Разговор со Биљана Кајевиќ: Сакам да ги ловам душите низ браздите на лицето

Најпредизвикувачки ми се ликови со изразени карактеристики, стари луѓе чиј лик е книга со записи, интересно ми е да ги ловам душите низ браздите на лицето, да им ја читам животната приказна во несовршеностите, во контрастите.

Уметницата Биљана Кајевиќ, родена во Скопје, каде што заврши Факултет за ликовни уметности во класата на професор Рубенс Корубин, веќе 20 години работи како слободен уметник, графички дизајнер и илустратор на разни  проекти – дизајн на поштенски марки, дизајн на витражи, графички дизајни, илустрации. Реализирала над 20 самостојни и групни изложби во Македонија, Србија, Бугарија, Италија, Австрија, Германија, Данска, Обединети Арапски Емирати и САД. Авторка е на дизајнот на витражот во Музејот на Македонска борба. Авторка е и еден од кураторите на меѓународната изложба „Тајм колекторс“ („Time collectors“) поставена во Националната галерија „Чифте амам“ и во Музејот на Битола. Нејзиниот дизајн на поштенската марка „Кошарка“ од серијата Олимписки игри во Атланта влезе во финалето за наградата „Олимпија“ во организација на МОК и Меѓународната федерација на олимписката филателија на светско ниво. Добитничка е на Златен медал на „2016 Паб вест боук дизајн авардс“ (2016 Pub West Book  Design Awards) и Сребрен медал на „Индепендент паблишер бук авардс“ (Independent Publisher Book Award). Биљана Кајевиќ моментално живее и работи во САД.

Во САД има клиенти заинтересирани за секаков вид уметност, има многу луѓе, многу пари, многу уметници, за секого има простор и можност.

Кога и како те одведе патот во САД и освен со уметност, со што си преукупирана во моментов?

– Често знам да кажам дека во Америка сум несакајќи. Ништо не беше планирано, ниту премногу посакувано, едноставно се случи. Добив зелена карта на Лотаријата што ја организира владата на САД и одлучив да проверам што е тоа што ме насочува на тој животен пат. Тоа беше пред речиси две години. Времето лета за едни работи, а ползи за други, не е долг период за да се чувствувам одомаќинето тука, ниту краток за да се чувствувам како гостинка. Со пандемијава многу работи се променија, нема услови да се прави којзнае што, движењето е ограничено, социјалниот живот е минимизиран, така што не сум преокупирана со ништо особено, освен со уметност. Работам на нарачки на портрети кога ги имам и на некои свои проекти, кои се надевам ќе ги реализирам кога работите ќе се нормализираат. Останатото време го поминувам во секојдневни активности, кои ги зачинувам со малку имагинација за да ја заобиколам рутината.

Каков е патот на пробивање како дојденец од друг континент во американската уметничка фела, каде што конкуренцијата е огромна, а каков на стекнување публика?

– Рано е за да можам да кажам дека сум дел од нивната сцена, пробивањето на места каде што конкуренцијата е огромна секако дека е само по себе тешко, кога доаѓаш од друг континент е уште потешко, а сега, во овие услови на глобална пандемија и кога сите работи стопираа е најтешко, галериите се затворени, нема изложби, нема продажби, останува единствено да се фокусираш на онлајн-делување. Меѓутоа, јас веќе 8 години работам за издавачката куќа „Лаертес“ („Laertes“) од Северна Каролина како нивен илустратор и портретист. Мојата експонираност на овој континент во најголем дел доаѓа преку нив, од контакти и соработки со ликовите кои ги портретирам, драмски писатели од цел свет, до освојување на престижни награди, како на пример Златен медал за дизајн на корица на Паб вест наградите за земјите од англиско говорно подрачје во светот и Сребрен медал за истото на „Индепендент паблишер бук авардс“.

8 години работам за издавачката куќа „Лаертес“ („Laertes“) од Северна Каролина како нивен илустратор и портретист.

Фасцинантна е твојата серија на портрети нацртани со молив. Какви лица те предизвикуваат да ги нацрташ?
Најпредизвикувачки ми се ликови со изразени карактеристики, стари луѓе чиј лик е книга со записи, интересно ми е да ги ловам душите низ браздите на лицето, да им ја читам животната приказна во несовршеностите, во контрастите, плус сум некако емотивно поврзана со старата популација од мои внатрешни причини. Иако, секој лик си носи своја приказна, која е предизвикувачка на свој начин, а мојата цел е да ја „уловам“ преку цртеж.

Какво лице има македонската жена на твоите уметнички дела?
Моите женски портрети немаат географска одредница, тоа се имагинарни ликови, а оние што ги работам по нарачка, за жал, најмалку се од Македонија. Имам еден проект наречен „Бруха“ (на шпански – Вештерка) кој беше изложен во Њујорк, каде што преку друг медиум – фотографии на девојки, жени, поголем дел од Македонија, се обидувам да ја извлечам на површина скриената или потисната женска енергија. Мојата перцепција за македонската жена која би ја втиснала во нејзин портрет е – слободна, моќна – со моќ изродена од внатрешна сила и мека – со смиреност произлезена од нејзината суштина, креатор на живот.

Моите женски портрети немаат географска одредница, тоа се имагинарни ликови, а оние кои ги работам по нарачка, за жал, најмалку се од Македонија.

Портретите за сликарите се најголем предизвик. Како се прави добар портрет?

– Има различни рецепти, во зависност од вкусот, медиумот, техниката на работа. Мојот рецепт е реалистичен пристап кон цртежот, техничка прецизност, фокус на одредена карактиристика на ликот и специјалниот додаток – медитативната состојба во која се наоѓам додека цртам.

Освен на хартија и платно, сликаш и на дрво. Дали боите што ги користиш се поврзани со содржината на сликата, или со моментната внатрешна состојба на душата?

– Попрецизно, цртам на дрво. Портретите ги работам со туш и перце на дрвена подлога, а бојата најчесто ја користам само како акцент, како позадина или дел од облека. Доста користам златна фолија, можеби главната симболика ми е таму, не толку во бојата. Контрастот меѓу дрвото, цртежот, бојата и 3Д ефектот, кој го дава златната фолија ми е интересен за истражување, сликата или цртежот добиваат посебна димензија, а симболично и естетски резонираат со мене.

Има ли класичното, штафелајско сликарство иднина?

– Можеби ќе звучи како клише ако кажам дека уметноста воопшто, па и класичното штафелајско сликарство – се безвремени, немаат ниту минато, ниту иднина, вредноста на делото ја сочинуваат и други квалитети, не само современоста која кореспондира со одреден историски, временски период. А за попрагматичните аспекти од типот – дали има публика, дали се продава, дали е интерес на колекционери и галерии, тоа е малку покомплицирано. Зависи од местоположбата на уметникот и економскиот и културен степен на развој на средината во која се наоѓа… Во средини, како Америка, има клиенти заинтересирани за секаков вид уметност, има многу луѓе, многу пари, многу уметници, за секого има простор и можност, така што одговорот би бил „Да, од тој аспект има иднина“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот