Разговор со Драган Довлев: Подрумот со кукли како сцена за драмско дејство

Театарот за деца и младинци на 23 јуни, на младинската сцена, премиерно ќе ја изведе претставата „Подрум“, поставена по текст и во режија на Драган Довлев.

Актерот Драган Довлев во Театарот за деца и младинци (ТДМ) е вработен од 1994 година. Во периодот од 2011 до 2015 беше и директор на ТДМ. Во меѓувреме магистрирал на куклена режија и од тие студии му останала една идеја за театарска претстава. По повеќегодишно ферментирање на идејата, конечно, претставата со наслов „Подрум“ премиерно ќе биде изведена во ТДМ. Во претставата играат Никола Наковски, Матеа Јанковска, Петар Стојанов, Изабела Новотни и Бојан Кирковски. Во разговор со Драган Довлев ја следиме неговата идеја од појавата до финалната реализација.

Во Театарот за деца и младинци ја подготвувате претставата „Подрум“, која ќе се игра на младинската сцена. Со каков мотив ја подготвивте претставата?

– Со мотив да се постави куклено-драмска претстава на младинската сцена. Со мотив да поставам нешто што созреа да биде поставено на сцена. Исто така, имав мотив да соберам екипа и без пари да му подариме на театарот квалитетна претстава. Идејата за оваа претстава е од крајот на деведесеттите години од минатиот век, во периодот на моите постдипломски студии на куклена режија на Академијата во Софија и мојата фасцинација од театарот на тесно пространство и куклен театар за возрасни. Уште тогаш бев убеден дека еден ден ќе поставам претстава чиешто дејство ќе се случува во театарски подрум, каде што се оставаат куклите од мртвите претстави. Тогаш, не знаејќи како и не знаејќи зошто, неколку кукли мислев дека би било добро да оживеат и таму во подрумот да се случува некаква драма. Но, тоа беше само идеја, немав приказна, немав одговорено на многу важни прашања за да се впуштам во проект. Со текот на времето стана јасно дека куклите не треба да се согласуваат со она што се случува горе на сцената и животот и состојбите во театарот почнаа да ја пишуваат приказната, прашањата едно по едно да се одговараат и пред една и пол година почнав со пишувањето на текстот, кој по два неуспешни наслова го доби името „Подрум“.

Која тема е во фокусот на претставата?

– Оживеаните кукли слушаат какви претстави се играат горе, какви проби се одржуваат и сѐ уште имаат желба за глумење, па главниот лик се решава да направи совршена претстава за некои поранешни, заборавени вредности. Сето ова е испрекинато со влегувања и излегувања на вработените во театарот. Во тој контекст се работи за претстава во претстава, но повеќе не би откривал за самата приказна. „Подрум“ не е само место каде што се одвива комплетното дејствие во текстот и претставата. Подрумот повеќе е како метафора за дното што го допираме во нашата професија. Подрум како темнина и безизлез. Подрум во константното паѓање на нашите професионални стандарди. Текстот не е пишуван со цел да биде издаден, туку строго наменски, токму за оваа претстава и во неговата финална верзија учествуваа и самите актери. Нешто на што инсистирав за време на читачките проби. За мене беше многу важно актерите да се вградат во приказната низ лични предлози за приспособување на текстот на нивниот сензибилитет и карактерите што сакавме да ги искреираат. Многу сум задоволен од актерите и од нивниот ангажман во овој проект, досега како режисер сум немал поквалитетен и поконкретен процес.

Публиката ве познава како актер. Каков беше предизвикот да го прифатите комплетниот авторски пристап со текст и режија на претставата?

– Да, точно, јас сум актер и ќе продолжам да бидам. Постдипломските студии по режија на куклен театар беа моја желба да се дообразувам заради потребите на театарот во којшто работам. Досега сум немал големи амбиции да режирам и ова е мојата осма режија во период од 22 години. Треба да се почувствувам навистина максимално подготвен за да помислам да режирам. Овој пат се работи, пред сѐ, за проект кој не е финансиран од буџетот, за наш обид старите парчиња декор, реквизита, материјали за костими да се рециклираат и да се искористат во друга претстава и се да помине со минимум трошоци. Безмалку комплетната екипа што работи на овој проект е вработена во театарот. Ова се времиња кога треба да му се помогне на театарот и ние тоа го правиме на начин како што најдобро знаеме и умееме, да направиме од ништо нешто, надевајќи се дека најголемата придобивка ќе ја има токму театарот. Ние само можеме да ветиме дека ќе дадеме максимум знаење и труд и да се надеваме дека претставата ако не помогне некому, барем нема ни да одмогне.

ТДМ повеќепати грчевито се борел младинската сцена да се одржи и опстои. Со каква цел?

– Со цел да го оправдаме нашето постоење. Со цел да ја работиме работата заради која државата го основала ТДМ. Не знам што не е јасно во името Театар за деца и младинци, сѐ си е убаво и дури пресликовито објаснето уште во името, а да не зборувам за статутот и за другите интерни акти на овој театар. Ние сме тука да одговараме на сите прашања што можеби некого го вознемируваат, а се поврзани со младинската сцена. Нема проблем, трпеливо ќе објаснуваме дека целта е и младинците да имаат свој театар, исто како и децата, дека тоа е и јавен интерес и државен интерес, барем сѐ додека државата не реши дека не треба да имаме таков театар.

Иако повеќепати беа упатени барања за проширување на сцената и просторот, ТДМ сѐ уште работи во истите услови. Можно ли е во актуелната состојба да се одржуваат и детската и младинската сцена?

– Сцена е сцена, а какви претстави има на неа, тоа е друго прашање. Ако се сака сѐ е можно. Сега е дури и полесно, зашто имаме повеќе вработени и полесно можат да се организираат настаните. Проблемот со објектот се состои во тоа што тој простор не може да се нарече театар, бидејќи е приземје на станбена зграда и тоа нема никаква врска со заедничкото функционирање на детската и младинската сцена. Ако се реши овој проблем, ќе биде добро и за двете сцени. Што се однесува до актуелната состојба диктирана од пандемијата, во последнава година тешко може да се зборува за функционирање на која било сцена и на кој било театар. Се надевам дека од септември ќе ја стартуваме новата сезона во најдобар ред и дека ќе продолжиме онаму каде што застанавме во февруари 2020 година. Нашите стандардни 200-тина претстави годишно сигурно попријатно и подобро се играат во подобри услови, но јас веќе престанав да апелирам и повикувам институции да ни го решат проблемот. Некои најави дека можеби едно од решенијата е да делиме простор со некои други институции ме извадија од памет и ова интервју не е местото да образложувам зошто е тоа опасна идеја. Не ми се веруваше дека повторно ќе ми се допаѓа идејата нашиот театар, сепак, да си остане каде што е и да си го сочуваме каков што е. Зашто ако го изгубиме, тогаш ќе бидат беспредметни сите дебати и за младинската и за детската и за куклената сцена.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 85, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 18-20 јуни 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот