Разговор со Александра Јуруковска: Надежта секогаш ми ја крепат само непоправливите ентузијасти

Издавачот „ПНВ Публикации“ на 7 јуни во МКЦ ја промовираше книгата „2 минути и 40 реда“ со книжевни осврти и рецензии, како и новинска критика на Александра Јуруковска.

Актуелни состојби со книжевната критика во медиумите беа загатнати на промоцијата на книгата „2 минути и 40 реда“ на новинарката и книжевен критичар Александра Јуруковска. Модератор на промоцијата беше Јулијана Величковска од „ПНВ Публикации“, додека промотивна реч за книгата имаше Соња Стојменска-Елзесер, книжевен критичар и актуелен претседател на Друштвото на писателите на Македонија.

Дел од своите размисли на оваа тематика авторката Александра Јуруковска открива во разговорот за „Културен печат“.

Со каква цел ја објави книгата со избрани текстови и книжевни критики со наслов „2 минути и 40 реда“?

– Првичната желба ми беше да ги соберам на едно место текстовите што сум ги пишувала за Македонското радио – Радио Скопје пред 15-ина години, да не ги изгубам, заборавам, да не биде етер-ветер. Потоа сфатив дека од мојата прва книга „Ткаење на текстот“ е поминато доста време во кое се насобрале и доста текстови пишувани за печатените медиуми, но и за порталите. Така се роди и идејата за два дела на книгата, кои потоа се поделени на уште два (однадвор – за странски книги и однатре – за домашни книги). Секако, доминираат текстовите пишувани за македонските автори и дела во првите две децении на 21 век. Најискрената желба е книгата еден ден да биде прочитана како скромен документ, сведоштво или индекс на некои од поважните книжевни објави на македонски јазик во овие дваесет години.

Промоција на книгата „2 минути и 40 реда“ во МКЦ: Јулијана Величковска, Александра Јуруковска и Соња Стојменска-Елзесер

Каков предизвик е да се биде новинар од областа на културата или книжевен критичар во денешно време?

– Огромен, бидејќи речиси и да немаме простор на делување, а имаме многу што да кажеме. Иницијативите и борбите, како оваа на „Културен печат“ и уште неколку од сите медиумски сфери (печатени, електронски, па и новите медиуми), се оставени на човек-редакција и се бројат на прстите на едната рака. Постојат исклучоци кога на даден културен настан му се лепи политички призвук, тогаш секако дека културата станува приоритет, а со тоа и луѓето што работат во неа. Има и обратни ситуации – во тие моменти за културата се фаќаат луѓе што никогаш не посетиле ниту еден културен настан, немаат увид во континуитетот, немаат предзнаење и подготвеност, основна почит кон соговорникот и неговото дело, па апсурдноста нема крај. Полето за борба во културата е широко и речиси секогаш плодно, но, за жал, на него се гледа како на второстепено, помалку важно, нешто на што не треба да се губи време, пари, кадар. Слично е и со книжевноста и книжевната критика. Поврзани се нештата, ако нема каде да се пишува и зборува за нив, во вака мала средина може да биде погубно за сите, токму како синџирот на исхрана, некој некаде ќе остане гладен. Надежта секогаш ми ја крепат само непоправливите ентузијасти.

Колку и каква функција има книжевната критика во новите услови?

– Ако се спореди со златните години на 20 век (од 60-тите, па најверојатно до 80-тите), на која постарите генерации писатели и читатели со радост се сеќаваат како на конструктивна бура во македонската не само книжевна, ами и културна средина, денес е речиси незабележителна. Тогаш се пишувало и зборувао за одредена книга, но и за претстава, изложба, балет, филм, со денови и месеци. Дневните весници и нивните специјализирани подлистоци (на пример, „Лик“) се чекале со „точен возен ред“, се правеле емисии, часови и часови посветени на културата. Се граделе редакции со по 20 и повеќе луѓе, се вложувало во креативци кои ќе научат да следат настани, да негуваат традиција, а оттука да изградат и критериуми за препознавање на квалитетот. Според сведоштвата, тогаш постоела атмосфера на полемика за некое дело, па дури на некој начин се одредувал животот на тоа дело. Денес, во ера на многу медиуми, многу форми и формати, културата е куса дневна информација, мало рамче некаде на крајот од неколкуте преживеани весници, неколку реда на порталите. Критиката, пак, е сведена на промотивна реч, на афирмативни текстови и нивно објавување во периодиката, која често е нередовна и достапна на многу мал број читатели. Ми се чини дека и со академската критика е слична состојбата, иако неа донекаде ѝ прилега да биде позатворена. Немањето континуитет во нештата, создава вакуум што тешко се пополнува.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 84, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 12-13 јуни 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот