департмент. Проектот има за цел да дејствува проактивно во правец на едукација на припадниците на танцовата заедница во земјата да ги продлабочат своите знаења преку програма која вклучува практична и теоретска работа со предавачи од САД.

Првата фаза на проектот се одржа од јануари до јуни оваа година, вклучи 70 танчари од повеќе клубови во државата, а завршниот настан се одржа во КСП „Центар-Јадро“ со панел-дискусија на тема „Успешни претприемачи во американскиот танц“.

Во разговорот со Ивана Балабанова, танчар, кореограф и претприемач, сопственик на „Битрикс Културно-уметнички центар“, уметнички директор на интернационалниот фестивал за улични танци „Битрикс танцова лига“ и на регионалната платформа за улични танци „Битрикс спешлс“, како и проектен координатор на ВАДА, откриваме и други детали за уличниот танц кај нас.

Каква категорија е уличниот танц?

– Кога се вели „улични танци“ се подразбира еден пакет на танцови стилови кои иницијално биле создадени на улицата и во клубовите во Америка, а тука спаѓаат од брејкинг (breaking), локинг (locking), вејвинг (waving), попинг (popping), хип-хоп (hip-hop), вогинг (voguing), векинг (waacking), хаус (house), крамп (krump) до денешните вакви форми кои се осовремениле или измешале со многу други танцови стилови и техники. Она за кое сѐ уште постојат негодувања, особено во андерграунд (underground) сцената е кој од овие стилови настанал прв, а кој втор, и така натаму, но, земено според историјата зачетоците на уличните стилови ги наоѓаме во локингот и бугалото, кое подоцна се развива во попинг, а кои се појавуваат во 60тите години на минатиот век во Калифорнија, како дел од фанк-забавите.

Кога се вели „улични танци“ се подразбира еден пакет на танцови стилови што иницијално биле создадени на улицата и во клубовите во Америка / Фотографија Tone Bandits

Нешто подоцна, во 70тите години во Бронкс, пост-индустриски руинираната афроамериканска заедница, преку забавите на диџеј Кул Херц (Cool Herc), го развива брејкингот, како дел од останатите елементи на забавите (диџејство, рап) кои ги користеле како медиум за протест против маргинализацијата, односот спрема Афроамериканците, особено од полицијата и во затворите. Како „чадор“ термин се појавува брејкденсот, кој ги содржи фанк-стиловите и брејкингот, а кој подоцна се трансформира во хип-хоп, кога на него се додаваат кореографските елементи. Хаус танцовиот стил се развива во Чикаго, а „векингот“ во 70-тите од страна на ЛГБТИ-заедницата во Лос Анџелес. Следната декада, во 80-тите се појавува „вогингот“ од страна на трансродовата заедница во Њујорк. Останати стилови кои се појавуваат се: флексинг, роботик, салса, денсхол, џукинг, боун брејкинг, лајт фит, панкинг, клаунинг итн.

Со сите овие танц-стилови што се развиле во Америка, што значи да се биде уличен танчар кај нас?

– Да се биде уличен танчар кај нас може да значи многу нешта, во зависност кого прашувате и за кој дел од заедницата која го практикува зборуваме. Нештата за кои се бориме во изминатите години е, од една страна, да се пробијат стереотипите за уличните танци, кои сѐ уште се длабоко неприфатени од пошироката танцова заедница, а второ, и значително поврзано со ова, е да ги промениме практиките во рамките на нашата заедница кои водат кон комерцијализација и извитоперување на суштината и основата на овие танци. Комерцијалните аспекти, кои како такви ја намалуваат и вредноста на овие танцови стилови во смисла на уметнички квалитет, долго време оневозможуваа развој на андерграунд, независната сцена. Сѐ уште сме далеку од останатите практики во светот, но, состојбата е многу подобра. Од друга страна, поддршката на институциите, сѐ уште, е минимална, не оставајќи простор за поголеми подвизи, иако на младите им е потребно тоа урбано движење. Имаме силна танцова заедница и многу талентирани млади, но финансискиот недостаток при обидот за доедукација и соработка во земјата и надвор, го отежнува и забавува, како индивидуалниот, така и колективниот раст и развој.

Првата фаза на проектот се одржа од јануари до јуни оваа година и вклучи 70 танчари од повеќе клубови во државата / Фотографија Tone Bandits

Како „Битрикс“ со проект поврзан со уличните танци успеа да ја добие поддршката од Амбасадата на САД во Скопје и од американската влада?

– Обидот за соработка со Амбасадата на САД започна уште пред неколку години, кога за првпат се обидов да остварам контакт и да побарам поддршка за интернационалниот фестивал „Битрикс танцова лига“, кој веќе шест години го реализираме во земјава. Иако безуспешно, контактот со надлежните остана, па и во наредните неколку години имавме обиди да оствариме соработка. Во екот на пандемијата, се создаде можност да се оствари програма што ќе биде од корист за заедницата, а и програма остварлива согласно новите можности за користење на дигиталните услуги, па така со поддршката и ентузијазмот на Борка Танеска од Амбасадата полека почнавме да ја обликуваме нашата идеја. Се соочивме со многу предизвици при конструирањето и планирањето на програмата, особено затоа што координиравме многу институции, организации и тимови, но, за среќа и на мое задоволство сѐ помина одлично. ВАДА, како проект, не само што имаше за задача да ги едуцира и/или доедуцира локалните танчари, кореографи, сопственици на танцови центри и сл., тој имаше за цел да ја сплоти танцовата заедница во навистина кризен период за уметноста и како таков и беше препознаен од Амбасадата на САД и од американскиот Стејт департмент.

Завршниот настан на првата фаза на ВАДА се одржа во КСП „Центар-Јадро“ со панел-дискусија на тема „Успешни претприемачи во американскиот танц“ / Фотографија Tone Bandits

Првата фаза од проектот ВАДА заврши. Какви се плановите и целите на втората фаза на проектот?

– Танцот е дисциплина, уметничка гранка, која се работи со контакт, на сцена и во живо. Иако ВАДА преку работата во виртуелниот простор оствари значителни резултати, она за кое се изборивме е да оствариме и програма која ќе се одвива во живо, со цел учесниците одблиску да можат да го научат занаетот. Така, во втората фаза предвидено е еден од предавачите да дојде тука и да подготви танцов перформанс со учесниците. Само во рамките на таков процес тие би можеле подобро и подлабоко да ја запознаат работата на тој предавач, а со тоа и поумешно да ја совладаат техниката, но и сите оние аспекти кои подразбираат работа на колектив, тимски дух, солидарност, поддршка, разбирање, комуникација и сл. Здравје, во октомври, очекуваме да се реализира и втората фаза, а публиката ќе има можност во живо да го проследи перформансот.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 87, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 3-4 јули 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот