Разговор со диџеј Славе Ќелешовски: Прв ја донесов Цеца во Македонија

Познатиот диџеј и менаџер денес живее на Флорида со семејството, а секое лето престојува во Македонија по неколку месеци.
Кога имал 14 години, еден немил настан на Славе Ќелешовски, познатиот струшки диџеј, менаџер и радиоводител, му ја одредил животната определба. Славе денес живее на Флорида со семејството, а секое лето престојува во Македонија по неколку месеци.
Иако е пензионер, тој е страстен велосипедист, и ако во САД вози и до 120 километри по рамно, едвај чека да дојде во Македонија и да извози некоја планинска тура. Во Охридско-струшкиот регион нема некој што не го знае диџеј Крејзи Славе, кој долги години наназад беше прогласуван за најдобар диџеј во Македонија, според ревијата „Екран“.
Славе беше и менаџер на повеќе дискотеки и клубови, а организираше концерти и на најголемите ексјугословенски ѕвезди: Жељко Бебек, групата „Плави оркестар“, Бајага, Рамбо Амадеус. Славе бил првиот што ја донел фолк-пејачката Светлана Ражнатовиќ Цеца на настап во Македонија.

Славе е, инаку, дедо на пејачот Дарко Илиевски, кој е сопруг на неговата ќерка Ивана. Во моментов, со семејството е во Охрид, а наскоро повторно ќе се вратат на Флорида.
– Додека како 14-годишник останав неколку месеци во Скопје, поради операција на нозете, во болница почнав да слушам музика. Татко ми и мајка ми покојни, ми донесоа плочи и едно грамофонче. Ми купуваа плочи од „Југотон“, а слушав и радиостаници на долги бранови, најчесто италијански радиостаници. Загубив една година во гимназија поради тоа што останав во болница, па продолжив да се школувам. Пуштив долга коса и бев можеби единствениот со долга коса во гимназијата – се сеќава Славе.
Тука неговата страст за музика станува уште поголема. Дружејќи се со постари, тој почнал да собира плочи, а ги набавувал од другарите што ги купувале во Лондон.

– Трчав на брана во Струга, ловев риби, ги продавав на туристите кај кампот „Караорман“ за да можам да си купам плочи. Така ми се роди љубовта кон дискџокејството. Имаше дискотека во Струга, во Младинскиот дом, и ние како помали од прозорец гледавме што се случува таму – се сеќава Славе.
Откако таа дискотека се затворила, тој со неговиот другар Номе Буши решиле да отворат дискотека. Вели дека не му било важно дали ќе има заработка или не, за почеток со другарот работеле волонтерски.
– Во меѓувреме, со еден другар, Анастас (Бог да го прости), наплатувавме влез на Женската плажа во Струга. Од 7 часот наутро, прво ја чистевме плажата, па потоа продававме билети за влез. Така, тоа лето собрав пари за да купам два грамофони, „тоска 5“, и така почнав да пуштам музика – се сеќава Ќелешовски, кој диџејската работа постепено почнал да ја шири, па станал и менаџер.

– Во поранешна Југославија јас бев прилично задоволен, затоа што од никој и ништо, станав некој и нешто. Покрај организација на концерти, кафулиња, дискотеки, радиостаница, работев и со озвучување. Организиравме и озвучување на Весна Змијанац и на Дино Мерлин кога беа на една турнеја низ Македонија. Кога се распадна Југославија, Македонија ни стана мала бара. Јас Македонија ја сакам. Јас сум 20 и повеќе години во Америка, и секое лето по неколку месеци доаѓам дома и сум инвестирал во Македонија, не можам без Македонија. Меѓутоа, само на лето. Во зима не ми одговара да бидам овде, а освен тоа, и целото семејство ми е во Америка. Се вративме пред десет години, сакавме да останеме тука, децата работеа овде и рекоа дека сакаат да се вратат во Америка. Заминавме и ние по нив. Таму сум сега пензионер и имам време да се ангажирам со нештата што ги сакам. И затоа и ден-денес, одвреме-навреме се занимавам со пуштање музика – вели диџеј Крејзи Славе, кој и денес повремено пушта музика во Македонија, но и во САД.

Тој е многу горд на илјадниците забави што ги организирал. Во 1990 година менаџирал три дискотеки: Градиште, Крани со покојниот битолски менаџер Аце Ангелески – „Сенатор“ и дискотеката „Алга“ во Струга.
– Таму се продаваа и по 1.000 билети. Таму беа „Црвена јабука“, доста добро поминуваа, а јас моето убаво мислење за Жера го негувам и денес. И ден-денес имаме контакт, се слушаме и се гледаме кога има настапи. Работев и со „Леб и сол“ и „Меморија“, навистина убави концерти. Работев и со Ален Славица, тој ми е и денес добар пријател, тој меѓу првите дојде во Македонија. Неша „Галија“ ми е добар пријател и ден-денес, сум бил кај него дома и тој доаѓал овде. На Рамбо Амадеус исто така му ги организирав концертите. Аки Рахимовски, Беби Дол, со Бора Чорба многу работев и се дружевме. Една смрзната пастрмка еднаш однесов од Охрид и во Белград, ја печевме во еден ресторан – раскажува Славе и се сеќава на една анегдота поврзана со Саша Лошиќ, фронтменот на „Плави оркестар“.

– Кога почна војната во Босна и Херцеговина, Саша Лошиќ од „Плави оркестар“ дојде во Струга кај мене. Потоа, кога се пушти првата авионска линија до Љубљана, тој замина таму, а во Љубљана и денес живее – ни раскажа диџејот.

– Работев секаде низ Македонија, низ сите места каде што ќе ме повикаа, и најмало место да биде низ Македонија, јас одев. Одев и низ Југославија, низ Србија, настапував и во Студио Б, тоа место и Белград ми беа како дома. Така почнав и да организирам концерти. Најмногу работев околу ‘89, ‘90 и ‘91 година. На пример, Цеца прв ја донесов во Македонија со касетата „Цветак-зановетак“. Организирав викенд-концерти, а таа уште одеше на училиште, во Гимназија, а татко ѝ ја носеше во едно црвено „југо“. По концертот во Куманово, кој беше во четврток, си одеше дома во Житораѓа, за петок повторно да се врати во Тетово, па потоа Струга, па Битола. Беше млада и не се надевав дека толку ќе успее. Бев и кај неа дома, во Житораѓа, да ги посетам, по концертите, на враќање од Белград. Инаку, претежно работев со забавњаци. Кога Жељко Бебек го напушти „Бијело дугме“, јас му организирав 10-дневна турнеја низ Македонија, тогаш тој пееше сам, на матрица, без бенд. Без оглед на тоа, турнејата беше многу успешна. Исто така, со покојниот Дино Дворник имав многу успешна турнеја, токму тогаш кога ја издаде првата плоча – вели Славе.

Денес, најголемо задоволство му причинува кога ќе дојде во Македонија, кога луѓето ќе го сретнат во Струга, во Охрид, и ќе го препознаат.
Со насмевка раскажува дека иако е во зрелите години, ужива да вози долги велосипедски тури и е многу внимателен.
– Обично, јас сум многу внимателен, но сум паднал два-три пати. Но, среќа што во паѓањето сум како мачка. Една од последните тури беше накај Велес и до Богомила. На враќање беше многу врнежливо, се лизнав, се превртев. Но, му благодарам на Бога што само малку се изгребав. Сѐ уште сум активен и ќе се трудам колку што можам, затоа што тоа ми прави задоволство – завршува познатиот диџеј и менаџер.
