Разговор со фотографката Маја Аргакијева: Секогаш ме фасцинира емоцијата на изведувачите

Во објектот на Филхармонија на 27 ноември беше отворена првата самостојна изложба на фотографии на Маја Аргакијева со фокус на симфониските концерти, диригенти, солисти и изведувачи.

Македонската филхармонија со концертот „Убава Русија“ минатата седмица го прослави својот 77-ми роденден. Дел од роденденската прослава беше и изложбата „Портретна симфонија“ на фотографката Маја Аргакијева.

На изложбата беа поставени 32 фотографии, сликани на концертите на Филхармонија и на кои главни „протагонисти“ се музичарите од оркестарот, како и бројните солисти и диригенти кои настапиле на концертната сцена. Фотографката Маја Аргакијева ги фотографира сите концерти на филхармонијата во последниве четири години и нејзиниот најголем предизвик во подготовката на изложбата била селекцијата на фотографиите.

На кој начин ја направи селекцијата на изложените фотографии, имајќи предвид дека од секој концерт имаш направено повеќе од 200 фотографии, а досега имаш фотографирано стотина концерти?

– Одбирањето на фотографиите ми одзеде најмногу време во целиот процес на подготовка. Разгледував албум по албум, ги селектирав фотографиите кои најмногу ми се допаѓаат и дојдов до еден избор од 250 фотографии. Тие фотографии ги испратив на неколку пријатели за да го слушнам нивното мислење. Меѓутоа, од самиот почеток точно знаев кои фотографии сакам да бидат на изложбата. Направив потесна селекција од 50 фотографии и го замолив мајсторот на фотографија Боро Рудиќ, да го направи финалниот избор од 30 фотографии. Целосно се согласив со неговиот избор, со тоа што на самиот крај додадов уште две фотографии, кои сметав дека треба да бидат на изложбата.

Фотографијата секогаш беше многу важен дел од мојот живот / Фотографија: Татјана Ранташа

Колку време соработуваш со НУ Филхармонија и колку тоа што си резидент-фотограф на установата ти ја олеснува работата?

– Во Филхармонија фотографирам од 2017 година, значи веќе четири години. Секако дека тоа ја олеснува работата, се спријателив со музичарите, имам лесна и убава соработката со нив. Исто така, веќе го знам просторот и знам од каде можам да направам најдобра фотографија.

Кои моменти те фасцинираат или те привлекуваат да ги „фатиш“ на секој од концертите што ги фотографираш?

– Секогаш ме фасцинира емоцијата на изведувачите и тоа е она што сакам да го „уловам“.

Главни „протагонисти“ на фотографиите на Маја Аргакијева се музичарите од оркестарот, како и многубројните солисти и диригенти што настапиле на концертната сцена

Со кој апарат работиш и колку е битно во филхармонискиот случај да знаеш кој момент со кој објектив да го фатиш?

– Работам со „Canon R6“ фотоапарат и во 90 отсто од случаите фотографирам со објективот 70-200мм, затоа што ми овозможува од поголемо растојание да се „доближам“ до музичарите. Од секој концерт правам и по неколку широкоаголни фотографии и за тоа користам објектив 16-35мм.

Лично, кога почна да се занимаваш со фотографирање и има ли пресуден момент што те повлече да станеш фотографка?

– Не го знам точниот момент кога почна да ме интересира фотографија, но знам дека уште од средно училиште постојано бев со мало фотоапаратче во рака, а сѐ уште се сеќавам на возбудата кога започнав да го користам стариот апарат „Зенит“ од татко ми. Фотографијата секогаш беше многу важен дел од мојот живот, но пред 10 години, по раѓањето на моите ќерки-близначки, одлучив дека сакам да се занимавам и да живеам само од фотографија.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 108, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5 декември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот