Разговор со Александра Стратимировиќ: Светлината секогаш создава магија ако се употреби на вистински начин

Третото издание на „Скопје лајт арт дистрикт“ презентираше визуелни уметнички проекти на 18 локации, а граѓаните можеа да ја следат „зелената патека“ која од Камениот мост се протегаше до Градскиот парк.

Уметнички директор и селектор на „Скопје лајт арт дистрикт“ е визуелната уметница Александра Стратимировиќ. По потекло таа е од Белград, а веќе 20-ина години живее и работи во Шведска. Завршила применета уметност, но нејзиниот основен материјал за работа е светлината. Пред три години била поканета да помогне во иницијативата за основање на фестивалот на светлината и оттогаш секоја година доаѓа во Скопје.

Како се случи веќе трета година да бидете уметнички директор/селектор на фестивалот „Скопје лајт арт дистрикт“?

– Од првата година сум вклучена во фестивалот „Скопје лајт арт дистрикт“, а на некој начин сум еден од основачите на фестивалот. На иницијатива на Филип Аврамчев, директор на Универзална сала, и на градот Скопје бев поканета да разговараме околу визијата за идниот фестивал на светлината, така што заеднички дојдовме до идејата како би требало да изгледа „Скопје лајт арт дистрикт“ (СкЛАД). Желбата ни беше манифестацијата да се обраќа на сите граѓани на Скопје и да биде на високо уметничко ниво за да можеме да понудиме нешто специјално. Насловот го дадовме со намера секоја година да можеме тој дистрикт да го поместуваме.

Првата година локацијата на фестивалот беше во Старата чаршија и навистина беше магично. Таа година бев вклучена како визуелен уметник со мои светлосни дела. Веќе следната година бев избрана да бидам уметнички директор и селектор на делата што ќе бидат презентирани. Од втората година организираме јавен повик за уметници од целиот свет. Втората година дистриктот беше на релација од Старата чаршија кон Градскиот парк. Имавме голем број одлични уметници од странство, а беа вклучени и локални уметници. Од самиот почеток нашата желба беше да се отвориме кон локалната сцена. Тоа не одеше лесно, бидејќи светлосната уметност тука не беше доволно истражена, но веќе во третата година работите почнаа да се менуваат. На третото издание, што заврши на 22 август, имавме голем број локални уметници.

Третото издание по многу работи беше специфично. Една година однапред одлучивме дистриктот да биде Градскиот парк и концептот да ни биде поврзан со идејата за „зелен град“, за зачувувањето на природата и улогата на човекот во проблемот со иднината на оваа планета.

Имавме добиено повеќе уметнички проекти, а сето тоа се случуваше пред пандемијата, која комплетно нѐ помести. Сепак, одлучивме да го одржиме фестивалот, иако низ светот повеќе манифестации од овој тип беа откажани или префрлени за следната година. Останавме на идејата да ја одржиме културата во живот и на граѓаните на Скопје да им понудиме визуелна уметност и уметнички визии за иднината. Некои проекти на странски уметници моравме да ги откажеме, бидејќи не беше можно авторите да ги донесеме во Скопје и не беше можно проектите да ги изведеме без нивното присуство. За среќа, така се отвори простор да се оствари соработка со повеќе локални уметници.

Со финалните резултати навистина сме многу среќни. Како тим на СкЛАД направивме три уметнички дела како подарок за граѓаните. Нашата екипа е составена од повеќе стручни лица од областа на техниката и видеото, како и креативни дизајнери.

Фестивалот во Скопје за само три години стана препознатлив и доби разнолика публика. Како од Вашата позиција гледате на растежот на фестивалот?

– Доколку СкЛАД се поддржи со финансиски средства, како уметнички директор гледам многу позитивно на неговиот развој. Како што фестивалот ќе расте, така ќе правиме поубави и повозбудливи проекти. Имаме многу идеи и веќе се радувам на следниот чекор на СкЛАД.

Самата сте визуелна уметница, која создава дела со светлина. Како ја почувствувавте страста за работа со светлосниот дизајн?

– Главен медиум со кој работам е светлината, која е невидлива сѐ до моментот кога ќе допре некоја површина. Мојата работа главно е „сајдспецифик“, бидејќи кога се работи со светлина се работи и со просторот, со амбиентот, со атмосферата, со динамиката на просторот. Тоа за мене е возбудлив начин на работа. Кога размислувам за моите проекти главно размислувам за просторот. Најчесто правам проекти за специјални простори и на лице место ја наоѓам инспирацијата. Светлината со која работам може да биде дневна, вештачка, а често работам и со темнината.

Светлината секогаш создава магија ако се употреби на вистински начин. Кога добро ќе се запознае како материјал со светлината може да се направат магични работи. Со дневната светлина живееме секој ден, но со вештачката светлина, која е изум на човекот, секогаш треба да внимаваме како се служиме со изворите на светлина. Со светлината може да се направи магија, но и опасни работи кои може да пречат, кои се непријатни за окото или за природата наоколу.

Александра Стратимировиќ (Фотографија: Тина Акселсон)

По потекло сте од Белград, живеете во Шведска, а веќе три години доаѓате во Скопје. На кои локации Ве носи Вашата работа?

– Во Белград завршив на факултет за применета уметност, но многу брзо по студиите се преселив во Стокхолм, во Шведска, каде што практично почнав да се занимавам со светлосната уметност. Веќе 20 години имам свое студио и работам на проекти што се интегрирани во архитектурата и на отворени простори. Имам повеќе проекти во Шведска што се изведени во болници, училишта, населби, метро станици и на разни други локации. Учествувам и на изложби и на фестивали на светлината. Така патот ме донесе и во Скопје, каде што секогаш работам со големо задоволство.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 46, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 28-30 август 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот