Разговор со Александра Јанева: Најлош коментар е оној што го немаш

александра јанева
Александра Јанева / Фото: Приватна архива

 Младата пејачка јавноста ја памети по победата на музичкото шоу „Сите наши песни“ во 2013 година како и на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“ во 2013 и 2016 година.

Александра Јанева е еден од најсвежите и прогресивни вокали во нашата земја, а музиката станала нејзино прибежиште уште како дете. Секоја нејзина песна го пронаоѓа патот до срцето на слушателите и се задржува во етерот.

Публиката и музичките познавачи коментираа дека „Макфест“ со „Врати ми го сонцето“ во 2013 година добил една од најдобрите песни победнички во последните 15 години. Што значеше ваквиот прием за тебе и за развојот на твојата кариера?

– Голем фидбек за мојата прва песна воопшто не очекував да ми се случи иако знаев дека одбрав добра песна уште кога го слушнав првото демо. Беше отсвирено само на гитара и отпеано од Ристо Самарџиев, кој патем ја напиша музиката и текстот и уште од прво слушање имаше потенцијал да прерасне во убава македонска балада. Но, како дебитант на една целосно за мене непозната сцена немав големи очекувања. Трагата што „Врати ми го сонцето“ ја остави на фестивалот, а и во мојата кариера, беше сосема неочекувана, а сепак стана многу значаен дел од мене и мојот живот. До ден-денес сите ме препознаваат по неа и се радувам што е песна што буди емоции и кај помладата и кај повозрасната публика.

александра јанева
Александра Јанева / Фото: Приватна архива

Што мислиш за музичката поп-сцена во Македонија? Дали има простор за индивидуалност или се очекува артистот да влезе во веќе постоечки шаблон?

– Секогаш внимателно ги слушам луѓето околу мене кога коментираат за музика. Еднаш слушнав нешто што ми даде повод за размислување, а тоа гласеше вака: „Кога слушаш на радио песна и веднаш знаеш кој ја пее, тогаш тој артист е единствен со таков стил и глас и не можеш да го помешаш со друг“. И навистина е така. Дали Тоше, Стиви Вондер или можеби Кристина Агилера некогаш би ги утнале на радио? Не верувам. Најпосакуванато нешто е воедно и најтешката задача на еден артист – да се издвои од другите. Популарноста е многу голем мотив за пејачите и музичарите. Сите сакаат да бидат славни и затоа најчесто ги копираат и следат оние на кои некогаш и нешто во кариерата им успеало. А, всушност, никој не може да биде ти и ти не можеш да бидеш оној другиот. Сè додека не го прифатиш процесот на разоткривање на самиот себе и не најдеш нешто автентично да дадеш од себе на публиката, ти си само уште еден пејач, но не и артист. Инаку, ми се допаѓа правецот во кој се движи во моментот македонската поп-музика и сцена. Голем дел од новите песни звучат модерно, урбано и светски. Имаме нови имиња што одлично го градат својот стил и баш би сакала да се создава што повеќе музика и хитови.

александра јанева
Александра Јанева / Фото: Приватна архива

Веруваме дека повеќето од нашите читатели би сакале да дознаат какво е чувството да се порасне пред очите на јавноста? Што изгуби, а што доби?

– По природа сум интроверт и морам да ви признаам дека на почетокот не ми одеше лесно справувањето со улогата јавна личност, особено во тинејџерскиот и адолесцентен период. Но, со текот на времето научив да балансирам и да го покажувам во јавност она што сакам да се знае за мене. Покрај тоа, добив многу љубов, многу пријатели и блиски луѓе што се вистински благослов да ги имаш во твојот живот како поддршка и преубави моменти и спомени од настапите што ќе ги паметам цел живот. А, изгубив само неколку солзи во моменти на слабост што кога ќе размислам, колку ми помогнале во процесот на созревање и ме направиле посилна, тогаш и по нив не можам да кажам дека нешто сум изгубила.

Колкав залог е оваа професија? Дали може да се живее од музика или се прави компромис?

– Од музика може да се живее, но со многу компромиси и жртви. А во време на корона може само да се преживува, до одреден момент.

александра јанева
Александра Јанева / Фото: Приватна архива

Многумина може да се пронајдат во твојата песна „Глумиме“. Какви „жртви“ зема јавниот живот и кој е твојот филтер за негативните коментари?

– Секоја јавна личност е всушност обичен човек со истите емоции како и секој друг човек. И сметам дека е сосема нормално да бидеш задоволен и среќен од позитивните или пак повреден од негативните коментари. Важно е дали ќе се избориш и која емоција ќе ја земеш и ќе ја носиш со себе низ животот. Дали онаа позитивната која во мојот случај ѝ дава насмевка на публиката или онаа негативната, обезвреднувачка, која не усреќува и не воздигнува никого. Негативните коментари ги читам, ги доживувам, ги анализирам и пробувам да научам нешто од нив. Многу често знам во себе да си реплицирам и на позитивните и на негативните коментари или, пак, репликата да ја запишам на лист и така најчесто ми доаѓа инспирација за нова песна, тоа е мојот филтер. Добро е да имаш коментари, па макар биле и лоши. Најлош коментар е оној што го немаш.

александра јанева
Александра Јанева / Фото: Приватна архива

Честите настапи пред публика дури и за најискусните актери честопати знаат да предизвикаат нелагодност. Дали и тебе некогаш те обзема тоа чувство и како се справуваш со тоа?

– Многупати сум била под стрес пред некој поголем настап, особено тогаш кога физички и здравствено сум била слаба и не било возможно да го дадам максимумот што сум сакала да го дадам. Најтешко ми беше кога почнував да пеам пред публика, на свои 14-15 години. Тогаш знаев да плачам со денови поради тоа што ме обземала трема или сум отпеала полошо од замисленото. Но, со текот на годините сфатив дека тие навидум тешки моменти ме направиле посилна и похрабра денес и на крајот од денот искуството и работата си го прави своето.

На што работиш во моментов, што можеме да очекуваме следно од тебе?

– Фокусирана сум на летниот звук од Александра во моментов. Нешто ново и различно од мене, едвај чекам да го слушнете!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот