Разговор со Билјана С. Црвенковска како дел од кампањата „Читаме современи македонски автори“

Во спомен-собата „Т’га за југ“ во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, на 6 октомври, во 19 часот, ќе се одржи разговор со Билјана С. Црвенковска, авторка на книгата „Девет приказни за госпоѓица Сит “, книга за месец октомври во рамките на кампањата „Читаме современи македонски автори“.

Билјана Црвенковска е писателка, сценаристка, уредничка и преведувачка, магистер по филозофски науки. Главен уредник е во издавачката куќа „Чудна шума“, како и во истоименото е-списание за деца. Пишува книги за деца и млади, но и проза, поезија и сценарија за ТВ и анимирани серии.

Има напишано повеќе романи за деца, меѓу кои: „Што сонуваше Дедо Мраз“, „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“ и наградуваниот „Sвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“. Автор е на сликовниците и сценаријата од серијалот „Светот на Биби“, како и на наградуваната сликовница „Невидливата куќа“, илустрирана од Ване Костуранов.

Има добиено повеќе награди и признанија за нејзините романи и сликовници, меѓу кои и наградата „Ванчо Николески“, која ја доделува Друштвото на писателите на Македонија, за книгата „Приказни за добра ноќ на мама Ана“ за 2020 година.

Со нејзините два романи за возрасни, „Девет приказни за госпоѓица Сит“ и „Куќа над брановите“, влезе во најтесен избор за наградата Роман на годината на Фондацијата „Славко Јаневски“.

Црвенковска е креатор и автор на сценаријата за анимираните филмови од серијалот „Светот на Биби“, а еден од сценаристите е и на сериите за деца „Пет Плус фамилија“ и „Зоки Поки“. Нејзините книги и раскази се преведени на српски, англиски, француски, германски, украински, албански, руски, словенечки, полски, турски, хрватски и чешки јазик. Член е на Друштвото на писателите на Македонија.

Разговорот со Билјана С. Црвенковска ќе го води Александра Јуруковска, а фрагменти од книгата ќе чита актерката Ива Милчова.

Кампањата „Читаме современи македонски автори“ има за цел да ги доближи делата на современите писатели до читателите. Читањето на домашните автори значи поддршка за нивното творештво, за македонското издаваштво и за македонскиот јазик.

Влезот за настанот е слободен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот