РАЗГОВОР со д-р Марија Личеноска: Ако се плашиш дека ќе се разболеш, подобро е да не бидеш доктор 

Моите најголеми предизвици се да испратиш пациент на нозе, пациент за кој си се посомневал дека ќе преживее. Тоа е мојата најголема радост и мојата најголема награда, вели анестезиологот Личеноска.

Додека мнозинството сме во домашна изолација, докторите се во првите борбени редови со коронавирусот. Како им минува денот, дали се соочуваат со страв, какви се предизвиците, размислувањата, како се заштитуваат и во што веруваат, на овие прашања ни одговара доктор Марија Личеноска, специјалист по анестезиологија, реанимација и интензивно лекување во Градската општа болница 8-ми септември.

Со каква мисла се будиш пред да отидеш на работа?

– По природа сум оптимист и позитивен човек, така секој почеток на денот ми почнува со позитивна мисла дека го дочекавме, јас и моите најблиски, и овој ден. Уживам во ситните работи генерално, па и во утринските ритуали. Уживам во топлиот утрински туш, особено го сакам првото утринско кафе кое го пијам сама, во тишина или со музика, и полека се припремам за работа.

Што најмногу те плаши во текот на работниот ден и како се справуваш со стравот?

– Секогаш сум велела, а така ги учам и младите специјализанти, дека покрај големото искуство, секогаш може да наидете на ситуација која не сте ја виделе досега или со која не можете да се справите, или да се снајдете. Во медицината никогаш два и два не се четири и немојте да помислите дека сè знаете – јас сè можам, јас сè сум научила…Во работата и воопшто во животот, постојат чудни начини кои ќе ви докажат дека тоа не е така. Со стравот се справувам, обидувајќи се да бидам смирена во тој момент. Зашто ако треба да решите некоја ситуација, а стравот преовладува, вашите одлуки нема да можат да бидат правилни, соодветни. А, многу често во нашата работа мора да се донесат многу брзи и соодветни одлуки. Секако, за смиреноста треба искуство и тренинг. Кога ќе се реши состојбата, отпосле навира стравот што сè можело и како можело да се случи, па некако се чувствуваме како издишан балон или како воз да ве прегазил.

Како се справуваат пациентите со сопствениот страв или заболувања?

– Нема човек кој не се плаши од билокаква болест, од операција. И ние докротите се плашиме. Особено ние се плашиме затоа што знаеме што сè може да се случи. Мојот дух е ведар и покажувам огромна емпатија кон пациентите, разговарам со нив, ги тешам, им објаснувам што ќе се прави, правам шеги со нив, разговарам на најобични теми, ги убедувам дека сè ќе биде во ред, сè со цел да го ублажам нивниот страв, да сфатат дека се во вистински раце, дека нема од што да се плашат.

Овие денови сме преплавени со низа информации за заштита од коронавирусот, во каква заштита ти веруваш?

– Точно е дека отсекаде доаѓаат различни информации, „полудени“ сме од ваква или таква заштита, од препораки од Светската здравствена организација па сè до препораки за треви, чаеви, бабини деветини, и не знам какви лекови. Како лекар ги претпочитам препораките на СЗО и тие ги следам. Како здравствени работници си имаме свои протоколи како треба да се однесуваме, како да се заштитиме, но препораките кои ќе ги дадам до обичнит граѓани се: не излегувајте од дома освен за итна потреба, социјална дистанца, исклучителна хигиена на раце и целото тело, заштита со маска и ракавици доколку морате да излезете, пазарењето да биде во поголеми количини за поретко да излегувате да пазарите, дезинфекција на амбалажата на тоа што ќе го купите, дезинфекција на станот. Сепак, најважно е да седите дома. Прочитав една студија во која пишува дека вирусот се задржува во воздухот три часа, на бакарот – дваесет часа, на картонот -педесет часа, на челикот -деведесет часа, на пластиката уште подолго, затоа е важна хигиената на продуктите кои сте ги купиле. Според друга студија, направена од доктор во Кина на пациенти кои биле изолирани дома, а биле позитивни на Ковид-19, вирусот во станот најмногу се задржува во тоалетот. Затоа апелирам тоалетот да биде чист.

Најлесно е да се коментира на социјалните мрежи, полесно е да се коментира од втората или третата линија, а најтешко е да се биде во првите борбени редови со коронавирусот. Што точно гледаш од тој прв ред?

 – Секако дека имам страв. Нормално, сите се плашиме. Сепак би одговорила со еден цитат кој го најдов на Фејсбук, од еден доктор од Италија, Џанпјеро Гирон, 85- годишен анестезиолог кој волонтерски се пријавил да работи во оваа дадена ситуација, во оваа огромна криза во Италија. Тој вели, „кога ќе решите да бидете доктор во животот, вие знаете дека свесно влегувате во ризик. Јас сум дал заклетва за тоа. Дали да се пашам дека ќе се разболам? Во тој случај подобро е да не бидеш доктор“. Апсолутно и јас стојам зад оваа девиза.

Кои се твоите најтешки предизвици на анестезиолог?

– Секој ден е за мене предизвик. Секогаш велам дека нема мала и голема анестезија, нема полесен или потежок пациент во однос на болеста, па така, секој пациент е посебна приказна за себе. А моите најголеми предизвици се да испратиш пациент на нозе, пациент за кој си се посомневал дека ќе преживее. Тоа е мојата најголема радост и мојата најголема награда.

Со каква мисла се враќаш дома?

– Најчесто сум повторно позитивна, освен ако нешто навистина не тргнало на добро во однос на работата. Се трудам кога одам кон дома работата да ја оставам зад себе и кога ќе дојдам дома да му се посветам на моето семејство. И да се случило нешто лошо, паѓам, станувам, си ја поправам, условно кажано „круната“, и продолжувам понатаму. Секако кога си одам се трудам да бидам смирена, затоа што секогаш моите напори и намери биле добри, а моето срце чисто.

Марија со синот

Како би го минувала своето време доколку си во изолација?

– Веројатно не би било лесно, но секогаш може да се најде забава, книга, телевизор, некои нови рецепти, можеби да откриеш некој свој талент, нов, којшто си го потиснал во себе. Некогаш е убаво и така да седиш сам и да молчиш, како во јогата со која се бавам неколку години. Се вели ако не можеш да излегуваш надвор заврти се внатре, одговорите ќе ги најдеш во себе. Пред две години бев на еден семинар кој се викаше Семинар на молчење. Ние бевме во група, но никој не смееше да зборува со цел сите да се завртиме кон себе. Можеби и ова е добра прилика сите да се завртиме кон себе, да се анализираме, да видиме кај сме и што сме, и да ги поправиме работите кои сметаме дека треба да ги поправиме. И сега тоа го правам секојдневно со нашите инструктори „онлајн“, медитираме со посебни начини на правилно дишење што сметам дека е апсолутно добар метод за зајакнување на имунитетот.

Земајќи го предвид твојот музички талент, колку музиката може да биде лековита во овие денови?

– Музиката е моето второ јас. Како мала одев во музичко ушилиште, свирев на клавир. Меѓутоа, за жал, не го довршив бидејќи главната пасија всушност ми беше пеењето. Ете, природата ме дарила со убав глас и околу дваесет години бев во хор. Уште од основно училиште бев во „Развигорче“, а потоа во младинскиот хор под водство на еминентниот хорски диригент Запро Запров. Беше аматерски, но на ниво на професионален хор. Патувавме многу, се забавувавме, имам многу убави искуства со тој хор. Пеењето е нешто што е апсолутно дел од мене. А дека музиката е лековита, тоа е и научно докажано.

Што би им порачала на граѓаните?

– Ова е за жал време на невреме, сега треба да се покаже колку сме самосвесни. За жал, гледаме дека не сме уште баш многу свесни, но се надевам дека тоа ќе се поправи. За жал, исто така, моето искуство покажало дека и нашата здравствена култура не е на многу високо ниво, веројатно и од ова ќе извлечеме некаква поука. Ова е време на човечност, солидарност, секој на секого мора да помогне. Мора да излеземе од ова и се надевам дека секако ќе излеземе од оваа криза, се надевам со што помалку починати и барем да изведеме некаква поука за човечност и за некои морални вредности кои, за жал, во последнава деценија некаде сме ги изгубиле. И најважното од сè, не паничете, организирајте се. Седите дома. И онаа девиза која постојано се врти на социјалните мрежи – јас сум на работа за вас, а вие бидете дома за нас.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот