Разговор со авторот на документарни филмови Питер Зах: Филмски сведок на нашето време

Секогаш тежнеам да ги сочувам моментите од животот за некои идни генерации како архивар и сведок на нашето време / Фотографија: Сашо Н. Алушевски

Филмскиот автор Питер Зах секогаш со задоволство ја прифаќал поканата да гостува на „МакеДокс“, а годинава беше дел од жирито за доделување на наградата „Кокарче“ за најдобар студентски филм.

Младешките игри со камера и филмска лента го трасираат животниот пат на филмскиот автор и режисер на документарни филмови Питер Зах. Иако студирал медиуми, работел како снимател на тон и директор на фотографија, сепак креативната документаристика го привлекува целосно да се посвети на правење авторски филмови. Притоа гради сопствен стил на визуелен израз обидувајќи се да го архивира времето и просторот во кој живее.

Разговорот со него го направивме на 12. МакеДокс во Куршумли-ан, простор во кој се вљубил на прв поглед пред речиси десетина години.

Роден сте во Грац, но живеете и работите во Берлин. Студиравте медиуми, социологија и етнологија, но во последниве 20 години работите во областа на документарните филмови. Како се најдовте во оваа област?

– Со снимање на С8 почнав во 1975 година во Грац, правев експерименти со филмска лента, а подоцна направив краток документарен филм за фестивалот на борби со бикови во шпанската Памплона. Во 1984 година заедно со двајца пријатели го основавме филмскиот магазин „Блимп“ за да имаме каде да пишуваме рецензии за филмови, да интервјуираме филмаџии што ги сакавме и да патуваме на филмски фестивали во текот на целата година. Во 1991 година веќе живеев во Виена и тогаш го режирав мојот прв долгометражен документарен филм за џез-музичарот Валтер Мали, кој работеше како менаџер во палатата „Шенбрун“ во Виена преку ден, а навечер свиреше џез. Бидејќи во Австрија не успеав да добијам финансиска поддршка за мојот следен филм, одлучив да ја напуштам земјата и да се преселам во Берлин, кај мојата сакана дијаспора.

Пред околу 12 години го снимивте документарниот филм „Градот наречен желба“. Дали тоа беше вашата посвета кон Берлин?

– Првиот филм за Берлин го снимив во 1993 година за младите луѓе од целиот свет кои доаѓаа во Источен Берлин по падот на ѕидот. Филмот сѐ уште се прикажува во берлинските кина. „Градот наречен желба“ беше мојот втор придонес за местото што го нарекувам „дома“. Тоа е портрет за „мајката“ на сите програми за стипендии од „Берлинската уметничка програма“, основана од САД по Втората светска војна. Програмата дава можност да бидат поканети познати уметници да дојдат и да живеат една година во Западен Берлин. Во филмот повеќе интернационални уметници, кои со програмата пристигнале во Берлин, како еден вид посвета зборуваат за своето чувство кон градот.

Еден од тие уметници остана речиси целиот живот во Берлин – Арво Перт. Магијата на снимање со најпознатиот современ композитор беше како взаемна размена на подароци додека работевме на документарниот филм. Чекав повеќе од една година за Перт од Талин, каде што живееше во меѓувреме, да се врати во Берлин. Непосредно пред четиричасовното снимање во околината на Берлин, почна да вее снег. Тоа беа единствениот ден и единствените часови во текот на целата година да завее снег. А под густите снегулки што паѓаа Арво Перт и неговата сопруга на нивниот волшебен начин објаснија што им значело 25-годишното живеење во Берлин.

Мојот пристап кон снимањето филмови е во стилот на „синема верите“ и поетично кино / Фотографија: Сашо Н. Алушевски

Подоцна снимивте повеќе различни филмови. Што претпочитате да ѝ кажете на публиката со вашите документарни филмови?

– Особено ме интересира да документирам, да ги зачувам сликите и звукот од нашето време. Секогаш тежнеам да ги сочувам моментите од животот за некои идни генерации како архивар и сведок на нашето време. Се разбира, снимката треба да биде презентирана на соодветен начин. Се обидувам да ја компресирам атмосферата, да го сочувам расположението од тоа време и да ја заведам публиката да го следи животот на луѓето со кои сум во контакт и да им овозможам да нурнат во тоа време и во нивните приказни. Мојот пристап кон снимањето филмови е во стилот на „синема верите“ и поетично кино.

„Македокс“ е фестивал за кој сонував уште од времето кога работев како филмски критичар / Фотографија: Сашо Н. Алушевски

Не сте прв пат на фестивалот „МакеДокс“. Кога и како започна оваа професионална и пријателска комуникација?

– Мојот прв контакт со „МакеДокс“ беше преку Петра Селишкар и Бранд Ферро, со кои се сретнав во Љубљана на состанок за копродукција на филмот „Брезмејно“, кој подоцна премиерно беше прикажан на „МакеДокс“. Потоа во 2013 година бев поканет да бидам член на жири и уште од првиот момент кога пристигнав во Куршумли-ан почна мојата вечна љубов со сите овие страстни и вредни луѓе што го прават фестивалот. Тоа е фестивал за кој сонував уште од времето кога работев како филмски критичар: има одлични филмови, проекциите се на отворено во прекрасниот амбиент на Куршумли-ан и времето секогаш интензивно поминува во разговори со интересни луѓе.

Оваа година бевте дел од жирито за наградата „Кокарче“ на „Македокс“ и гледавте повеќе филмови од млади луѓе. Каква ќе биде иднината на документарните филмови?

– Во конкуренција за наградата „Кокарче“ оваа година беа седум студентски филмови. Сите беа прилично добри. Ми се допадна тоа што младите се осмелуваат да ја започнат авантурата во светот на документарниот филм работејќи на свој начин. Веројатно само неколкумина од нив ќе имаат доволно трпение и упорност во текот на животот за да опстојат во документаристиката, но со тоа што сега се одлучиле да снимаат добиваат шанса да се сретнат со различни култури и модели на живеење набљудувајќи ја реалноста со која претходно немале никаков допир. Често се обидувам да им помогнам со совет да ја смират својата нетрпеливост и да се фокусираат на она што се случува пред камерата за подоцна да ги создадат сопствените приказни и истории. Тоа, според мене, е најдобриот начин да се креира заедничка иднина. Значи, иднината започнува сега.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 95, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5 септември 2021)

Видео на денот