Разговор со Елена Граматикова, креативка: Еден момент, една линија љубов

Има еден момент кој вреди да му се навраќаме цел живот, моментот кога започна нашата авантура како родители, вели Елена Граматикова.

Елена Граматикова, која работи во маркетинг-агенцијата „Њу момент њу идеас“, има многу креативно хоби – изработка на постери кои го зачувуваат моментот кога првпат се запознавате со вашето бебе. Спомен, персонализиран со податоци на бебенцето и илустрација во големина колку што било кога се родило, за време на првата прегратка.

Приказната на Елена за „Бебе постер“ започнала на првиот роденден на нејзиниот син, Калин, во септември 2019 година.

– Откако се роди, се трудиме на различни начини да го зачуваме секој момент со него. Безброј фотографии, видеоклипови, отпечатоци од ноџиња и рачиња и сите рецептури познати на секој родител. Има еден момент кој вреди да му се навраќаме цел живот, моментот кога започна нашата авантура како родители, моментот кога го запознавме Калин. Токму за тој момент го создадовме „Бебе постер“, моментот на првата прегратка, моментот кога стануваме родители, вели уметницата Елена Граматикова на почетокот на нашиот разговор.

Минималистичките цртежи имаат цел да го сочуваат моментот кога првпат се запознаваме со бебенцето. Какви опции на изработка на постери нудите?

– Еднолиниските цртежи ги направивме специјално за „Бебе постер“ и се авторско дело на Андреј Павлов. Моментално има две опции, две илустрации од кои произлегуваат варијации со позадина во боја и срце во самата илустрација. Има опција и за две дечиња или близнаци на еден постер. Наскоро планираме трета илустрација, како и нови бои во палетата.

Како се изработува постерот? Во кои димензии?

– Постерот е персонализиран со инфографик од денот кога е родено бебенцето, а илустрацијата е во големина колку што било бебенцето на раѓање. Димензијата е 50х70 см, печатен е на фотохартија со ламинација за долготрајност и намалување на набори и превиткувања.

Постер за вас и вашето најмило ?Додадете топлина во домот!#bebeposter #родители #бебе #onelineart #posterdesign #macedonia

Publiée par Bebe Poster sur Mardi 10 mars 2020

Слоганот е „Еден момент, една линија љубов“, на што мислеше кога го креираше слоганот? Кое е неговото значење?

– Еден момент е моментот кога го запознавате своето дете, моментот на првата прегратка, моментот кога станувате родители. За мене, еден момент полн со топлина и љубов. Илустрацијата е еднолиниска и е во големина колку што било бебенцето за време на таа прва прегратка, па затоа е „Еден момент, една линија љубов“.

Колку чини еден постер?

Постерот може да биде нарачан спакуван во специјално изработени картонски футроли или врамен во црна или бела рамка. Постер за едно бебенце чини 1.500 денари, а доколку е во рамка, чини 2.000 денари.

Какви нови облици планираш да доживее во блиска иднина креативната приказна на „Бебе постер“?  

– Моментално работиме на веб-страницата и апликација за нарачки кои ги изработува мојот сопруг. Ги разгледуваме опциите за достава на постерите надвор од земјата со цел „Бебе постер“ да стане глобално достапен. Се обидуваме да балансираме помеѓу обврските на работа, живот со мало детенце и „Бебе постер“. Затоа работите се движат побавно, но најважно од сѐ, без прекин. Верувам дека секој новитет ќе дојде во вистинското време.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот