Разговор со Ана Трифуновски, вокал во „Пеперминт“: На стар предмет се додава душа со откинување на парче од својата душа

Творечкиот порив секогаш си наоѓа пат до себереализација, медиумот може и да се менува, важно е да твориме.

Еднаш уметник, цел живот уметник. Но во случајот на Ана Трифуновски, вокал во групата „Пеперминт“, интересна е дисперзијата на уметноста. Во последно време Ана нè изненадува со оригинални цртежи, но и со уметничка интервенција на стари предмети кои, по допирот на оваа уметница, добиваат одново душа.

Со музиката некако не се дружам во последно време, се заситив од јавните настапи, од свирките, ми годи индивидуалната уметност, затоа и цртањето си дојде некако спонтано.

Од музика на цртежи, кога и како си го откри овој талент?

– Мислам дека отсекогаш го сакав цртањето, дури и паметам една случка кога одев во училиште наставничката во четврто одделение после еден нацртан цртеж ми рече ,,би сакала да присуствувам на твојата прва изложба“, и толку од тоа. После тоа години не цртав сè до пред неколку месеци кога помалата ќерка сакаше да црта портрет од некоја девојка и јас се обидов да ѝ помогнам. Навистина беше изненадување за сите дома кога го земав моливот и сфатив дека знам да го правам тоа. Така почнав со портретите од девојки со молив и ми стана љубов која ме обзема и ме исполнува како ништо до сега.

На аплицираната уметност на стари предмети на кои им даваш душа, и нова функција, претходеа цртежи на ликови од жени, кои жени те инспирираа да ги нацрташ?

– Инспирацијата од женски ликови некако се залепи ,,на прва“, сакам убави црти на лицето на жените. Ете и тоа ми било пасија од мала, додека имаше модни списанија, а немаше Интернет собирав безброј слики од модни комбинации и портрети од модели, актерки, пеачки, едноставно убави жени според мојот критериум. Тоа продолжи со собирање на цели колекции на фолдери повторно со такви модни фотографии. Кога цртам пак, тоа не се конкретни ликови, едноставно излегуваат од мојата фантазија, комбинација од различни лица кои ги комбинирам во еден единствен за мене совршен женски лик.

Репарираното столче ми се смее секогаш кога ќе го погледнам, како да вика ,,благодарам што сум пак убаво“.

Како се додава душа на стар предмет?

– Е тоа е точниот термин – ,,додавање душа“ на стар предмет. Поетски кажано мислам дека тоа се прави само со откинување на парче од својата душа. Сите предмети во кои има интервенција од човечка рака, труд, време во форма на било каква уметност или занает имаат душа. Едноставно предметот заживува самиот, уметноста ви враќа со убаво чувство, репарираното столче ми се смее секогаш кога ќе го погледнам, како да вика ,,благодарам што сум пак убаво“.

Што во тебе промени коронакризата?

– Веројатно кај секого по нешто, ништо суштински важно, но сепак станав посвесна за важноста на своето и здравјето на другите иако секогаш на прво место ми било здравјето, па после сè друго. Сега знам колку многу значи слободата да гушнеш некого, да се видиш со луѓето кои ги сакаш без притоа да се плашиш за себе и за нив. Научив дека стравот нѐ заштитува, но во исто време знае да биде и нашиот најголем непријател доколку не знаеме да се носиме со тоа чувство.

Заврши Филозофски факултет, колку факултетот ти се најде при рака во секојдневниот живот?

– Факултетот или поточно книгите кои ги прочитав, луѓето кои ги запознав, професорите кои ми ги пренесоа своите искуства и знаења ми се од неизмерна корист. Секојдневно ги учам своите деца на многу важни лекции кои сум ги научила на тој факултет, но најголемата добивка мислам дека е комуникацијата, тоа е вештина која е клучна во сите меѓусебни односи и врски со луѓето во нашите животи. Од начинот на кој комуницираме зависат многу понатамошни текови, патишта кои избираме да ги одиме самите или со некој до нас.

Најмногу те нервира кога некој „филозофира“ за што?

– Во суштина сум толеранта личност и можам да комуницирам со секакви типови на карактери, но тоа не значи дека баш секој муабет или ,,филозофирање“ ми годи. Ме нервираат неаргументирани ,,празни“ разговори, неисполнети ветувања кои се повторуваат со години и тоа без трошка срам од истите луѓе. Значи велам НЕ за ,,филозофирање“ од типот ,,види колку не чини, ние сме дно, никогаш нема да не биде“, а при тоа ништо да не се преземе во врска со менување на работите, се разбира тргнувајќи прво од себе.

Која е девојката со точакот?

– Ако алудирате на мене, не не сум, веројатно не сум, а можеби и сум, не само јас туку секоја девојка која сака да се види и препознае во тој текст. Песната е на Горан, не би зборувала во негово име иако мислам дека секогаш пишува за сите луѓе, за сите девојки, за сите парови, така што девојката со точакот е секоја една девојка на точак, секоја девојка која љуби и која е љубена.

Асоцијација си за колоритност, зошто се опкружуваш со бои? Која боја најубаво би те опишала?

– Интересно е тоа што многу ги сакам боите, а не ги користам во цртањето. Боите некако ја опишуваат мојата личност, сакам весели колоритни дезени кои ме потсетуваат на детската невиност каде нема ограничувања во комбинирање на боите. Се восхитувам на боите кои природата ги има во неограничени нијанси и комбинации. Многу ги сакам цвеќињата, и сите цветни дезени, хипи модата, едноставно колоритот ме потсетува на радост, среќа, невиност и слобода. Оттаму и ниедна конкретна боја не ја поистоветувам со себе, мене ме опишуваат сите бои и многу нивни нијанси.

Подготвувате ли нешто ново на музички план?

– Со музиката некако не се дружам во последно време, се заситив од јавните настапи, од свирките, ми годи индивидуалната уметност, затоа и цртањето си дојде некако спонтано. ,,Пеперминт“ е комплетен производ на Горан, и се надевам дека ќе продолжи да живее и покрај оваа принудна пауза поради моменталната состојба која ја живееме сите. Творечкиот порив секогаш си наоѓа пат до себереализација, медиумот може и да се менува, важно е да твориме.

Инспирацијата од женски ликови некако се залепи ,,на прва“, сакам убави црти на лицето на жените.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот