Разговор со Иван Антоновски: Без хуманистичките науки би се обезличиле и човекот и нацијата

Признанието „Успешни млади“ се доделува како поттик на научноистражувачката мисла и уметничката работа на младите во нашата држава. Младиот македонист Иван Антоновски е веќе искусен и докажан автор, кој зад себе има неколку публикации, а од крајот на 2021 година е асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.

Забележителна е неговата работа и на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а во последниов период е актуелен и како автор на книгата „Идентитетот е приказна“, посветена на есеистичкото творештво на Горан Стефановски.

Претседателот Стево Пендаровски, на церемонија во Кабинетот на претседателот, на 25 ноември го додели признанието „Успешни млади“ за 2021 година, а во категоријата Најдобар млад научник во хуманистичките науки e избран м-р Иван Антоновски

Деновиве го доби признанието „Успешни млади“, како најдобар млад научник во хуманистичките науки во 2021 година. Какви чувства предизвикува признавањето на твојот труд?

– Во првите мигови предизвика чувство на некоја претходно не многу позната радост. Оти, за жал, не еднаш сме доживеале научните остварувања на македонистите да не се доволно вреднувани кај нас. Неспорно, нашите остварувања може да се вреднуваат и надвор – тоа се случува и преку објавувањето трудови во странски научни списанија. Ама некогаш, чуму тоа, ако не се препознаени и валоризирани и во Македонија? За секој книжевен научник кој своите истражувања ги посветува на националната книжевност, од одделно значење е валоризацијата од матична културна средина.

Дополнително, таквото чувство, најверојатно ми се случи и затоа што признанието е за постигнатото во 2021-ва – годината на Конески. Но и затоа што комисијата во која членуваат професори од високообразовни институции од Македонија и од странство, остварувањата ги вреднува според прецизна и строга методологија. Уште еднаш, и со таквата методологија, се покажа дека македонската книжевна наука не е на крајот на списокот со сериозни остварувања, како што неретко се создава погрешна слика, ами е на почетокот. Таа е еден од носечките столбови на нашиот национален идентитет!

Сепак, во моментов, чувствата се и измешани. Оти сум во размисла дали долгорочно, свесноста за неопходноста за соодветно вреднување и поддршка од нашите институции за научните цели и потфати на македонистиката ќе биде на неопходното високо ниво. Зашто неретко, остварувањето на целите е и зависно од таа поддршка, вклучително и кога претставуваат афирмација на македонскиот јазик, книжевност и култура, а со тоа и на Македонија надвор од нашата култура. А не еднаш, за жал, таа поддршка изостанала.

Врачување на признанието „Успешни млади“ во Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски

Покрај работата во областа на книжевната наука, во овој период си актуелен и со објавата на книгата „Идентитетот е приказна“, посветена на есеистичкото творештво на Горан Стефановски. Како ја доби идејата и колку време беше подготвувана книгата?

– Идејата е од поодамна, заради фактот што есеистичкото творештво на Стефановски претходно не беше подетално исчитано и анализирано од нашата книжевна наука, а е од суштинско значење не само за Горановиот опус, туку и за нашата есеистика и за нашата култура. Оти е и суштинско осврнување кон нашата приказна, кон нашиот идентитет, кон тоа кои сме, зошто сме и што сакаме, кон прашања и пораки кои не смееме да ги заобиколуваме и како поединци и нација.

На книгата работев од 2019 година – најпрво се случи мојот магистерски труд, по што повторно продолжи моето исчитување и дијалогот со Горан преку неговите есеи. Мислев дека тоа исчитување и тој дијалог никогаш нема да завршат и навистина е така, но во еден миг мораше да се стават три точки и книгата да се предаде на издавачот „Полица“ – не заради некои формални рокови, туку токму за да може исчитувањето да продолжи и за заеднички да се навратиме на нашата, македонска приказна.

Многу брзо книгата стигна до второ издание. Како го дефинираш интересот на читателите за есеистичкото творештво на Горан Стефановски?

– Во нашата културна средина, веќе години наназад, есеистичко творештво на Горан постојано е присутно преку цитати од него – во дигиталниот простор, на културните манифестации, во други есеистички текстови… Минатата недела, кога се навршија четири години од упокојувањето на Горан, впрочем, најголемиот дел од цитатите што ги имаше на социјалните мрежи се од неговите есеи. Но, мислам дека до неодамна, ретко кој кај нас размислуваше дека тие цитати се од текстови кои се есеи. Затоа, драго ми е што видлив е интересот на читателите за „Идентитетот е приказна“ и што сега повеќе говориме за есеите на Горан. Затоа што „Идентитетот е приказна“ и повикува на нови исчитувања од сите нас, како поединци, како култура и нација. Тие исчитувања треба да ни се случат, за да ни се случат и нови снажни и автентички поглавја на нашата македонска приказна. Се надевам дека барем сега ќе успееме дел од пораките на Горан да ги разбереме подобро отколку во миговите кога ни ги упати.

Во твојот говор на доделувањето на признанието посочи дека овој пат, хуманистичките науки не се запоставени, но дека во глобални рамки, под влијание на ненаучни фактори, се соочуваат со низа предизвици. За какви предизвици станува збор?

– Не е новост дека веќе две-три децении, глобално, хуманистичките науки, неретко се сметаат за многу помалку важни од техничките и дел од природно-математичките науки, а во одреден период дури и од општествените науки – односно од науките што се занимаваат со она што го опкружува човекот или со она што треба да му служи на човекот. На моменти стравувам дека во некои случаи работите се отидени дотаму што наместо научните резултати од тие науки да му служат на човекот, ќе се случува обратното – човекот да им служи ним или преку нив на одредени поединци, ама не во научни цели. Деградирањето на хуманистичките науки веќе мора да запре, зашто како што кажав и на доделбата, тие се единствените кои се занимаваат со човекот, со неговата култура, историја и самоизразување – со неговиот идентитет. Без сето тоа би се обезличиле и човекот и нацијата, светот целосно би се дехуманизирал. А што потоа?

Професионализмот и целосната себепосветеност треба да се безусловна определба на секој што се занимава со научна работа

Какви лични предизвици носи признанието за понатамошната научна работа?

– Да истраам во сите предизвици во катадневната посветеност на истражувањата и секогаш да стојам зад научната вистина. Но, морам да сум искрен – така ќе беше и ако не бев добитник на признанието, оти професионализмот и целосната себепосветеност треба да се безусловна определба на секој кој се занимава со научна работа или, воопшто, со работа што претставува јавно добро.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 157, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 3-4 декември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот