Разговор со Драган Маринковиќ: На овие простори борбата за право станува утопија

Драган Маринковиќ

Вечерва, во кино „Милeниум“, со почеток во 22 часот, а во рамките на Синедејс, македонската публика ќе има можност да го погледне филмот „Пијавици“ во режија на Драган Маринковиќ. Филмот опфаќа периодот меѓу 1996 и 2000 година, односно четири од десетината ужасни години за Србија на крајот на дваесеттиот век.

„Пијавици“, кој е инспириран од истоимениот роман на Давид Албахари, е повод за разговор со режисерот Драган Маринковиќ.

По четврти пат се занимавате со екранизација на дела од српската литература. Сте работеле филмови според делата на Милорад Павиќ и Светисав Басара, а филмот „Пијавици“ е инспириран од истоимениот роман на Давид Албахари. Што најмногу ве привлече во приказната на Албахари?

– Не го споменавте мојот прв филм „Некоја чудна земја“  на најпознатиот српски сатиричар Радоје Домановиќ. Тој филм, речиси цел, е снимен во Прилеп и Битола, па така јас сум емотивно врзан за тие, за мене, преубави делови на вашата земја. Литературата на Давид во книжевнаа смисла е извонредна и на прв поглед, како онаа на Павиќ и на Басара, не баш филмска. Тоа е она што мене ме интригира. Да се пронајде начин на филмски начин да се раскаже „смислата“ на тие романи, на таа литература.

Каква беше соработката на филмот со писателот Албахари? Ви укажа ли на нешто што сакаше да биде понагласено?

– Кога се договаравме да го направиме ова сценарио, Давид живееше во Калгари, а јас во Цирих. Беше тоа пишување на далечина. Во еден момент застанавме и тогаш дојдов до идеја да ни се придружи сценаристот Душан Спасојевиќ. Давид тоа го прифати, веројатно сфати дека се „заморивме“ и така, со голема помош од Душан, дојдовме до конечната верзија. Верувајте, кога работите со многу познати писатели, сè е лесно, зашто тоа се исклучително интелигентни личности, кои немаат големи барања да се држите до сè што е во романот, зашто тоа е само основа за понатамошната работа. Морам да напоменам дека сите со кои работев се мои долгогодишни пријатели.

Пијавици

Што го прави филмот „Пијавици“ разбирлив за сите луѓе и територии?

– Основната тема на филмот се тајните служби, не е важно кои, а јас се занимавам со поединците во нив, со нивната психа, размислувања, дилеми. Сите сме опкружени со тие луѓе. Филмот не е правен да биде апсолутно разбирлив, туку гледачите да можат сами да го разбираат, секој на свој начин, без разлика дали ние така мислевме.

На кој начин денес, на Балканот, може да се избориме против обесправданоста и автократијата?

– Генерално никако. Можеби и би требало секој за себе да биде борец против злото, а кога поединците ќе успеат во тоа, и ќе станат мнозинство, тогаш ќе можеме да кажеме дека сме слободни. Тоа е долг процес…

Мислите ли дека сите, во денешно време, сме подложни на параноја? Кој тип на луѓе се најподложни?   

– Мислам дека е логично луѓето да се во параноја. Не знам кој тип на луѓе најмногу. Лошо се чувствувам кога во некои прилики луѓето ќе почнат да ме испрашуваат во стилот: „Што правеше вчера“, „Каде беше“, „Со кого се виде“…Кога почнав да размислувам за тоа, си поставувам себеси прашања дали преувеличувам, претерувам. Можно е сè тоа да не е важно, но сакав, не како основна работа, да ги наведам гледачите и сами да ја погледнат својата околина и да се запрашаат, да размислуваат за опкружувањето во кое се наоѓаат. Дали е тоа стварност или параноја, не знам.

Кај нас, добар дел од интелектуалците „кренале раце“ од политиката, па иако имаат критичен став, не го искажуваат јавно. Поинаку ли е кај вас? Колку се слуша воопшто нивниот глас?

– Интелектуалците обично имаат критичен став кон власта и некако тоа ми делува логично. Разликата е само во тоа што некои го искажуваат отворено, јавно, а други имаат свој интровертен став, сметајќи дека тоа е доволно. Веројатно се во право. На овие простори, за жал, борбата за право, не имагинарна демокократија, станува утопија. Мислам дека предмалку ви реков какво решение е возможно.

Во што најмногу ја гледате лицемерноста на денешното општество?

Во потполно „потчинување“ на народот, како некој за кого власта води сметка, а тоа навистина го прави само во свој интерес.

Сте ја почувствувале ли вие на ваша кожа „неподобноста“ како режисер?

Ќе се обидам да одговорам посредно. Поранешните проекти имаа приватни финансиери и копродуценти од богати земји, па тука никој не можеше да ме притиска, зашто бев само режисер и ко-сценарист. „Пијавици“ е мој прв филм кој доби средства од матичната земја на конкурси. Но, тоа не беше лесно, без разлика што моите филмови се прикажувани на сериозни фестивали, почнувајќи од Берлин…Ќе видиме што ќе се случува во иднина.

Кое следно дело од модерната српска литература Ви е при срце што би сакале да го екранизирате? Колку ги следите македонските современи писатели?

– Долго време, додека Александар Тишма беше жив, зборував за неговиот роман „Употреба на човекот”. Тој ме убедуваше дека тоа е за мене, но јас тогаш немав идеја како да го „преточам“ во филм. Помина доста време и ќе се обидам да се вратам на тој роман и да видам дали згрешив.

За жал, да не кажам срамота, не ја следам современата македонска, ни српска, литература. Најдобро се чувствувам, кога по којзнае кој пат, ќе се вратам на Томас Ман, Хесе…

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот