Разговор со Бистра Георгиева: Умешноста да се фантазира е значајна независно од времето во кое живееме

Необичната сликовница „Џиновска продавница на фантазии“, која ја претставува детската фантазија како безгранична, нелогична, разиграна, смешна и максимално креативна, неодамна доби свое издание на шпански и на каталонски јазик.

Сликовницата „Џиновска продавница за фантазии“ на Бистра Георгиева на македонски јазик беше издадена лани во издание на „Либи“, дел од „Арс ламина – публикации“. Шпанското издание го објави издавачката куќа „Трамунтана“, додека цртежите во двете изданија се дело на шпанската илустраторка Моника Каретеро.

Авторката Бистра Георгиева својата професионална кариера ја почнала како волонтер во филмот „Сенки“ на Милчо Манчевски, а потоа работела на неколку филмски проекти. Шест години била дел од невладината организација „ОХО“, со ангажман на проектот „Пет плус“. Има напишано и сценарио за цртаниот филм „Едно поинакво пријателство“. Три години била уредник во „Фчерашни новости“, а последниве две години работи како раководител на канцеларијата МЕДИА Деск МК на Креативна Европа. Во слободното време се занимава и со други креативни работи.

Веројатно отсекогаш сум имала идеи за детски приказни, но не сум нашла начин да ги канализирам

Како се случи сликовницата „Џиновска продавница за фантазии“ да биде преведена на шпански јазик?

– Еден ден добив СМС на шпански јазик од Моника (илустраторката на сликовницата) и бидејќи не го разбирам јазикот веднаш, го препратив да ми го преведат. Во тој СМС стоеше: „Бистра, многу сум среќна. Една од најпознатите издавачки куќа за деца во Шпанија е заинтересирана да ја издаде нашата книга“ – и еве година и пол подоцна се реализираше.

Како се најдовте со шпанската илустраторка Моника Каретеро за заедничка соработка?

– На Фејсбук ја следев нејзината работа и еден ден кога требаше да се илустрира мојата прва сликовница „Приказна за Ото, Ото и Ото“ ѝ пишав. Таа беше воодушевена од приказната и со задоволство прифати да ја илустрира.

Шпанската илустраторка Моника Каретеро вторпат соработува со Бистра Георгиева

Според Вашата биографија, од каде за еден дипломиран социолог, магистер по комуникации и со завршен филмски колеџ се појавија интересот и желбата да прави сликовници, и тоа џиновски?

– Веројатно отсекогаш сум имала идеи за детски приказни, но не сум нашла начин да ги канализирам. Тоа првпат го сфатив кога почнав да им измислувам приказни на моите внуци. А подоцна прв, Пеце Талески – директор на „ОХО“ (продукцијата на детската серија „Пет Плус“), каде што работев во тоа време, ми рече: „Јас те барам како автор, настрана од тоа што работиш тука. Седни и напиши една детска сликовница“. За што сум му искрено благодарна.

Колку поттикнувањето на фантазијата, не само кај децата, туку и кај возрасните е битно во денешното глобализирано општество, кога сѐ ни е достапно со еден клик на интернет?

– Мислам дека умешноста да се фантазира е значајна независно од времето во кое живееме. Кога јас растев, немаше интернет, а мајка ми секојдневно, преку нејзините приказни и разговори со мене, ми ја поттикнуваше фантазијата. Но, секако дека денес, кога сѐ ни е достапно, фантазијата може да служи како некој вид прибежиште во кое не постојат никакви граници ниту правила.

Последниве две години раководите со МЕДИА Деск МК на Креативна Европа. Филмската и аудиовизуелната дејност, како и видеоигрите, издаваштвото, дизајнот, се дел од креативните индустрии, кои се многу значајни во глобални рамки. Колку кај нас успеваме да го искористиме потенцијалот на креативните индустрии?

– Она што можам да го забележам откога го водам МЕДИА Деск МК, е дека навистина луѓето кај нас, кои несомнено отсекогаш со своите идеи и креативен капацитет биле конкурентни на нивните европски колеги, во последно време учат и како тоа да го материјализираат. Во смисла дека станаа свесни што значат европските програми, како се аплицира и колку таа финансиска поддршка е значајна за да се реализираат многу креативни идеи.

Најпосле, сите ние кои сме од другата страна како публика, исто така уживаме кога сме сведоци на успешни проекти. А оваа година, чинам, ќе биде и една од најуспешните, бидејќи досега од Креативна Европа – потпрограмата Култура и МЕДИА, македонски проекти добија повеќе од 800.000 евра, а до крајот на 2020-та очекувам уште неколку поддржани проекти.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 43, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 8-9 август 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот