Разговор со Елена Велевска: За крај на една љубов потребна е храброст и самосвест 

Ја чувствувам женската солидарност и драго ми е поради тоа. На секој од нас ни значи некој убав збор. Пријатно сум изненадена што луѓе од кои не сум очекувала, ми пружиле поддршка. 

Во периодот на развод и по конечниот крај на долгогодишната љубовна приказна, Елена Велевска, естрадна уметница и мајка на три деца, научила да се цени себеси повеќе, да биде среќна за себе и за нејзините деца, и за сите оние кои ја опкружуваат. Често е на релација Прилеп-Охрид, благодарна е на семејството за безрезервната поддршка во тешкиот период, но и на жените кои покажале емпатија, кои ѝ пишуваат, кои се во иста или слична ситуација. Не се жали, оди понатаму.

Ако се сожалуваш, кукаш, ништо не постигнуваш. Секоја жена е силна, но треба момент кога тоа ќе го покаже.

За една жена да затвори една љубовна приказна потребна е храброст, и според тебе, што друго?

– Храброста е клучна во таа одлука. Сите кои се нашле во таква ситуација пробуваат да најдат оправдување, причина за да не го направат тој чекор, што е тотална будалаштина. Ние жените имаме еден „проблем“, мислиме дека некого може да го промениме, па даваме шанси, а суштински ништо не се менува, во некои ситуации дури е и полошо. Седнуваш сам со себе, и си размислуваш „Ако јас не сум среќна, нема да бидат ни останатите околу мене“. Тешко е да ставиш крај на нешто во кое си верувал, нешто за кое си се трудел, си посветил внимание, енергија… За да се стави крај, покрај храброст потребна е самосвест, да се прифатат работите онакви какви што се.

Има ли вистина во поговорката „Додека старото не замине, ново нема да дојде“?

– Апсолутно да. Секој крај е нов почеток. Во моментов фокусот на мојот свет се децата и сè она што ме прави среќна, исполнета, не ни помислувам на емотивна поврзаност со некого.

Генерално луѓето имаат предрасуди кога се во прашање естрадните уметници, не можат или не сакаат да сфатат дека не е сè онака како што изгледа.

Дали успеваш да се справиш со сите обрвски дома и истовремено да газиш цврсто на деловниот пат?

– Се трудам максимално, колку што можам, давам сè од себе и ми успева. По сè она што се случи, јас својот мир го најдов во Прилеп, опкружена сум со луѓе што ги сакам, кои ги почитувам. Често сум на релација Прилеп-Охрид, но ништо не ми претставува проблем кога децата се во прашање. Функционирам многу едноставно, секој ден ми е испланиран претходно и се водам по тоа, од наутро штом станам до навечер, на тој начин функционирам со години. Работа, ред и дисциплина се клучни за моето функционирање, како приватно, така и професионално.

Ја чувствуваш или не, во овој период, женската солидарност?

– Ја чувствувам и драго ми е поради тоа. На секој од нас ни значи некој убав збор. Пријатно сум изненадена од фактот дека луѓе од кои не сум очекувала, ми пружиле поддршка. Ми пишуваат девојки, жени, мајки, кои се во иста или слична ситуација и среќна сум доколку и јас можам да помогнам. Секој од нас може да се најде во оваа ситуација, но мора достоинствено, без страв, да се надмине и да верува во подобро утре. Без тоа – ништо. Ако се сожалуваш, кукаш, ништо не постигнуваш. Секоја жена е силна, но треба момент кога тоа ќе го покаже. Што може една жена да истрпи не може никој, но секоја жена заслужува пред сè да е сакана и почитувана. Во вакви ситуации гледаш кој ти е навистина близок, на кого можеш да се потпреш и безрезервно да му веруваш.

Од секое животно искуство извлекуваме некоја лекција, која е твојата лекција?

– Лекцијата што ја потврдив е дека семејството, родителите, се оние кои се тука секогаш за тебе. Не постои начин на кои можам да им кажам благодарам, а тоа да биде доволно. Сестра ми, нејзиното семејство ми беа мелем, малкумината пријатели кои веруваа во мене и во ситуација кога сама во себе не верував. Научив да се ценам себеси повеќе, да бидам среќна за себе, но и за моите деца, и за сите оние кои ме опкружуваат.

Се соочуваш ли со предрасуди, со какви?

– Можеби, но не ги забележувам или не им давам доволно значение. Генерално луѓето имаат предрасуди кога се во прашање естрадните уметници, не можат или не сакаат да сфатат дека не е сè онака како што изгледа. Јас сигурно нема во маркет да се појавам каква што би била во некое видео, на настап или на фотографија… Но секој се бори како знае и умее, а делата зборуваат за нас. Но некои луѓе едноставно не знаат поинаку, личното незадоволство и фрустрациите пробуваат да ги манифестираат на некој друг, но со тоа ништо не се постигнува, нека се здрави и живи.

На публиката ѝ подарувам нова песна кога ќе почувствувам дека е време за тоа, а мислам дека сега не е тоа време, што не значи дека мирувам.

Што подготвуваш ново на музички план?

– Моменталната ситуација е таква каква што е и сè е на статус кво. Во моментов сум во потрага по нова песна, периодов преслушувам некои, па ќе видиме. На публиката ѝ подарувам нова песна, видео, кога ќе почувствувам дека е време за тоа, а мислам дека сега не е тоа време, што не значи дека мирувам. Последен подарок на мојата публика беше проектот што го сработив за една телевизиска емисија, патриотски песни кои не смеат да се заборават, а публиката ги сака. Размислувам за нешто слично, да се препеат некои стари македонски песни, но секако, нешто ново, авторско.

ФОТОГРАФИЈА: Мики Николоски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот