РАЗГОВОР со Ги Ланжевин: Техниката е само алатка за да стигнете до сопствениот израз

Канадскиот уметник и графичар Ги Ланжевин, на покана на Амбасадата на Канада за Р Србија, РС Македонија и Р Црна Гора, неколку денови престојуваше во Скопје со намера да ја претстави својата серија дела со наслов „Паднати ангели“ и да ги пренесе своите искуства со графичката техника мецотинта.

Мецотинта, или црна гравура, е традиционална графичка техника што бара висок степен на мануелна прецизност и вештина. Канадскиот уметник Ги Ланжевин повеќе од 30 години ги изработува своите дела користејќи ја мецотинтата како алатка за изразување. Како гостин на Националната галерија Ланжевин ја постави својата изложба „Паднати ангели“ во објектот Чифте амам, но поради состојбата со коронавирусот, изложбата немаше свечено отворање. Присуството на уметникот го искористивме за краток разговор и запознавање со неговото уметничко дејствување.

Како се случи да дојдете во Скопје?

– Првпат доаѓам тука, откако канадската амбасада одлучи да организира моја изложба во Националната галерија. Никогаш не сум бил тука и бев многу заинтересиран да се претставам со самостојна изложба. Затоа сакав да дојдам во Македонија и да го видам овој дел од светот. Неколкупати сум бил во Србија и можам да ја препознаам спецификата на регионот. Посебно ме интересираше Скопје, бидејќи повеќепати биле изложени мои дела на биенални и триенални уметнички изложби во Македонија, а досега не сум можел лично да присуствувам. Покрај целата ситуација на глобално ниво, не сакав да ја испуштам шансата да дојдам.

Што содржи изложбата „Паднати ангели“, која е изработена во ретка графичка техника и поставена во Чифте амам?

– Изложбата е составена од дваесетина дела изработени во графичката техника мецотинта. Повеќе од 30 години изработувам дела со оваа техника поради ефектите со светлината што ги овозможува мецотинтата. Таа совршено одговара на мојата работа и изразот што сакам да го постигнам. Иако техниката е уникатна, изложбата што ја претставувам тука дополнително има своја специфика, бидејќи употребувам рачна алатка со која ја стругам плочата за да го добијам отпечатокот, кој се нанесува на хартија.

Во текот на Вашиот престој тука имавте и работилница со студенти од графичкиот оддел на ФЛУ. Каков беше нивниот интерес за оваа техника?

– Мислам дека навистина беа заинтересирани за техниката, бидејќи таа дава многу специфични ефекти. Во практика, не станува збор за комплицирана техника, туку процесот на изработка на гравурата на металната плоча трае долго време. За студентите таа е многу директна техника и, според тоа што го забележав, им се виде многу интересна. Беа љубопитни на работилницата и поставуваа прашања околу начинот на кој се добиваат ефектите, не само во однос на техниката, туку и на цртежот. Техниката е традиционална, но со неа можете да направите што сакате. Техниката е само алатка за да стигнете до сопствениот израз.

Работилницата на Ги Ланжевин за техниката мецотинта предизвика голем интерес кај студентите од графичкиот оддел

Колку уметници се занимаваат со оваа техника во областа од каде што доаѓате, во Квебек, Канада?

– Речиси никој (се смее). Во цела Канада мислам дека сме пет, најмногу десет уметници што се занимаваме со мецотинта. Навистина сме многу малку, а ако зборуваме за традиционалниот начин на работа со мецотинта, тогаш мислам дека во Квебек сме два-тројца. Познавам и двајца уметници од Онтарио, а има уште два-тројца во Алберта. Бројките не се поголеми ниту на светско ниво. Во Русија има фестивал на графики изработени со мецотинта на кој доаѓаат околу стотина уметници од целиот свет. Веројатно е дека со оваа техника работат 400-500 уметници низ светот.

Насловот на изложбата со која се претставивте тука е „Паднати ангели“. Зошто?

– Имам 65 години. Кога бев многу млад религијата беше многу важна во нашето окружување. Возрасните често ни зборуваа за нашите ангели-чувари. На училиште често се случуваше кога ќе нацртаме добро дело да ставиме и мало ангелче во аголот на цртежот. Сакав да направам нешто во однос на губењето на вредностите во нашето општество и одлучив да ги употребам тие малечки ангели, кои често се појавуваа во моите мисли. Прашањето што си го поставив беше – што се случи со ангелите? Ние веќе не веруваме во ангели. Тоа значи дека тие веќе ги изгубиле своите крилја. Ако немаат крилја, тогаш се ангели што паѓаат. Кога ќе паднат долу веќе се растргнати и повредени. Така стануваат луѓе. Тоа беше идејата што ме повлече да ја направам серијата графики со наслов „Паднати ангели“.

Со серијата не сакав да врескам наоколу дека луѓето ги губат вредностите во општеството, туку сакав тоа да го претставам на сензитивен и чувствителен начин. Обично велам дека не сакам да ги опишувам нештата, туку сакам да ги евоцирам, да потсетувам на нив. Значи серијата е евокација на губењето на вредностите во општеството. Затоа ангелите паѓаат во серијата графики на оваа тема.

Што друго како тема Ве инспирирало да правите графички дела во некои од претходните циклуси?

– Многу теми ме интересирале, но всушност секогаш сум размислувал во правец на перцепција на сликата. Ако, на пример, нацртам слика со човечко тело во апстрактен стил и потоа ја превртам наопаку, тогаш ќе добиеме претстава за нешто сосема друго. Секогаш работам со неколку индикации што треба да го упатат гледачот да препознае што е претставено на сликата. Човечко тело нацртано на апстрактен начин може на некого да му личи на пејзаж, но кога ќе го прочита насловот може дури и една линија да му личи на тело. На тој начин си поигрувам со перцепцијата на гледачот. Тоа отсекогаш ме интересирало. Самиот си направив неколку правила за правење на моите дела. На пример, кога цртам тело на човек, сликата треба да биде во размер 1:1, што значи ниту помала ниту поголема од величината на човековото тело. На слика телото секогаш изгледа потенко, но јас секогаш ги цртам вистинските човекови димензии. Исто, и тоа е дел од играта со перцепцијата.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 22, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 14-15 март 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот