Разговор со д-р Јехона Спахиу Јанчевска: Впечатливото сликарство во црквата Св. Никола Топлички како истражувачки предизвик

Д-р Јехона Спахиу Јанчевска е историчар на уметноста, вработена во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје како конзерватор советник – стручен работник за уметничко наследство од византискиот и поствизантискиот период (IX-XVIII век) во Одделението за уметничко наследство, Сектор за истражување и конзерваторско проектирање на недвижно културно наследство.

Минатата година за д-р Јехона Спахиу Јанчевска беше исклучително плодна, активна и исполнета со голем број проекти и ангажмани, особено од областа на заштитата на културното наследство, потоа учество на конференции, објавени научни трудови, а ја организираше и изложбата „Свети Меркуриј воинот и неговиот триумф низ вековите“, одржана во НУ Музеј на РС Македонија, октомври – ноември 2021. Повод за нашиот разговор е објавувањето на нејзината книга „Црквата Свети Никола во Топличкиот манастир“.

Првите денови од годината ти се во знакот на книгата „Црквата Свети Никола во Топличкиот манастир“. Станува збор за обемно дело. Колку време ти требаше за да стигнеш до финалниот продукт?

– Книгата „Црквата Свети Никола во Топличкиот манастир“, којашто има 463 страни, со тврд повез и е во издание на Центарот за културно и духовно наследство, излезе од печат при крајот на минатата 2021 година. Меѓутоа, со оглед на подготовките и процесот на печатење, празничните денови и особено состојбата со пандемијата, таа навистина ми го одбележа почетокот на оваа година за кога е планирана и промоцијата.

Монографијата е резултат на моите долгогодишни истражувања посветени на целокупниот опус на врвниот и талентиран зограф од XVI век, Јован од Грамоста, и особено на едно од неговите најзначајни потпишани остварувања, сликарството во топличката црква Свети Никола. Покрај досегашните анализи, проучувања и објавени трудови, книгата во голем дел е произлезена и од мојата докторска дисертација, одбранета на Филозофскиот факултет во Скопје. Подготовките за финалниот производ се одвиваа во текот на изминатата година, особено со неколкумесечна интензивна работа на ликовно-графичката и компјутерската обработка од страна на уредникот м-р Дарко Николовски, кој со голема умешност, креативност и професионалност успеа моите замисли и идеи да ги преточи и обликува во вакво репрезентативно издание. Објавувањето на книгата е финансиски помогнато од Министерството за култура, за што изразувам длабока благодарност.

Монографијата е резултат на моите долгогодишни истражувања посветени на целокупниот опус на врвниот и талентиран зограф од XVI век, Јован од Грамоста / Фотографија: Владимир Јанчeвски

Зошто се одлучи да ја истражуваш црквата Свети Никола во Топличкиот манастир?

– Мојот интерес за византиската и поствизантиската уметност започна уште во училиштето за применета уметност „Лазар Личеноски“, каде што завршив на отсекот сликарство, а по некоја чудесна игра на судбината дел од дипломската работа ми беше поврзана со иконопис. Интересот продолжи и се продлабочи за време на студиите на Институтот за историја на уметноста и археологија на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што магистрирав и докторирав, а воедно бев и долгогодишен соработник. Во текот на студиите се „запознав“ со црквата Св. Никола Топлички, чиешто впечатливо сликарство претставува едно од најдобро зачуваните декоративни ансамбли од првата половина на XVI век на македонска почва. Фактот што за обновата на храмот и за живописувањето се врзува влијателниот кнез Димитар Пепиќ од Кратово, потоа покровителството на охридскиот архиепископ Прохор, а за сликањето зографот Јован од Грамоста кој се потпишал во припратата, но и дилемите околу авторството на ѕидното сликарство во преостанатите простори на црквата, беа главниот истражувачки мотив и предизвик.

Што содржи книгата?

– Книгата претставува сеопфатна научна студија за еден од најрепрезентативните споменици од поствизантиската епоха на македонската територија. Трудот е структуриран во неколку одделни поглавја кои се однесуваат на црковно-историските и културно-уметничките прилики во XV и XVI век, историографскиот корпус на храмот, историјата на манастирот, којашто е реконструирана благодарејќи на зачуваните пишани документи, но и многубројните ктиторски натписи и потписот на зографот во самата црква. Во посебни поглавја се обработени архитектонските карактеристики на храмот, потоа сликарската програма и иконографските специфики во сите компартименти, поточно во наосот и во олтарот, во припратата и во северниот параклис, понатаму иконите и резбата, како и стилските одлики на ѕидното сликарство и на иконописот. Особено внимание е посветено на творештвото на зографот Јован од Грамоста во кој е вклучен и табеларен хронолошки приказ на неговите датирани, потпишани и атрибуирани дела. Сите аспекти на истражувањата се сублимирани во заклучните согледувања по кои следи резимето на англиски јазик.

Книгата е придружена со богат илустративен материјал, односно со деталните и прегледни архитектонски планови и цртежи изработени од архитектот м-р Кире Ставров и особено со многубројните фотографии, мајсторски изведени од Владо Кипријановски, професионален фотограф, и од историчарите на уметноста м-р Мишко Тутковски, м-р Оливера Макриевска и м-р Дарко Николовски. Во неа е содржан и долгиот список на користени библиографски единици, како и општиот и иконографски индекс коишто го олеснуваат пребарувањето на одделни термини и поими. Книгата е крунисана со извадоци од рецензиите на двајцата еминентни професори, проф. д-р Миодраг Марковиќ од Филозофскиот факултет во Белград и редовен член на САНУ и проф. д-р Елизабета Димитрова од Филозофскиот факултет во Скопје.

Книгата претставува сеопфатна научна студија за еден од најрепрезентативните споменици од поствизантиската епоха на македонска почва

Освен монографскиот карактер, какво е значењето на книги од овој вид за македонското културно наследство?

– Со книгите од овој вид на научната фела, на љубителите на културното наследство, но и на пошироката публика им се презентираат историските димензии и податоци, архитектонските одлики, програмските, иконографските и стилските специфики на одреден храм. Како трајно сведоштво за нашето богато културно-историско минато, тие придонесуваат за зголемување на интересот и за подигање на свеста за значењето на културното наследство, особено во насока на неговата грижа, заштита и афирмација и во пошироки географски рамки.

Има ли и други објекти што на истиот начин би ги истражувала?

– Истовремено со Топличкиот манастир и особено со творештвото на зографот Јован од Грамоста, моите научни истражувања и проекти биле и се насочени и кон многу други теми од византиската и поствизантиската уметност, но и од областа на заштитата на културното наследство. Такви се темите поврзани со манастирот Журче, „Страшниот суд“ во црквата Св. Ѓорѓи во Бањани, хагиографските циклуси и поединечните претстави на одредени светители, ѕидното сликарство и иконописот во неколку цркви итн.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 113, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 22-23 јануари 2022)

Видео на денот