Разговор со Да Џака Накот: Не се пензионирам, само алијасот заминува во легенда

По 21 година творештво како соло-артист и со повеќе од 12 изданија, Да Џака Накот ја завршува својата приказна со албумот „Live on, no evil“, концептуално замислен како збир на палиндроми.

Долго време се немавме слушнато со Џака Накот до моментот кога ми ја прати поканата за промоција на последниот албум „Live on, no evil“. Знаев дека е некаде надвор од државава, но не знаев дека веќе година и половина живее во Вроцлав, Полска, по пет години поминати во Германија. „Дојдов на пар месеци од Берлин, поради ситуацијата со ковид, да поминам сезона од зима до пролет, се заљубив во локална девојка, и останав. Кога човек планира, Господ се смее“, ми кажа раперот што остави силна трага во македонската хип-хоп сцена не само со своите соло-албуми, туку и со виталната енергија што ја носеше во групацијата „Легијата“.

По подолго време, Владимир Џокиќ алијас Да Џака Накот е присутен во Скопје и на 30 септември, во 20 часот во МКЦ, ќе има промоција на неговиот нов албум.

Колку време е подготвуван албумот и зошто го најавуваш како последен?

– Албумот го започнав со мисла што метастазираше во идеја, која ми го даде концептот за целиот проект. Немам објавено соло-албум од 2015 година бидејќи сакав да направам целосен детокс на својата уметност. Во меѓувреме, во 2019, го сменив начинот на работа – од компјутер до Akai MPC Live, самостојна машина/ семплер/ музичка станица што е неопходна алатка на секој хип-хоп продуцент во дигиталната ера. Имајќи предвид дека е потребно време за да се научи нова алатка од нула, вложив време во усовршувањето на занаетот.

Самото пишување никогаш не ми претставувало проблем, меѓутоа да го добиеш звукот што го бараш треба да знаеш што сакаш да чуеш. како човек што има објавено повеќе од 400 студиски песни, сакав предизвик бидејќи сепак, единствениот човек со кого се натпреварувам сум јас самиот, воедно и сам на себе сум најголем критичар. Сакав да донесам нешто свежо на масата, не сакав да играм во комфор-зона, која знае и најдобрите рапери да ги фати во челуста.Предизвикот дојде во форма на ограничување. Сакав да направам проект што ќе се состои од дела кои се палиндроми, и бидејќи има многу малку простор за маневар во македонската лирична литературна сфера за тој проблем, морав да се потрудам уште повеќе за да ги добијам најпрво насловите на песните, па потоа да ги пополнам со текст и со музика.

Албумот го работев една година. Планот беше да биде објавен многу порано, на 22.2.2022, но поради семејна трагедија морав да го одложам за 30 септември. Последен албум на Да Џака Накот, бидејќи сакам таа оставштина и таа идеја да биде затворена, по соло-циклус од 21 година и повеќе од 12 соло проекти под тоа име. Не се пензионирам, само алијасот заминува во легенда. Џака Накот си ја заврши својата работа. Сѐ уште ќе настапувам и албумот на пролет ќе има концертна промоција, но каталогот на Џака Накот се затвора со овој проект.

Самото пишување никогаш не ми претставувало проблем, меѓутоа да го добиеш звукот што го бараш треба да знаеш што сакаш да чуеш

Разнородна екипа е собрана на албумот, а сниман и мастериран е далеку од овде. Како успеа со сите да стапиш во контакт и со каква цел?

– Албумот е сниман во студиото „Добро уво“ (Dobre Ucho) во Вроцлав, Полска, од полскиот продуцент Voskovy, додека мастерингот го правевме во Хепенхаим, Германија, во студиото „Scwarztone“, со мојот продуцент Тобијас Шварц, кој е втората половина од нашиот метал-сајбер-панк проект „GL!TCH“. Моите вокали се снимени во две сесии од по три часа, додека постпродукцијата и аранжманите ги правев сам во „Шурикен Рекордс“, во Вроцлав (моето студио се сели заедно со мене, секогаш), сѐ до ден пред мастерингот.

Гостите на албумот ми се луѓе што ги почитувам, и кои имаат релевантен глас во хип-хоп музиката, но и со кои имам одлични релации, како приватни, така и професионални. Од македонската сцена на албумот се потпишуваат Алфа, Максимус Вандал, Кискинов, ЛД Пистолеро, Соулментал (Баже ДСЦ и Даре ДТ), Духот од ДОМ, Филип Фундамент и Брус (од „Легијата“ / „Фулиш грин“). Од Европа ги имаме Џабба од Франција, Бвана из Лагуне од Србија, Диџеј Ице од БиХ, додека наратор, односно водич на албумот е Теренс Мекена, шаман и авторитет на полето на психонаутиката и супстанциите што го експандираат умот, на една песна го имаме ОДБ од „Ву-Танг Клан“, легендарниот актер Робин Вилијамс, МФ ДУМ, за кого имам и посветено песна, и најекцентричниот артист на денешницата – Кање Вест.

Новиот албум на Да Џака Накот носи модерен звук испреплетен со одлична соничност и со амбиент на филм на Тарантино кога се среќава со Мориконе

Што значи изразот „концептуално замислен како збир од палиндроми“?

– Албумот носи идеја – палиндром. „Live on, no evil“ – тоа е израз што се чита исто од десно и од лево. Насловот на албумот е палиндром, како и минутажата на албумот (1 час, 16 минути и 11 секунди) и бројот на песни, 22+2 бонус траки. Модерен звук испреплетен со одлична соничност и со амбиент на филм на Тарантино кога се среќава со Мориконе.

Групацијата „Легијата“ е присутна и на последниот албум. Како од позиција на човек во полна зрелост гледаш на феноменот на младешката бунтовност изразена преку „Легијата“?

– „Легијата“ беше идеја да се обедини стилот на повеќе екипи во еден звук. Ние започнавме цело едно движење што е репер за сите генерации на хип-хопот. До појавувањето на „Легијата“ никогаш немало толку спремна хип-хоп групација која брои повеќе од осум членови. Се сомневам дека некогаш повторно ќе имаме таков квалитет собран на едно место, во еден момент, со една цел. Патем, работиме на нов проект што треба да излезе во 2024 година (следејќи го циклусот од по осум години во кои вадиме албум, симболично со бројот на членовите и со симболот за бесконечност – превртена осумка) и земено в предвид дека сме возрасни луѓе со семејства, обврски и со илјадници километри помеѓу нас, треба да биде настан од космички пропорции што ќе влијае на времето и на просторот.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 147, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 24-25 септември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот