Разговор со Душанка Градишки Иванова, балетски педагог и кореограф: Животно патешествие со остварени желби

Поранешната македонска балерина и сегашна кореографка и педагог за балетска уметност, Душанка Градишки Иванова, во Америка веќе 14 години создава нови генерации балетски уметници.

Кореографката и балетски педагог Душанка Градишки Иванова, со 30-годишно искуство во балетската дејност и со специјализација во Санкт Петербург во Русија, во 2007 година одлучила со семејството да замине во САД, каде што веќе 14 години има успешна кариера во американските балетски школи.

Станува збор за природно животно патешествие или, пак, имаше и Ваши желби што сакавте да се остварат?

– Животното патешествие некако се совпаѓаше со желбите што се остваруваа! По завршувањето на средното балетско училиште „Илија Николовски – Луј“ во 1984 година, во класата на проф. Ѓурѓица Јовановска, се вработив во Балетот при МНТ (денешен МОБ) и истата година аплицирав за стипендија за усовршување на престижната Балетска академија Ваганова во Санкт Петербург, Русија. Бидејќи тогаш постоеше соработка на културно ниво помеѓу бившите југословенски републики, СИЗ-от за Култура на град Скопје, во 1985 година, му додели стипендија на мојот колега Милорад Маринчевски, а мене, како талентирана млада балерина, стипендијата ми ја додели СИЗ-от за култура на град Белград. Така заминав на специјализација во Санкт Петербург и на мојата среќа ѝ немаше крај.

Од друга страна, чувствував голема одговорност која требаше да ја оправдам. Бев во класата на проф. Елвира Кокорина, која беше фанатик во позитивна смисла и сите во класата „нѐ цедеше како лимон“. Затоа вложениот труд се исплатеше и напорот што со себе ги носеа секојдневните прецизни технички вежби во балетската сала вроди со плод кога ми беше доделена улогата на солистка на „Арапски танц“ во балетот „Оревокршачка“ и тоа на сцената на Марински театар. Улогата ја подготвував со професорката по карактерни игри, Ирина Генслер. Тоа за мене беше сон кој стана реалност. Едногодишниот престој во руската Ваганова ми донесе голем успех кога по враќањето од Санкт Петербург во македонскиот балет бев назначена во група солисти исполнувајќи го тогашниот репертоар.

Во Македонија работевте во балетот и во балетското училиште во Скопје. Како ја донесовте одлуката да заминете во Америка?

– Мојата работа во Балетот на МОБ и во балетскиот оддел при МБУЦ „Илија Николовски – Луј“ сочинуваат заедно 30 години работен стаж. За тоа време и во двете институции постигнатите резултати кажуваа сами за себе. Сцената носи посебно чувство додека пред публика играте на врвот на прстите во одредена улога и се посветувате на својата лична кариера, додека во училиштето, работата како балетски педагог носи со себе многу поголеми задолженија. На сцената се вашите ученици и вие сте комплетно одговорни за нивниот развој, техника, постигнувања. Тоа е исто како да имате парче глина во рацете и ја вајате во саканата форма! Не е едноставно, но е големо задоволство.

Паралелно со педагошката работа, во одредени временски интервали, работев и како репетитор и кореограф на балетски и оперски претстави во МОБ, од кои би ги издвоила „За непознатиот“, „Последната игра“, „Златното перо“, „Аида“, „Турандот“, „Риголето“, „Моќта на судбината“, „Травијата“, „Приказна од западната страна“, „Палјачи“, „Кавалерија рустикана“ и други. За жал, политичките превирања во државата влијаеа на културните збиднувања, па така ни уметноста не остана заобиколена. Најболно за мене како докажан уметник, педагог, кореограф и режисер, беше кога без никаква причина кореографиите потпишани со моето име беа отстранети од репертоарот на МОБ, а заменети со други имиња. Некако во тоа време се случи Америка. Во 2003 година, бев поканета да работам како балетски педагог во еден од многуте театри на Бродвеј во Њујорк. Оттогаш во неколку наврати патував на релација Њујорк – Њу Џерси – Скопје, сѐ додека во 2007 година фамилијарно одлучивме да се преселиме во „ветената земја“, но овој пат на Флорида, рајот на земјата, каде што ја родив ќерката Софи, моето трето чедо.

Да се раководи со една балетска компанија во САД не е едноставно, но е голема чест и задоволство

Сега сте уметнички директор на компанијата „Балетска академија на Сент Петерсбург“ во Флорида, САД. Колку долг беше патот до оваа позиција и што значи да се раководи со балетска компанија во САД?

– На мое големо задоволство, по пристигнувањето на Флорида, моето прво работно место беше во „Флорида денс центарот“ (2007-2013) во градот Палм Харбор, како уметнички директор, потоа вонреден професор на „Сент Петерсбург колеџ“ (2011-2013) во истоимениот град, професор по балет и директор на танц во основното училиште „Thugood Marshall Fundamental Middle school“ во Сент Петерсбург. Во 2013, по неколку одржани мастеркласови добив покана за уметнички директор на „Флорида вест балет“, компанија, исто така, лоцирана во градот Сент Петерсбург, која 2019 година го менува името во „Балетска академија на Ст. Петерсбург“. Академијата е за деца од пет до 18-годишна возраст нуди едукација во класичен балет, карактерни игри, репертоар и модерен танц, а сѐ со цел за промоција на балетската уметност. Учениците се подготвуваат за целовечерни претстави во кои презентираат артистичност и техника преку оригинални кореографии. Да се раководи со една балетска компанија во САД не е едноставно, но е голема чест и задоволство.

Во септември годинава ја браневте Вашата докторска теза „Руската школа и нејзиното влијание во создавањето на балетот во Америка во 20 век“. Како се случи докторатот да го браните на Академијата за музичка и танцова уметност во Пловдив, во Бугарија?

– Докторатот го запишав во 2017 година на Академијата за музичка и танцова уметност во Пловдив, Бугарија, каде што и магистрирав во 2000 година. Три години се подготвував, ги посетував библиотеките во Њујорк, Мајами, Тампа и Сент Петерсбург, користев околу 50-ина книги, енциклопедии, научни трудови од цела Америка. Колку повеќе копав по материјалите, толку повеќе уживав. Ме интригираше темата за Русите кои го основале балетот во САД. Да не беа тие, прашањето ќе беше дали балетот во Америка, воопшто, ќе постоеше во вид каков што е денес? Во 17 и 18 век, во Америка доаѓале и француските и италијанските уметници пред Русите, но во 20 век Русите биле најупорните и преку безброј гостувања и турнеи ја едуцирале американската публика да ја почитува балетската уметност. Преку отворање балетски школи, создавале нови генерации американски играчи и така го саделе семето на балетот. Меѓу пионерите се истакнуваат Ана Павлова и Михаил Мордкин, по нив доаѓа трупата на Сергеј Дјагилев, со Михаил Фокин, Вацлав Нижински и Жорж Баланшин. Докторатот во Бугарија содржи две фази, внатрешна и надворешна одбрана. Првиот дел од докторатот го поминав одлично на 23 септември 2020. Одбраната беше пред Катедрата на професорите кои едногласно дадоа зелено светло и беа задоволни од излагањето. Вториот дел се брани пред членовите на Бугарската академија на науките и, секако, ако се создадат услови за патување, тоа ќе се случи во јануари 2021 година. Надворешната одбрана е официјална, но е само проформа и тогаш официјално се стекнува титулата „доктор“.

На учениците во Сент Петерсбург им ја пренесувам најфината и најдобрата балетска техника во светот, наречена Ваганова стил

Која методологија на работа ја применувате во Балетската академија на Сент Петерсбург?

– На учениците во Сент Петерсбург им ја пренесувам најфината и најдобрата балетска техника во светот, наречена Ваганова стил. Во Америка, што се однесува до балетското образование, критериумите се подруги отколку кај нас. Тука речиси и да нема факултети или универзитети каде што се изучува конкретно мојот профил, а тоа е методиката на класичниот балет. Притоа не е доволно да сте биле или сѐ уште сте професионална балерина и го пренесувате своето играчко искуство на младите генерации. Треба да бидете писмен и едуциран педагог за да ги учите младите поколенија и да создадете добри уметници од нив.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 55, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 7-8 ноември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот